сабота, мај 11, 2024

СИВ ТУРИЗАМ

Токму ваквите упади се нарекуваат сив туризам, кој во Македонија цвета и се практикува на големо… Чести се туристичките групи кои се придружени со свои (странски) туристички водичи, кои пак често даваат „изветоперена“ перцепција на историјата и културното наследство, кое не е во согласност со историјата на домаќинот – земја којашто се посетува.

Пишува: Катерина Топалова

Не измина повеќе од една недела и сè уште во потсвеста ми се појавува онаа глетка од скопскиот плоштад, кога на овие пеколни горештини, би рекла една средна група туристи, чинам од Полска или поранешна Чехословачка, судејќи по јазикот, беа поседнати во малата аглеста сенка пред зградата Пелистер, жедни за знаење и нови љубопитни фасцинации, кои и тоа како им се огледуваа од испотените лица и згужвани очи под топлото скопско сонце. Туристичкиот водич со знаменце во раката им ја објаснуваше на нивниот мајчин јазик сета историја којашто ги опкружуваше… Примери од плејадата споменици, се до незавршените градби на плоштадот – дел од проектот „Скопје 2014“. Беа раскажани приказните за фонтанта – навлажнетиот Воин на коњ, како најграндиозното име од „грчката“ воена историја, потоа беше споменат хероизмот на „бугарските“ револуционери кои гордо се издигаат на плоштадот Македонија, па се до импозантните градби и нивниот сомнителен квалитет кои му дадоа нова визура на Скопје, за полека групата туристи да се упати кон „турската“ чаршија на по едно трилече и лимунада во „албанскиот“ дел од градот. По краткото споделување на заедничката сенка си реков во себе „повеќе од очигледно е дека работите во државава не функционираат“. И сето тоа наоѓа одраз во сите општествени сфери, вклучувајќи го и туризмот!

Ова не би можело да се случи на пример во една Бугарија, Србија, Турција или пак Грција, да не одам подалеку, чии историски и културен туризам како за утеха е поразвиен и далеку поразработен од нашиот, иако и тоа не е оправдување. Законските регулативи затоа и постојат за да се спречат вакви брутални и недозволиви идеолошки упади и толкувања на историјата, каде што директно се навредува домаќинот и неговото право на историска интерпретација. Единствено во Македонија изгледа се е дозволено и се поминува… Токму затоа  државите поседуваат разработен механизам како да се одбранат и заштитат од туѓите провокации и историски толкувања. Но кај нас таквиот вид заштита на минатото стана terra incognita за властодржците и кројачите на закони.

Токму ваквите упади се нарекуваат сив туризам, кој во Македонија цвета и се практикува на големо… Чести се туристичките групи кои се придружени со свои (странски) туристички водичи, кои пак често даваат „изветоперена“ перцепција на историјата и културното наследство, кое не е во согласност со историјата на домаќинот – земја којашто се посетува. Па така најчесто голем дел од историјата која се презентира од странски водичи често знае да присвојува, импровизира или пак нецелсоно и точно да ги презентира и сервира историските факти и процеси пред ушите на туристите – посетители. Ваквите глетки се чести во Македонија, особено во Скопје и Охрид како два најголеми туристички центри.

Следствено поставуваам и отворам повеќе прашања: зошто државата го дозволува сето ова, свесно правејќи анархија во македонската историска туристичка приказна? Зошто се прават сите оние измени на Законот за туристичка дејност, кои ги ставаат во подредена положба и агенциите, но и македонските туристички водичи, овозможувајќи, странски државјани, од европските земји и од земји од соседството, да можат да ги водат странските туристи низ нашите културно историски знаменитости? Дали свесно се дозволува македонските туристички водичи да останат без работа? Зошто се прескокнуваат македонските туристички агенции како посредници во сиве овие процеси? И најкруцијалното, има ли Македонија воопшто некаква стратегија во областа на туризмот?

Продолжувањето на ваквиот хаос во туризмот, кој создава сива економија, дефинитивно ќе доведе до намалување и уништување на македонските агенции и туристички водичи… Зарем до тој степен сме неспособни да донесеме или усогласиме законска регулатива којашто ќе ги штити и застапува македонските туристички компании и фирми, како и поединци!

Не би сакала да бидам погрешно разбрана, но во земјата во којашто доаѓате како гостин и тоа како сте должни да ги почитувате нејзините правила на игра, па дури и во однос на различното сфаќање и поимање на историјата. Затоа и доаѓаме како гости во други држави, за да ја чуеме и видиме туѓата верзија на минатото, а својата на крајот од краиштата, секогаш имаме слобода и право да си ја задржиме за себе. Едноставно е, се нарекува – „почит кон другиот“.

Сите живееме во еден сложен систем, благодарение на инаквите толкувања. Дури и еден Ниче говори за сувопарноста на фактите. Ги нема, не постојат, немаат значање. Она што е битно, според него, се интерпретациите… Чим сме лишени од домицилната фактографија. Нејсе!

Ќе се вратам на почетокот…

Топлото сонце чинам на сите ни удри в глава на овие горештини. Исто како и државата не можев да ги дочекам инспекторите за да си ја завршат својата работа, очигледно и они се свесни дека во Законот за туристичка дејност има сериозни пропусти и дупки, па си реков во себе дека сигурно се седнати негде на ладно пиво?! Групата туристи се упати кон чаршијата, а јас онаму каде бев кинисала, секој на различен пат, со различни впечатоци и мисла која ме мачи подолго време – кому ли му згрешивме?

Artikulli paraprak
Artikulli tjetër

Të fundit