сабота, мај 4, 2024

НАД 8.000 ГРАЃАНИ СО ДИПЛОМА ЧЕКААТ НА РЕД ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Над 8.000 високообразовни кадри се во потрага по работа во Северна Македонија. Ред за вработување чекаат 7.370 граѓани со завршен факултет, но и 622 магистри и 17 доктори на науки. Агенцијата за вработување огласи 7.061 слободни работни места, но ретко кој бара ваков кадар. Највеќе работници се потребни во преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало, како и во објектите за сместување и сервисни услуги со храна. Немањето  интерес за висообразовен кадар резултираше со намалување на интересот кај граѓаните да се усовршуваат по завршувањето на факултетот. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат пад и на бројот на докторанти и на магистранти во споредба со 2021 година.

Анкета за потреба од вештини на пазарот на трудот во Република Северна Македонија за 2022 година прогнозираше дека најголем број вработувања се очекуваат во преработувачката индустрија – 39,5 отсто од вкупно планираните вработувања, како и во трговијата – дејности за кои е потребен кадар со основно или со средно образование.

Најголемапотреба од вработување на високообразовни кадри со додипломско или постипломско универзитетско образование се очекува да имаат работодавачите во дејноста информации и комуникации, во образованието, финансиската дејност и осигурувањето, како и во областа на здравствената и социјалната заштита. Па така, 12,3 проценти од вработувањата се очекуваат да бидат шанса која што им се нуди на магистрантите. Најголеми изгледи за вработување имаат информатичарите, програмерите, машинските и градежните инженери, економистите, фармацевтите, докторите по медицина и архитектите. Работодавачите бараат кадри кои имаат знаења и сертификати за напредни ИТ вештини и познавања програмски јазици, но и вештини за продажба, маркетинг, менаџирање. Ова го покажуваат анализите на Агенцијата за вработување, со цел да се направат краткорочни и долгорочни планови околу пазарот на трудот во земјата.

Универзитетски кампус Скопје
Немањето интерес на високостручен кадар резултираше со намалување на интересот кај граѓаните да се усовршуваат по завршувањето на факултетот.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Паѓа интересот за усовршување 

Немањето интерес на високостручен кадар резултираше со намалување на интересот кај граѓаните да се усовршуваат по завршувањето на факултетот. Податоците на државниот Завод за статистика покажуваат пад и на бројот на докторанти и на магистранти во споредба со 2021 година.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека во 2022 година на македонските универзитети звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, што претставува намалување за 2% во споредба со 2021 година.

Најголем број или 31.0%, докторирале во здравството и социјалната заштита, потоа 17.8% во бизнисот, администрацијата и правото, следат општествените науки, новинарството и информирањето со 10.2%, уметноста и хуманистичките науки со 9.1%, а останатите области се со помал процент на застапеност.

Во 2022 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.883 лица, од кои 1.590 или 84.4% се магистри и 293 или 15.6% се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2021 година, е намален за 4.7%. Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2022 година е 61.3%.

Најголем број од магистерските трудови, 611 или 38.4%, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 18.5% се од областа на инженерството, производството и градежништвото, по што следат општествените науки со 15.1%, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

Ваквите податоци се објавуваат во момент кога во државата се отвори полемика околу увозот на странски работници, коишто ќе ја пополнат празнината која што се создаде во повеќе дејности. Најкритично е за работни позиции за коишто не е потребно високо образование, а се кубури со кадар. На пазарот има 709 празни места за општи работници, 461 место за хигиеничари, 388 празни места за вработување на продавачи, а се бараат и 272 келнери. Проблем е да се најдат и возачи на камион, готвачи, градежни инженери, програмери и шанкери.

настава
Некои работи мора итно да се менуваат со преквалификации, доусовршување и насочување на младите кадри кон професии на иднината. Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Недостиг на знаења и вештини 

Од една страна компаниите се жалат на недостиг на работна сила, а од друга страна младите, пак, велат дека не им се дава фер шанса за да се покажат и да најдат причини за да останат во земјата.Тоа, според надлежните е јасен показател дека некои работи мора итно да се менуваат со преквалификации, доусовршување и насочување на младите кадри кон професии на иднината.

Состојбата со пазарот на трудот во Македонија е многу алармантна, бидејќи дел од млади заминуваат во странство во потрага по подобра иднина. Тие што ќе останат во земјата бараат фер шанса за вработување, без партиска книшка. Ваквите ставови тие неодамна ги изнесоа и пред вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на трибина на која се дискутираше за професиите на иднината. Најмладиот докторант на политички науки се пожали дека не може да најде вработување, затоа што на огласите на коишто се јавувала добивала одговор или дека е преквалификувана, или некој друг со „партиска книшка“ веќе го зазел столчето, поради што била принудена да бара работа во друг сектор.

Иднината на младите, според надлежните, е во четвртата индустријализација која нуди квалитетни работни места, а тоа се вештачката интелигенција преку учење роботика, дигиталниот маркетинг, сајбер сигурноста, роботика, како идните професии кои ќе се бараат на пазарот на труд. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи деновиве порача дека работни места кои постоеле пред 30 години, веќе ги нема, поради што  се бараат нови вештини и знаења.

Të fundit