четврток, март 28, 2024

ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА

Пишува: Денко Малески      

Поуката од нашето „грчко искуство“ во спорот со името е дека не треба да се стават членките на ЕУ во ситуација да бираат помеѓу „нас“ и „нив“ Во таков случај, секогаш надвладува единството на сојузот а не аспирациите на оној што сака да влезе во него. Зошто? Затоа што сојузите се создаваат за да ги бранат интересите на своите членки. Најдобро на што може да се надева аспирантот е компромис. Таков компромис е „францускиот предлог“. Точно, тој не соочува нас со минатото и обврската да ја расчистиме „заедничката историја“, но исто така ја соочува бугарската држава со сегашноста и потврда од Унијата на македонската нација, јазик и држава чија судбина е во наши раце. Втора поука од спорот со јужниот сосед е дека шансите за решение не треба да се пропуштаат затоа што каскадното прелевање на интересите меѓу државите го чини процесот тежок и често нерешлив без енергична заложба на голема сила. Такви заложби ретко се случуваат затоа што големите сили избегнуваат да бидат вовлечени во конфликти кои не кореспондираат со нивните државни интереси. Во нашиов случај сега, во овој момент, ЕУ и САД се построени зад решението кое ни го отвора процесот на преговори до полноправно членство.

Каде ни се брза кога знаеме дека процесот ќе трае барем 15, 20 години, велат противниците на сите наши компромиси еве веќе 30 години. Владата одговара дека, обединети околу заедничката цел, процесот може да заврши за 7 години, до 2030. Датумот го забележува деновиве и европскиот парламент.  Иако е тешко да се предвидат идните настани во меѓународната политика, мислам дека владиниот став е поблику до вистината. Тоа го диктира новата геополитика на европскиот континент, создадена после агресијата на Русија врз Украина. Во услови на војна на европскиот континет и на поствоеното помирување во Европа, на тежина добија политичките и безбедносните прашања на сметка на другите критериуми за членство. Без оглед како ќе зврши војната во Украина, освен, се разбира, во случај на нуклеарен холокауст, два процеси ќе се одвиваат паралелно. Првиот е јакнење на единството меѓу земјите членки на НАТО визави руската автократија и ширење на ЕУ кон Украина и соседните некогашни советски републики. Вториот е, низ преговори, отворање процес за постепено враќање на Русија во меѓународниот систем.Всушност, првиот процес е веќе започнат. Тој се изразува во притисок врз балканските држави да ги разрешат меѓусебните несогласувања (Косово и Србија;  Србите, Хрватите и Бошњаците во Босна; Македонија и Бугарија). Како резултат на овој процес можно е да следи бран на нивно забрзано интегрирање во ЕУ според безбедносните и политички критериуми, налик на проширувањето со Романија и Бугарија или во поинаква форма.  Да се биде подготвен за тој евентуален бран на проширување е од најголема важност за нашата држава. Тоа го овозможува „францускиот предлог“. Зашто, ако патот пред нас биде блокиран од земја членка, големите сили нема да го растурат сојузот заради нас.

Од каде ми навираат овие идеји за забрзување на историјата? Има една тенденција историјата одеднаш да добие запрепастувачко забрзување. Еден таков пример е 14 јули 1789, денот кога паѓа Бастиља и избива француската револуција. До тој ден се било мирно. Историчарите кои го пронашле дневникот на кралот Луи XVI велат дека за тој ден кралот запишал: „Rien“(„Ништо“). Не бил свесен за големиот преврат што ќе почне токму тој кобен ден, во кој тој и кралицата Марија Антоанета ќе зваршат на гиљотина. Во наше време , спротивно на сите прогнози, такво забрзување мојата генерација виде во 1989 со падот на Берлинскиот зид и повлекувањето на руската моќ од Источна Европа. Безмалку сите дотогашни прогнози за иднината на светската политика беа дека ривалитетот меѓу двете големи сили, САД и СССР, ќе го обележи и дваеасет и првиот век. Најновиот пример е руската војна врз Украина. Колку до вчера беше незамисливо  голема нуклеарна сила да ја погази повелбата на ОН за да окупира и распарчи друга европска држава. Историјата е полна со изненадувања, па не случајно некој напишал дека сите книги кои се обиделе да направат прогноза за светот после 10 години се погрешни.

А, сепак, мора да се прогнозира. Мислам дека руската агресија врз Украина која предизвика досега невидена воена и економска солидарност меѓу европските држави може се пресликува и во процесот на пристапување кон ЕУ. Планот Украина да отпочне забрзан процес на интеграција во ЕУ ќе оди паралелно со забрзувањето и на Балканот. Тоа е секогаш така кога безбедносниот интерес на големите сили е во прашање. За нас, доказ е и брзината со која се реши заспаниот тридецениски спор за името меѓу Македонија и Грција. Прогласувајќи го за свој безбедносен интерес, САД се ангажираа на двете страни од грчо-македонската граница и со координирани потези на нивната дипломатија ги доближија двете држави до решение кое го реализираа храбри домашни политичари. Членството во ЕУ станува нов безбеднпосен предизвик за европските демократии како брана од непредвидливите потези на автократијата на Путин. Руските перформанси во војната против Украина, пак, покажаа дека оваа држава не би можела да ја „прегази“ обединета Европа со конвенционално оружје и дека ЕУ би можел успешно да се одбрани. Но, Европа која троши три до четри пати повеќе на одбрана од Русија тоа може да го оствари само обединет. Гледано во овој безбедносно политички контекст, македонската опозиција би требала да знае дека, со отфрлање на „францускиот предлог“, се спротиставува не само на владеењето на СДСМ, ДУИ и коалицијата туку и на политиките на ЕУ и САД. Тоа е премногу голем залак за кревката македонска држава во случај нивната политика да стане државна политика.

И на крајот, за уште еден политички фактор кој внесува огромна неизвесност за она што ќе се случи во меѓународните односи но и во самата Америка. Тоа е можното враќање на Доналд Трамп на позицијата претседател на Америка на изборите во ноември идната година. Дома, тоа би можело да значи крај на американската демократија каква што ја знаеме, сметаат американски научници. Иако тенденцијата кон земање поголема одговорност на Европејците за безбедноста на својот континент ќе продолжи, важно е кој седи во Белата куќа. Од политичките погледи, вредностите и карактерот на американскиот претседател зависи дали тоа раздвојување меѓу Америка и Европа ќе биде резултат на договор за распоредување на финансискиот товар на безбедноста или резултат на конфликт. Во секој случај, ЕУ може во иднина да стане и поважен од САД за македонската држава, нејзината безбедност, просперитет и нејзиниот опстанок. Затоа, треба да се најдеме во ЕУ што побргу. Зашто, оставени самите на себе може да не оддува ветерот. Во сојуз на демократии, полесно ќе се соочиме со новите изненадувања кои ќе ни ги приредува меѓународната политика, таа опасна сфера на човековото живеење која е во константна промена.

 

Të fundit