петок, мај 17, 2024

ЖИВ ПЕСОК

Свесни сме дека Македонија е премногу далеку од сето она што значат европските вредности… Генералните критики и негативни оценки во определени области како што се делот на сузбивање на организираниот криминал, корупција, обвинителство и судство, како и во делот на институционалните реформи, се реални, но не треба да заборавиме дека токму ваквите девијантни појави во македонското општество и институции, беа и се директно стимулирани токму од нашите стратешки партнери и европски пријатели.

Пишува: Катерина Топалова

Ниту сериозно, ниту загрижувачки, ниту пак повеќе респектабилно е доаѓањето на високи дипломати во случајов – министри, на дел од европските држави, да не убедуваат и доделуваат домашни задачи, што и како да направиме со цел да не останеме „изолирани“. Под „изолирани“ и ние и они очигледно подразбираме – „да не го испуштиме европскиот воз“, се разбира не во вистинска смисла на зборот – „изолација“, која беше употребена од гласилата како своевидно заплашување, затоа што доколку би било така, тогаш би било повеќе од дегутантно и засрамувачки за нив, а помалку за нас – лошите ученици кои треба да бидат пикнати в ќош. Но во секој случај кон истите тие ученици беше вперен нивниот прст и беа искарани во јавноста како непослушни и пргави.

Па зарем би можеле да бидеме „лоши ученици“, кога правиме се како што ни кажат?! Па дури и за оние работи за кои не смееме да говориме, а токму за таквите си ги потрошиле милионите. Затоа нека не се чудат од каде им протекува бунарот, требаше досега да бидат свесни дека нашиов е без дно! Затоа повнимателно следниот пат, не со сумите, туку со изборот на другарчињата!

Се сеќавам на оние принудни пресконференции, кога истите европолитичари доаѓаа во Скопје да не убедуваат да си го промениме името согласно Преспа, а пустата Ангела Меркел не можеше да додржи, цупкајќи в место, чиниш едвај чекаше да го напушти непосакуваното скопско друштво, затоа што ни по калибар, ни по вештини, ни по реноме, ни по чесност и одговараше опкружувањето… Нејсе! Кога ги гледаме денес сличните ликови како доаѓаат и не убедуваат да промениме овојпат нешто друго, а за иста цел – отпочнување на процесот на преговори со Европската Унија, илјадници одговори се редат како кула од карти, на сите оние прашања од минатите евро-турнеи, кои ги есапевме со сериозност.

Тактиката на вршење на ваков вид политички притисок, дури и најнаивните ја проѕреа, па со доза на цинизам и хумор, до степен на исмејување, ја проследуваат во јавноста. После сите ветувања и порази од Преспа наваму, поврзани за нашето членство во ЕУ и целосното издвојување на Македонија по однос на домашните задачи кои не важеа за ниедна друга земја членка, легитимно отвараат низа прашања за демократските капацитети на Еуропската Унија и двојните аршини користени кон нас?!

Свесни сме дека Македонија е премногу далеку од сето она што значат европските вредности… Генералните критики и негативни оценки во определени области како што се делот на сузбивање на организираниот криминал, корупција, обвинителство и судство, како и во делот на институционалните реформи, се реални, но не треба да заборавиме дека токму ваквите девијантни појави во македонското општество и институции, беа и се директно стимулирани токму од нашите стратешки партнери и европски пријатели.

Секое нивно доаѓање, условување и убедување да направиме нешто спротивно од демократските вредности и начела, беше нивниот modus vivendi а наш патеводител кон ветената земја… Очигледно дека многу добро учиме од најдобрите, кои во суштина не заглавија во жив песок, во кој длабоко сме потонати и многу тешко ќе се извлечеме. Ваквата незавидна положба, во која се најдовме повеќе говори за нас, отколку за нив. Но вината мораме да ја сносиме подеднакво. Затоа и воопшто нека не се чудат зашто рејтингот на Унијата меѓу Македонците е драстично опаднат, а се погласно се бараат и нови алтернативи.

Паметните луѓе не само што не прават глупави работи, туку не ни слушаат глупави муабети.   Како потврда на глупоста којашто ја потпишавме, преговаравме и сега треба да ја имплементираме преку уставни измени, би сакала да му го видам изразот на лицето на словачкиот министер, кога некој би се нашол да му го постави ова прашење: дали  би се чувствувал премногу горд и среќен ако во пристапните преговори на Република Словачка со Европската Унија, Словачка беше најбрутално и манипулативно принудена да си ја смени преамбулата на својот устав и пред „Кирил и Методиј“ да додадат – „бугарски просветители“, прифаќајќи ги сите бугарски историски небулози! Одговорот сите го знаеме… Јасен е: неприфатливо… Токму така, некои работи се неприфатливи.

 

Të fundit