четврток, мај 2, 2024

БУЈАР ОСМАНИ: “ЕУ Е ВОЗДУХОТ ШТО ТРЕБА ДА ГО ДИШЕМЕ“

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) зборува за ветото на Бугарија против почеток на пристапните преговори со ЕУ и важноста на европската перспектива земјата. „Најдобрата гаранција за зачувување на македонскиот идентитет е, по влезот во НАТО, земјата да стане членка и на ЕУ” – вели министерот Османи.

ФАЦ: Г-дине Министре, прво Грција ја принуди вашата земја да го смени државното име од Македонија во Северна Македонија. Бугарија сега бара малото бугарско малцинство во земјата да се спомене како државотворен народ во уставот, инаку бугарското вето против почетокот на пристапните преговори со ЕУ ќе остане. Како се справувате со тоа?

Б. ОСМАНИ: Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ. Ова предизвикува многу фрустрации. Но, јас сум горд на посветеноста на политичката елита и населението, кои и покрај се се држат до целта за влез во ЕУ. Постои вистинско верување, дека нема алтернатива – инаку луѓето одамна би го напуштиле овој пат. Дури и луѓето кои не се запознаени со геополитичката динамика многу добро разбираат, дека ЕУ за оваа земја е воздухот што треба да го дишеме.

ФАЦ: Според анкетите, мнозинството од македонското население одбива да се исполни бугарскиот ултиматум.

Б. ОСМАНИ: Има недоразбирање во толкувањето на овие истражувања. Луѓето го одбиваат воведувањето на идентитетско-политички конфликти во процесот на проширување на ЕУ. Но, претстојните уставни измени не претставуваат никаква закана, напротив: тие ја зајакнуваат и прошируваат постојната и добро функционална мултиетничка демократија, со која се гордееме во Северна Македонија.

ФАЦ: Што ако Бугарија постави дополнителни барања ? Бугарскиот претседател Румен Радев не е единствениот, кој веќе најави такви очекувања.

Б. ОСМАНИ: За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе поставува нови очекувања. Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго.Ние направивме компромис со Бугарија, акционен план за малцинствата. Сакавме да го префрлиме фокусот од историските толкувања и прашањата за идентитетот на луѓето и малцинските права, бидејќи тоа е она во што сме добри. Ова го кажувам како некој што не потекнува од најголемата етничка група во оваа земја. Северна Македонија воспостави уникатен модел на функционална мултиетничка демократија – спротивно на сите скептици кои тврдеа дека тоа не е можно на Балканот.

ФАЦ: На барање на Бугарија постои заедничка комисија за расчистување на историските спорови. Дали Бугарија очекува Северна Македонија да го прифати својот поглед на историјата?

Б. ОСМАНИ: Здружената комисија за разјаснување на историските прашања е важна. Сакаме дебатите да се канализираат таму за да не се прошират во останатото општество.

ФАЦ: Дали е работа на државните комисии да ги дефинираат историските наративи? Зарем ова не треба да се случува во академската дебата?

Б. ОСМАНИ: Дел од договорот со Бугарија е наодите на историската комисија да се вметнат во училишните учебници. Јас тоа така си го замислувам, дека во овие книги ќе има делови кои се однесуваат на работата на Комисијата. Ова може да биде мост за зближување на двата народа и елиминирање на стереотипите. Но, нема да има наратив што ќе се наметне на академската настава.

ФАЦ: За да се надмине меѓусебната недоверба, македонската опозиција предлага условен уставен амандман кој ќе го исполни барањето на Бугарија, но ќе стапи на сила само на денот на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Дали е тоа излез?

Б. ОСМАНИ: Мене не ми се допаѓа ова. Која е пораката, која со ова ја испраќаме до ЕУ? Дека не сме спремни до крајот на преговарачкиот процес да му ги дадеме на бугарското малцинство сите привилегии, кои му следуваат?

ФАЦ: Во Софија се вели, дека не се работи за малцинството од 3.500 лица, кои се изјасниле како Бугари на последниот македонски попис, туку за 80.000 лица кои аплицирале за бугарски пасоши. Зарем следното барање на Софија нема да биде овие 80.000 да бидат застапени во државните органи и да им се дадат државни работни места пропорционално на нивниот удел во вкупното население?

Б. ОСМАНИ: Знам дека во некои кругови во Бугарија е разгледана опцијата за користење на малцинските права како алатка за етничка манипулација. Знам дека зад барањата за малцинските права стојат и нечесни намери. Но, за мене поголема закана е, дека се додека нашите луѓе не се дел од ЕУ, тие се принудени да аплицираат за бугарски пасоши од социјални и економски причини. Во моментов Бугарите сочинуваат помалку од 0,2 отсто од нашето население. Сметам дека најдобра гаранција за македонскиот идентитет е силна и успешна држава која ќе влезе во ЕУ по НАТО.

Të fundit