петок, мај 17, 2024

КАКО СЕ МЕРИ СРЕЌАТА

Aнкетите се типичен пример и приказ на една трула и умртвена држава, во која корупцијата е навлезена во сите пори на општеството. Недовербата во политиките на власта, недовербата во судството и обвинителството, закржлавеноста на законодавната власт, безредие кое доведува до еден општествен колапс и пад на системот, кој веќе со децении е нефункционален.

Пишува: Катерина Топалова

 

Што значи да се биде „среќен“? Дали сте среќни? Ова навидум едноставно прашање, не наликува единствено на почеток на разговор каде можеме да ги изнесеме сите наши маки, тешкотии, лоши но и убави мигови, задоволства, ведрина, радости и расположение, туку ваквото прашање е и мерило според кое глобалните власти придаваат важност кога формулираат политики за подобро да му служат на својот народ и да направат оценка за успешноста на нивната досегашна политика и нејзино идно канализирање. Па така, бројни се истражувањата, претежно меѓународни од реномирани институции, кои ја следат стапката на “среќност“ – нејзин раст и опаѓање, според која даваат горе – долу слика на општеството во кое живееме и се развиваме.

Следствено, го читам најновиот извештај од истражување на ИПСОС – Институт за испитување на јавното мислење – мултинационалната компанија за истражување на пазарот, објавен пред Меѓународниот ден на среќата на 20 март, истражување кое дава прилично интересни резултати по однос на „мерило на среќа“. Па така, резултатите покажуваат дека среќата на луѓето во Кина во голема мера се зголемила во последните години, при што еден од извештаите од истражувањето сугерира дека Кинезите се меѓу најсреќните луѓе во светот.

Оттука произлегуваат безброј прашања за автентичноста, начинот на спроведување на истражувањето, веродостојноста на бројките и се она што ќе ни падне напамет, со цел да го потврдиме или отфрлиме секој сомнеж како можна стапица во која би стапнале и поверувале?! Дали е тоа така? Што велат другите истражувања на истата тема од други извори? И што во суштина е среќата и како различните општества ја дефинираат? Одговорите на овие прашања пак визуелизираат сосема инаква перцепција кога станува збор за тоа „колку сме среќни?“ и во „колку среќно општество живееме?“

Интересни за анализа се годишните извештаи и истражувања на ООН, во кои пак, во изминатите неколку години, Финска беше рангирана број 1 земја во светот, седејќи на врвот пред групата нордиски земји, кои сите се сметаат за многу среќни. Целосно различни резултати од оној на ИПСОС?! Но да не брзаме со заклучокот!

За сите овие извештаи, истражувања, анкети и останати меѓународни индекси важи единствено мислење дека прашањата и одговорите на истражувањата треба да претпостават дека луѓето ширум светот ја дефинираат среќата и одговараат на анкетите за среќа на приближно ист начин. Во спротивно ќе дадеме своја дефиниција и мислење за тоа „каква музика слушаме?“ или пак која „песна е подобра?“, а за вкусовите обично не се разговара… Па, така следствено добиваме шареноликост во искажувањата. Затоа се поставува прашањето: Дали различните резултатите од истражувањата на јавното мислење за индекс се среќа се како одговор на прашање за омилена музичка нумера?

Токму затоа, разбирањето на овие разлики ни дава многу побогата слика за глобалната среќа отколку што може да прикаже кој било индекс. Без разлика на извештаите, глобалната слика за индекс на среќа горе – долу ги дава посакуваните параметри кои им се битни на истражувачите. Светскиот извештај за среќа за 2023 година, годишна публикација на Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации во која нордиските земји обично се рангирани повисоко од Кина, ја рангираше Кина на 64-то место од 137 земји и региони оваа година, 30 места повисоко во споредба со 2020 година. Информација од која црпиме важни заклучоци?!

Но кои се најважните параметри кои пак ни укажуваат за тоа во каква земја, општество, држава живееме, каква политика води нашата држава, колку корупција има во истата, и колку сето ова влијае врз нашата благодет и живот, и не прави задоволни и среќни. На прво место секогаш е односот со пријателите и фамилијата. Потоа следи економската, социјалната и политичката состојба во државата, како и заедничките очекувања. Токму тука ние како држава и општество потфрламе со сите наши атрибути, кои речиси од година во година стануваат се помагловити и невидливи.

Без разлика каков и чиј извештај ќе прочитаме за индекс на среќа во Македонија, бројките и статистиките се поклопуваат во сите. Последни сме на сите листи, забетонирани на дното, без конкуренција. Ако не можеме да се споредуваме со високоразвиените држави, ќе го земеме нашето балканско опкружвање како урнк… И таму сме најнесреќни! Ваквите анкети се типичен пример и приказ на една трула и умртвена држава, во која корупцијата е навлезена во сите пори на општеството. Недовредба во политиките на власта, недовредба во судството и обвинителството, закржлавеноста на законодавната власт, безредие кое доведува до еден општествен колапс и пад на системот, кој веќе со децении е нефункционален… Не ни требаат разно – разни извештаи на среќа, за да знаеме и да сме сигурни дека сме најнесреќен народ на Балканот, а за Европа и да не говорам, кога сликата која ја живееме е повеќе од поразителна.

Ако е за некаква утеха, експертите знаат да кажат дека културите многу варираат во нивните дефиниции за среќа. Очигледно и нашата варира?! Затоа, невозможно е да се каже дека една земја е посреќна од друга во некоја апсолутна смисла, а единствениот индекс на „најсреќните земји во светот“ експертите велат дека не е поучен. А среќата може и да се дефинира и мери на многу различни начини. Затоа што среќата не е ништо повеќе од добро здравје и лошо сеќавање.

 

Të fundit