понеделник, април 29, 2024

ПРВИ ВО СЕЛО, ПОСЛЕДНИ ВО ГРАД!

Како и сите живи системи, културите не можат да останат статични; тие се развиваат или пак опаѓаат. Тие истражуваат или исчезнуваат. – Ако побрзо ја разбереме суштината на оваа порака, толку поголеми ќе ни бидат и шансите за опстанок. 

Пишува: Катерина Топалова

Не беше така одамна, кога Социјалистичка Република Македонија во рамките на Југославија, пред Европа и Светот умееше на најдостоинствен и репрезентативен начин да ја претстави својата култура и традиција низ европските метрополи, во вистинско светло, се разбира како што и доликува на една сериозна култура и држава, каква што беше на времето југословенската, а во неа и македонската. Се сеќаваат сите, особено креаторите на културни политики и пред се културната јавност, какви што денес ги нема или се потполна фаза на исчезнување.

Денови на македонската култура во Рим! Еден мал сегмент од видео материјал продуциран од РТ Скопје, по повод традиционалното претставување на македонската култура во Рим, Италија. Каква историја ни раскажува овој мал видео фрагмент?!  Најдоброто од македонското сликарство, поезија, кинематографија, археолошки и фотографски изложби, како и изложби на македонски икони, сето она што е највидливо, најново и најрепрезентативно од Македонија, документирано, спакувано и изложено пред очите на пребирливата италијанска публика, пред завршниот концерт на Танец, кој секогаш умеел да ги открадне и најсебичните и скептични аплаузи, претворајќи ги во масовни воодушевувања и овации, каде и да настапувале.

Недела кога во Рим се слевала и бројната македонска емиграција, да го види најдоброто од татковината, како и сите оние стари и потенцијални нови пријатели, поддржувачи и љубители на македонската култура, кои во овие чествувања биле и тоа колку значајна придружба и поддршка на македонската делегација при посетата на гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим, по повод 24 мај – денот на Светите Кирил и Методиј.

Од највиски политички инстанци, научната фела предводена од лингвистичкиот одел на МАНУ, Институти за јазик, литература, книжевност итн., па се до најреномираните македонски и југословенски новинари и телевизиски екипи, кои не само што ги проследуваат настаните во италијанскиот главен град, туку и од таму создаваат програма. За жал ваквата слика е само еден временски одблесок и потсетник на златните денови на македонската жива култура, за каква што се изборивме како народ и нација, но за жал не успеваме да ја продолжиме, сочуваме и одржиме?!

Додека македонската култура, особено за време на еден ваков голем празник, беше вистински амбасадор низ европските коридори, денес е само смешна слика, гротеска на политичкото живуркање, каде просечноста и потпросечноста се идеални двигатели не само на културното, туку и на целото општествено живеење. Поразителна и жална е македонската празнична слика којашто ја продуцираат политичките „елити“, делејќи го и натаму македонското ткиво на парчиња. Наместо Рим да биде центарот на писменоста и словото, во овие Кирилометодиевски денови, Охрид стана базната станица од каде почнаа партиите да си собираат политички поени во престрет на некои нови избори, притоа целосно минимизирајќи го значењето и суштината на празникот, кој првенствено треба да обединува и сплотува. Така, наместо обединување, проследивме две паралелни македонски чествувања, едното – владиното на Плаошник, а другото – опозициското во катедралниот храм Света Софија во Охрид. Чиниш го заокруживме процесот на изградба на „држава во држава!“ Додека во Рим, на денот на просветителството и писменоста, како претставник на оваа наша трибалистичка култура го испративме најгласниот пцујач во македонското собрание, кому културата му е мисловна именка, или што би рекле неговите ментори од минатата држава – задња рупа свирало! Комплетен пораз на македонската политика… Министерство за култура целосно изгубено во простор и време, идеално за поддршка на стотина „селски“ проекти најавувани како некаква „културна политика“ но на ниски страсти, а она што во суштина треба да се инвестира, таквото задира денес надвор од нашите компетенции и можности. Желба да се биде – прв во село, а последен во град! Ваквата политика, да не заборавам да споменам, денешната власт ја презема од опозицијата, кога пак таа беше власт!

А што повеќе да се каже пак за македонската научна фела. Лингвистичките бастиони од минатото денес мртви ни го бранат јазикот и писменоста, првенствено од самите себеси. Чиниш упорно инвестираме во нив, но никако и во нови научни трудови, катедри, лекторати, библиотеки, научни работници итн. Небаре сме целосно парализирани или пак глумиме дека сме… За сликата да биде целосна, ќе придонесат  македонските скудни медиуми во кои не можат да се најдат повеќе новинари од областа на културата, а да не говорам пак за постоење на редакции и програми за култура, кои повеќе и не постојаат во етерот. Па така, со доза на емоција, ќе се потсетиме на архивските снимки од РТ Скопје кога великаните на македонската медиевистичка мисла и наука создаваа и пригодни празнични програми.

Нејсе! Ако сакаме да ја заштитиме културата, мораме да ја создаваме! За жал не успеваме во тоа! Први ќе исчезнат оние народи од светската мапа, кои не создаваат своја и препознатлива култура, а со тоа се немоќни во процесот на културна асимилација и назадуваат. Па така прашање на време е кога ќе бидеме голтнати од некоја помоќна и поатрактивна културна средина, во која и колективната меморија за Светите Кирил и Методиј ќе почне лека полека да се преоблекува во ново руво, прифатливо за новите тековите и услови, надвор од нашето сфаќање и поимање на нивната личност, дело и значење.

Како и сите живи системи, културите не можат да останат статични; тие се развиваат или пак опаѓаат. Тие истражуваат или исчезнуваат. – Ако побрзо ја разбереме суштината на оваа порака, толку поголеми ќе ни бидат и шансите за опстанок.

Të fundit