понеделник, април 29, 2024

КРАЈ НА УНИПОЛАРНИОТ МОМЕНТ ВО СВЕТСКАТА ПОЛИТИКА

Реалностите од теренот на светската политика денес наговестуваат дека, ако сака да избегне светска војна, Западот на чело со Америка ќе мора да ја превземе улогата на балансер.

Пишува: Денко Малески

Не помина многу време од падот на Берлинскиот зид во 1989 година и победата на Америка во Студената војна, кога американските либерални мислители го прогласија „крајот на американската ера“. И додека неоконзервативците веќе правеа планови како да ја овековечат таа моќ, либералите предупредуваа на опасноста од апсолутната доминација на Америка во светската политика. Да нема недоразбирање: и либералите и неокозервативците се радуваа на фактот дека Америка и вредностите на слободата и демократијата кои стојат зад нејзината моќ,триумфираа во студената војна со СССР. Несогласувањата беа околу начинот на кој ќе се употреби таа колосална моќ во меѓународните односи. Либералите сметаа дека во ваквиот униполарен момент е потребна самоконтрола од страна на Америка и планови за изградба на една мултиполарна светска структура. Неоконзервативците од администрацијата на Џорџ Буш, пак, излегоа со документ во 1991 во кој се бараше спротивното: Америка активно да работи на спречување на голема сила која би можела да ја загрози нејзината позиција на примат.

Значи, наспроти желбата на неоконзервативците да се овековечи неприкосновената моќ на Америка, либералната научна мисла се изјасни во прилог на свет со повеќе центри на моќ во кој Америка би ја играла важната улога на балансер. Така сметаа(т) тие би се избегнало директно мешање на големата сила во се што се случува во светот, политика која е исклучително скапа и ризична зашто бара американска „крв и богатство“ и ја зголемува опасноста од конфронтација со другите нуклеарни сили во светот. Денес станува појасно дека либералите биле во право и дека завршува ерата на униполарниот свет од деведесеттите, со мали шанси да се врати. Привилегираната позиција во која што се најде Америка како победник во Студената војна против Советскиот сојуз е оспорена од автократските држави како Русија и Кина и тие се сојузуваат. Во тој отпор кон Западот, Русија не ја исклучува и безумната идеја: употреба на нуклеарно оружје.

Но, пред руската агресија врз Украина, која произведе досега невидено единство на демократските држави, слична позиција имаа и некои од главните сојузници на Америка, како Франција и Германија, на пример.Такво гледиште застапуваа и либералните американски научни и политички кругови. Тие, да повторам, го поздравија приматот на Америка во светската политика, се согласија дека таквата позиција на Америка е гаранција за иднината на слободата и демократијата во светот, но спореа со начинот на кој почна да се одржува тој примат, несогласувајќи се со инвазијата врз Ирак. Од каде овие нивни идеи? Одтаму што, истражувачите на меѓународната политика знаат дека секоја епоха е обележана со доминација на една држава на врвот на пирамидата на моќта на светската политика: во шеснаесеттиот век тоа била Шпанија, во осумнаесеттиот Англија, во дваесеттиот Америка. Ривалот на Америка за местото на врвот денес е Кина, потенцијално идниот светски хегемон. Згора на ова знаат и дека секогаш и во сите времиња пропаднале обидите една држава да ја наметне својата воља врз сите останати и дека таквите обиди завршувале со пораз на освојувачот. Знаат и дека рамнотежата на силите е алатката која може да го сочува мирот, иако не секогаш.

Имено, феноменот  наречен „рамнотежа на силите“ е составен дел од вечната битка за моќ во меѓународното општество на држави. Некаде од седумнаесеттиот па се до средината на дваесеттиот век таа рамнотежа се одржувала меѓу повеќе центри на моќ (Англија, Русија, Австро-унгарија, Франција, Германија), големи сили кои создавале  променливи коалиции, со цел да ја неутрализираат моќта на доминантната земја или група на земји. По Втората светска војна се појави биполарната рамнотежа на силите, во која доминантни држави беа САД и СССР. Таа рамнотежа се одржа и при распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 кога, без воен судир, едната сила демисионира од дотогашната позиција на моќ. Дури, може да се каже дека демисионирањето е изведено во еден процес на взаемна соработка. Меѓутоа, распадот на Источниот блок сериознао ја наруши конфигурацијата на моќта во светот. Повелкувањето на моќта на Русија во своите граници остави зад себе вакуум кој набргу беше пополнет со моќта и вредностите на Америка и на Западот.

Бидејќи рамнотежата на сили е генерирана од анархичната структура на меѓународното општество (се работи за релативна анархија зашто нема светска влада), таа е автоматска тенденција, еден вид закон на политичката физика. Имено, системот се одржува преку самонеутрализирачка тенденција на моќта, па така, притисокот од една страна произведува контрапритисок од другата, воспоставувајќи процес во кој една сила поништува друга сила. Некои, на рамнотежата на силите гледаат како на процес во чие оставрување важна улога има човечкиот фактор. Според Винстон Черчил, четристотини години надворешната политика на Англија била да и се спротистави на најсилната, најагресивната, најдоминантната сила на Континентот, придружувајќи им се на послабите држави за да се обнови еквилибриумот. Авторите кои на рамнотежата на силите гледаат како активност на државниците, како на свесно групирање на државните интереси, сметаат дека еквилибриумот, балансот на силите, а не директната доминација, е нешто што активно се посакува и се одржува. Хенри Кисинџер е застапник на овој концепт, а во времето кога беше министер за надворешни работи на САД го примени во стварноста. Имено, раководен од сознанието дека биполарниот свет не остава многу простор за балансирање и може да резултира во директен судир меѓу двете нуклеарни сили,  ја воведе Кина во меѓународната политика со право на вето во ОН.

Денес е одново на дело „законот на политичката физика“: Русија се спротиставува на ширењето на НАТО, Америка и ЕУ се спротиставуваат на руската агресија врз Украина додека Кина се сојузува со Русија во отпор кон американската моќ. Американскиот претседател Џо Бајден исправно го формулира одговорот на неговата земја и на западниот сојуз на руската војна врз Украина. Едноставно, не може да помине без одговор агресијата на една голема сила врз  помал сосед со цел освојување територии, нешто што Хитлер го направи предизвикувајќи ја Втората светска војна. Оттаму и обединетиот западен фронт против агресорот. Од друга страна, администрацијата на Бајден внимава Америка да не влезе во директна војна со Русија предизивикувајќи нова светска катастрофа.

Реалностите од теренот на светската политика денес наговестуваат дека, ако сака да избегне светска војна, Западот на чело со Америка ќе мора да ја превземе улогата на балансер. Тоа не треба да значи изолационизам, повлекување на американската моќ во границите на САД и отсуство на грижа за светскиот поредок. Зошто? Затоа што вакуумот нема долго да остане празен и ќе биде пополнет со моќта и влијанието на други големи сила. Во случајот Кина и Русија, автократии кои не ги споделуваат нашите вредности на слобода и демократија. Така, деновиве, без збор осуда на руската агресија врз Украина, Кси Џинпинг изјави дека Кина е „спремна со Русија да држи стража врз светскиот поредок кој почива врз меѓународното право“(!?).

Të fundit