недела, април 28, 2024

КОЛОЗОВА: ЌЕ ГИ МОБИЛИЗИРАМЕ СИТЕ КАПАЦИТЕТИ ЗА ЕВРОПСКИ РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Реформите во образовниот систем се повеќе од потребни додека Болоњскиот процес мора да се спроведе, врли д-р Катерина Колозова во интервју за КДП.

Таа е научен советник и редовен професор на Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН) како и негова директорка. На Институтот, професор е по студии на политики, политичка филозофија и родови студии. ИОХН, заедно со Форум за разумни политики (ФРП) и Балкански институт за регионална соработка (БИРС), започна проект за поттикнување на реформи во високото образование, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.

„Целта ни е во овој процес да ги вклучиме претставниците на институциите кои се искусни, со прогресивен поглед и со кои делиме вредности – со што ќе направиме Форум на соработка, кајшто мониторираните (институциите) се и монитори на промените, но и обратно – каде ГО и академската сцена ги тестира своите визии за промени на политиките“, вели Колозова.

КДП: ФРП заедно со партнерите ИОХН и БИРС започна проект за поттикнување на реформи во високото образование. За што всушност станува збор?

Катерина Колозова: Високото образование во земјава е постојано запоставувано и не се препознава неговата клучна улога во поглед на прашањата на економскиот развој и севкупниот Кластер 3 на реформи, каде напредното образование, иновација и економија се врзуваат во природна целина. Дури и VET образованието мора да направи врска со високото образование и по пат на модули кои го врзуваат средното и високото дури и „пониско квалификуваната“ работна сила да се подготвува за т.н. обединет европски дигитален пазар. Сметаме дека законот, правилниците, политиките во земјава не го препознаваат овој момент во европското рефдефинирање на иновацијата и економијата како „геополитичко“ оружје, ниту пак го препознаваат и читаат, разбираат фактот дека вакво „престројување“ се очекува и од Западен Балкан – ако сака да не остане економски изолиран. Целта ни е во овој процес да ги вклучиме претставниците на институциите кои се искусни, со прогресивен поглед и со кои делиме вредности – со што ќе направиме Форум на соработка, кајшто мониторираните (институциите) се и монитори на промените, но и обратно – каде ГО и академската сцена ги тестира своите визии за промени на политиките.

КДП: Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може вие да направите во овој правец?

Катерина Колозова: Кластер 3 е насловен „Компетититвност и инклузивен развој“ и е сочинет од овие области (и поглавја кои се легислатива, а политиките не се осмислуваат според поглавја, изолирано, ами интерсекторски): образование, култура, иновации и наука, економија, информатичко општество и медиуми, монетарни политики (па дури и царински политики) оти ги пронижува една клучна вредност – мобилност и флескибилност, како аспект на мобилноста, и основа на растот. Прашањето е зошто е сево ова една целина, и мислам дека ова прашање на неко начин го одговорив погоре. Ние, како што реков погоре, може да придонесеме за реформи кои ќе го направт нашето високо образование и неговите меѓународно компетитивни иновациски капацитети поотворени кон Европа и светот, помобилни и физички и дигитално. Ова едновремено значи и креирање услови за послободна и отворена економија, особено овозоможувачка клима за малите и средни претпријатија и привлекување и физички и дигитални претприемачки иницијативи од Запад (на Европа првенствено) тука. Како што реков, напредната иновација е сега двигател на секаков развој, а таа се базира на комплетна интердисциплинарност според Новата европска ера (New European Research Area или New ERA), па така едното (високообразовното и научното) и другото (економскиот раст) сочинуваат целина.

КДП: Како ќе ги убедите властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?

Катерина Колозова: Власта ја знае новата методологија и ги добија своите интерсекторски патокази веќе лани. Предизвикот е да се оспособи јавната администрација да мисли интесекторски и во термини на градење политики а не само пишување и ревидирање закони, не само користење на законите како единствената подлога за креирање политика на добро управување (наместо креирање уредби, насоки, и сл.). СИГМА извештајот за Македонија од 2022 го потврдува ова – нашата јавна администрација има најнизок капацитет во Западен Балкан да мисли во термини на политики (додека прилагодувањето до Acquis-то е солидно), а тоа е еден вид способност за управување (па дури и менаџирање ако сакате). Тука е најголемиот предизвик. Во овој проект ние креираме форум на напредни креатори на политики од редот на високорангираната јавна администрација, истомисленици од медиумската и економската сфера, и мислиме дека со ова ќе постигнеме подигање на јавната свест, и ќе и помогнеме на јавната администрација да планира интерсекторски – ние мониторирањето го разбираме како процес на соработка со институциите а не сензационалистички атак.

КДП: Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?

