вторник, мај 7, 2024

ПОЧНУВА ПРОЕКТОТ „МЕДИУМИТЕ ЗА ЕУ“, ГИР: МЕДИУМИТЕ НИ ТРЕБААТ КАКО ПАРТНЕРИ НА ПАТОТ КОН ЕУ

Евротинк – Центарот за европски стратегии, заедно со партнерите Европска асоцијација за локална демократија – АЛДА и Балкански институт за регионална соработка – БИРС, го одржа почетниот почетниот јавен настан (kick-off meeting) за тригодишниот проект „Медиумите за ЕУ“  Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.  Основна цел на проектот е да се надградат медиумските капацитети за покривање, следење и испитување на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Со поддршка од Европската Унија, Евротинк – Центарот за европски стратегии и партнерите АЛДА и БИРС, од денеска до 2026 година ќе го спроведуваат проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Основна цел на проектот е да се надградат медиумските капацитети за покривање, следење и испитување на преговарачкиот процес.

На почетниот настан за проектот, Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакна дека во периодот од 2015 до 2020 година во државава, ЕУ поддржа проекти кои вклучуваат медиуми и граѓанско општество во медиумскиот сектор со грантови во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра. “ Во поново време финансираме проекти во вредност од 1,4 милиони за поддршка на хармонизацијата на националната легислатива со онаа на ЕУ и многу повеќе. Овој проект што го започнуваме денес е само уште еден дополнителен пример за нашата постојана поддршка за овој сектор. Живееме во енормно предизвикувачки времиња. Само во изминатите три години доживеавме невидена глобална пандемија и војната на Русија во Украина која ги предизвикува основите на повоената безбедност и архитектура. И, се разбира, човештвото исто така се соочува со огромни предизвици пред нив. А, кога ќе се свртиме кон пристапувањето во ЕУ во последните неколку години, сведоци сме на нова итност од страна на ЕУ и лидерите на Западен Балкан и другите во однос на процесот на проширување“, рече Гир.

За претставниците на медиумите и граѓанското општество, евроамбасадорот рече дека имаат посебна одговорност да ги разберат овие случувања, да ги објаснат и просветлат, да ги преиспитуваат и испрашуваат, да ги потиснат, а властите да продолжат решително со реформите и ЕУ да продолжи да ги исполни своите ветувања.

“Вие ни требате како партнери на патот кон ЕУ. Ние ја сакаме оваа земја во ЕУ, но тоа не може без вас”, нагласи Гир обраќајќи им се на медиумите и граѓанското општество.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека никогаш досега како денес не сме се соочувале со опасности од дезинформации, што се оркестрирани и организирани и кои се во директна релација со руската агресија врз Украина, како и со политичката нестабилност во одредени држави во регионот, па и наши соседи и кои се во директна корелација со се што се случува кај нас, околу поткопувањето на проевропското расположение кај граѓаните.

“Не е точно дека Македонците и сите останати народи и заедници во државава кои одговараат на анкетите, се против ЕУ. Се уште сум сигурен дека членството во ЕУ има популарност и поддршка од 85 до 90 проценти. Тие кои одговараат дека веќе не се толкави ентузијасти се практично разочарани проевропски настроени граѓани поради тоа што се случувало минатите години поврзано со блокадите со кои се соочивме. Разочарани се дека се уште немаме точен датум кога ќе станеме членка на ЕУ, како и поради темпото на реформите, но мислам дека од таа точка можеме да направиме пресврт доколку работиме заеднички и доколку ја сфатиме сопствената мисија. Во овој случај и за оваа кауза, Владата, граѓанското општество и медиумите имаат заедничка мисија која треба да ја спроведеме заедно“, нагласи Маричиќ.

Владата, како што истакна, стои целосно на располагање за да го помогне овој проект и процес со информации, податоци и присуство.

“Сметаме дека ова е извонредно важен проект и процес. Со новата методологија процесот станува пополитички, има повеќе вклученост на политички актери на државите членки, бирократијата функционира, но се прилагодува и на политички прашања и ние сме должни во таа методологија да им го приближиме на граѓаните процесот на пристапување, бидејќи е долготраен и тежок. Што повеќе влеземе во тематска дискусија, поглавја, кластери, толку подобро ќе може да им објасниме на граѓаните зошто е важно да го забрзаме влезот во поглавјата. Има многу прашања за кои треба да ги информираме граѓаните“, потенцира Маричиќ.

Виолета Глигороска од Евротинк накратко ја претстави структурата на проектот. „Во првата година проектот ќе се занимава со тоа како граѓаните го перципираат влегувањето на Северна Македонија во ЕУ, и што граѓаните имаат потреба подобро да разберат за евроинтеграцискиот процес. Понатаму, важен аспект ќе биде насочувањето на медиумите и медиумските професионалци за тоа што ќе биде битно и ќетреба да се следи, како тоа да се пренесе на обичниот граѓанин, новата методологија на преговори итн. Во тој правец, една од активностите ќе биде и формирање менторска школа за млади новинари и практиканти во чии капацитеи ќе инвестираме со обучувачи и ЕУ-експерти за темите, но и вмрежување на новинарските организации од земјава со медиумите од земјите членки на ЕУ со цел споделување на искуства од патот кон ЕУ.“ Во грант шемата, пак, која ќе започне  следната година, ќе бидат поддржани невладини организации и медиуми од осумте плански региони.

Марко Боариа ја претстави улогата на АЛДА во проектот како дел од заложбите на организацијата за слобода на медиумите: „Важен принцип е дека плуралноста на гласовите и зголемениот број можности за дијалог  водат до подобро локално управување и повеќе можности за изразување на грижите на граѓаните (…) АЛДА силно се грижи и за градењето подобра иднина за младите, и голем број проекти се фокусирани на младински иницијативи, вообичаено со универзалната цел мобилизирање активна база на млади граѓани.“

Лорик Идризи ја истакна важноста од афирмација и негување на професионалното аналитичко новинарство како една од важните цели на проектот, што ќе води кон поголемо учество на јавноста во демократскиот живот и во евроинтегративниот процес. „Против антиевропскиот наратив, чии составни делови се дезинформациите, лажните вести и разни форми на пропаганда, неопходно е да се поттикне поинаков наратив кој во себе ги вклучува европските вредности и најдобрите практики, кои нè водат до нив.“

Проектот „Медиумите за ЕУ“  Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ го спроведува „Евротинк“- Центар за европски стратегии во партнерство со АЛДА и БИРС во периодот од 01.03.2023 до 28.02.2026 година со поддршка од Европската Унија.

Целта на проектот е да се поттикне соработката меѓу медиумите, граѓанските организации и релевантните државни институции кои ќе работат во преговарачките процеси на земјата со релевантните институции од ЕУ, како и подобрување на квалитетот на информации и презентирање на состојбите и напредокот на Северна Македонија кон ЕУ за пошироката јавност во државата.

Të fundit