сабота, мај 18, 2024

“НАЦИОНАЛНИТЕ“ И “НЕЗНАЧАЈНИТЕ“ ПРАШАЊА

Автор: Џелал Незири

„Арачино, нема кантонизација, има канализација“. Така напишал на својот Фејсбук профил лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, објавувајќи слики на багери што отвораат канал. Подоле во објавата се спротивните коментари од жители на Арачиново, претежно албанско село во близина на Скопје каде што победува СДСМ: не можете во 21 век да се пофалите со еден канал. Но, исто така, објавата добила многу “лајкови”.

За луѓето кои не живеат во ова село, проблемот со каналот е незначаен, но за жителите е сериозен проблем. Индустриските води и фекалната канализацијата биле извор на разни болести. Колку албански функционери ветија дека ќе го решат проблемот, но заборавија бидејќи им изгледало незначаен.

И го имаме Заев, поранешниот премиер, кој со овој канал сака повторно да освои гласови од етничките Албанци во Северна Македонија.

Фразата „нема да има федерализација, туку канализација“ беше искористена во 2016 година од страна на Заев како одговор на наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека „прифатила договори со Албанците за федерализација на земјата“. Оваа фраза е во исто време синоним за артикулацијата на СДСМ за прашања заборавени од албанските партии, кои обично се занимаваат само со големи теми. На овој начин Заев влезе во трката за гласови на етничките Албанци, со ветувања за: просечна плата од 500 евра, минимална плата од 250 евра, нови работни места, канализација, водоснабдување, чист воздух, расчистување на депонии …

Проблемот е недостатокот на креативни понуди на албанските партии. Тие не нудат оригинална и бескомпромисна борба против корупцијата, или департизирање на образованието и администрацијата, бидејќи тие ги користат овие феномени за да победат на избори, а не нудат решенија за материјалните проблеми на албанскиот граѓанин, бидејќи се чини дека се „мали проблеми“.

Дефинирање на човечките потреби на Албанците и нивно поврзување со политичко дејствување е филозофија која недостасува и продолжува да се гледа со песимизам од албанските политички движења. Недостатокот на реална политика како филозофија на политичко дејствување кај Албанците од Северна Македонија донесе последици кои се веќе видливи и опипливи. Според веродостојни истражувања, од 2006 година, 200.000 Албанци во Северна Македонија ја напуштиле татковината и избегале во странство. Значи повеќе од цел град. Причина: невработеност,  деградирано образование и здравје, перспективи, непотизам, уништување и грабеж на институции.

Политиката на идеологии од големи причини, на гетоизација и конзервација, поставена во апстрактни патетични димензии, мора да биде заменета со реална, конкретна, прагматична политика. Политичкиот фокус мора да биде на човекот или на Албанците како човечки суштества, кои имаат права загарантирани со закони и конвенции за култивирање на културен, етнички, верски идентитет, но исто така имаат и права на вработување, добар животен стандард, услови добро образование и здравје, модернизирано земјоделство и добиток, развиена економија и држава во која мирот и безбедноста ќе бидат загарантирани од страна на НАТО и ЕУ.

Функционирањето на политиката врз принципот на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија и на обврските на државата кон нив како даночни обврзници би ги префрлиле отворените меѓуетнички прашања во појасна политичка димензија, каде нивното решение би било полесно бидејќи може да се гледа од практична и прагматична гледна точка а не од идеолошка. Само со такво пренасочување на политичките фактори Северна Македонија може да стане држава со функционална демократија и еднакви граѓани во сите погледи.

Првиот чекор кон инсталирање на оваа политичка филозофија се токму предизборните коалиции меѓу македонската и албанската партија, направени врз принципите на програмска близина и претходните договори за државниот врв. Овие коалиции ќе произведат вистински понуди не само за „национални“ прашања, туку и за тие „незначајните“.

Të fundit