Катерина Колозова: До тој степен не се спроведува што имате закон кој е во контрадикција со EGS (European Guidelines and Standards), кои се алатка на Болоња заедно со Еразмус прирачникот за признавање кредити и квалификации, и не само што е во контрадикција туку ги крши сите акти на Болоњскиот процес кон кои имаме обрвска како држава. Извештајот за имплементација од 2018 покажува дека само Македонија и Албанија имаат толкав степен на централизација на признавањето квалификации што заедно со некои постсоветски републики се под капата на министерствата/централната власт. Извештајот за 2020 нема никакви податоци за Македонија: никој ништо не известил, темплејтите за податоци за Македонија се внесени и оставени празни, никој не ги потпоплнил. Очигледно е дека моменталниот министер е неспосбен да го води овој сектор (на целиот одлив на мозоци, сега воведува политики кои се во спротивност и со Болоња и само ќе го намалат дополнително бројот на студенти на нашите универзитети). Не дека другите биле многу поспособни, но, сепак, ситуацијата била поподнослива. И целата Влада потфрла бидејќи во нивната Стратегија за образованието 2021-25 ниту се поклопуваат со периодот на Еразмус 2021-2027, ниту го спомнуваат Еразмус. Европската образовна област – секторот каде се имплементира Болоња – за своја главна алатка ги има Еразмус+ програмите, едноставно Болоња без Еразмус – нема, а нашава влада одлучила дека не е важна, барем така се чини (мислам дека станува збор за незнаење и дека не ја ни препозанаваат како алатка за имплементација на Болоња туку како грант-шема).

КДП: Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?

Катерина Колозова: Како што реков погоре, врз база на Форумот кој го формираме, постепено ќе градиме мрежа на истомисленици и дури и ќе инаугурираме неформална алијанса/мрежа на креатори на политики, медиумски сојузници, студентски организации, бизнис заедница и граѓански и академски сектор. Таа ќе има за цел да врши постојано влијание врз јавниот дискурс како и директно застапување, независно од тоа кој од која партија е – секој сојузник на ниво на споделена визија за градење политики е добредојден. На овој начин придонесуваме и кон намалување на оптшествената поларизација предизвикана од меѓупартиски тензии.

КДП: Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?

Катерина Колозова: Ќе почнам од второто прашање. Треба да се применат сите резолуции, препораки и конвенции на Болоњскиот процес: – признавањето за цели академско напредување (понатамошно образование или избор во звање) да биде во рацете на академските институции, зашто децентрализацијата, односно тргање од канџите на контролата на извршната власт е една од главните вредности на Болоња, а за професионален ангажман на работодавците, додека задолжително користење на ЕНИК/НАРИК само за регулираните професии (право, медицина), – треба усогласување на имиграционите политики со образовниот сектор и да се олесни и дигитализира и мобилноста и признавањето квалификации (дипломи но и микросертификати), а ова значи да се примени интерсекторско планирање, – треба максимално да се дигитализира процесот и на признавање, и на издавање визи а вработените само да спроведуваат надзор (и онака скоро никој од нив не знае англиски така што софтверот секако мора да ја врши добар дел од работата), – да се оспособат конзуларните претставништва за истото, бидејќи секоја нормална држава го може тоа, –  да се применува дигитализирана интероперабилност (со други зборови, МВР и МОН и сите економски релевантни сектори да седнат заедно, и да изградат процедури на координација наместо намерно да креираат закони кои се „свет за себе“ и да се опструриаат – или да соработуваат? во отежнување на мобилноста…)

КДП: Ние имаме над 100 илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна и над 10 илјади фирми кои активно бараат работници. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд? Како вашиот проект ќе придонесе кон подобрување на работите во овој контекст?

Катерина Колозова: Во моментов невработеноста е нешто под 13%. Пазарот на трудот, дури и во својот најфизички аспект, во денешно време бара способности кои не се само мануелни – идејата дека ќе обучуваме молери, наместо кодери е погрешна. Оваа грешка дури и самата од себе, природно се коригира: голем број млади одлучија да се запишат на неформални школи за програмирање кои им носат одлична работа на далечина, во странство (од овде, а сепак онлајн вработени некаде надвор). Капацитет и потреба за високо образование има бидејќи одливот на мозоци – студенти во странство – е во никогаш до сега запаметен пораст. Отежнувањето пристап до нашите универзитети само ќе го забрза одлевањето кон универзитетите на Европската вискообразовна област, првенствено во Словенија, и никого нема со сила да го натера да стане физички работник (доколку тоа е визијата на МОН со нивниот т.н. академски – приемен – испит).

КДП: Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој? 

Катерина Колозова: Мислам дека е јасно: во ера на истражувачки ориентирани универзитети во Европа, со која фаќаат приклучок и нашите најблиски соседи, ние тонеме на сите листи на рангирање, а „иновацијата“ не е ни оддалеку нешто што може да се трка на светскиот (првенствено европски) пазар. Фондот за иновации отакако бидна отворен финансираше сè освен иновативност која може да се трка на меѓународен пазар.

 

Të fundit