недела, мај 5, 2024

Сите сме во Јавна Соба

Автор: Катерина Топалова

Веста со средношколска група „Јавна соба“ во која членуваат и возрасни а се споделуваат еротски содржини ја фрапира јавноста. Навистина не разбирам зошто! Јавната соба е всушност нашето општество. Огледало на се што го гледаме а пред што замижуваме, што го осудуваме а не правиме ништо да го поправиме, што го воочуваме и во исто време го игнорираме.

Избројаа дека 7500 луѓе биле дел од „Јавна соба“. Да бидеме искрени, многу повеќе се, нешто повеќе од милион ипол. Толку колку што останавме во државата. Впрочем, како одеднаш се е изненадувачки, па се прават дебати, се даваат анализи, каде сме згрешиле и како нашите деца заглавиле во „Јавна соба“ од која тешко се излегува.

Во „Јавна соба“ не влегува некој што е добро образован. Колку и да е младешкиот порив голем, колку и да му беснеат хормоните, ќе знае да ја измери опасноста.

Во „Јавна соба“ не влегува некој што е едуциран за он-лајн содржини. Нашите деца лесно можат да бидат жртви на секакви предатори бидејќи неподготвени ги пуштаме во модерниот свет. Не сме подготвени да ги спречиме зашто и ние сме неписмени за сајбер-времето. Не се подготвени ниту државата ниту институциите.

Во „Јавна соба“ не влегува никој што има сексуално образование. Нашите деца ги учи природата и многу поретко-родителите. Сексот е табу тема. Таа експлозија на емоции и потреба доаѓа природно, а кога не си образуван како, кога и по кој пат оди задоволувањето на страстите, учиш од потешкиот пат, правејќи грешки, за жал, некогаш и фатални.

Во „Јавна соба“ не влегува никој кој што следи медиуми што имаат едукативен карактер. Една од функциите на медиумите е и да образува. Посочете еден медиум кој има соодветна содржина која би можела да влијае на спречување на ваква опасност?

Од не знаење сме влезени во „Јавна соба“. Секојдневно си ги соголуваме емоциите, страстите, потребите и очајничките крици за помош. Не знаеме за мерка, не почитуваме правила, го рушиме системот и живееме во хаос. Ама хаосот ни дава зона на комоција и лажна слобода од која никако не сакаме да излеземе.

„Јавна соба“ е огледало на тоа што сме, јас, ти, тој, таа, ние и тие. Кај нас никогаш не се работи на причината, секогаш се „презема“ нешто откако ќе има последица.

И што сега? Како ќе го решаваме ова? Ќе им ги забраниме телефоните? Ќе ги тужиме креаторите на групата? Ќе ги камшикуваме тие што биле дел од неа?

Не релативизирам. Секој треба да си ја плати казната. Ама да не се правиме наивни дека не знаеме како стигнавме до ова. 

Само држава која сама си го руши образовниот систем и од своите деца со генерации креира глувци за опит, може да си ги уништи децата со еден клик.

 

Të fundit