петок, мај 3, 2024

Русија ја нападна Украина

Експлозии се регистрирани во Киев, Одеса, Харков, Мариупол. Руски трупи влегуваат во Украина од повеќе правци и од Белорусија. Ракетирани се повеќе аеродроми. Украинските власти потврдија дека во тек е инвазија врз државата и дека досега собориле пет авиони и еден хеликоптер. САД, ЕУ, Обединетите нации, Северна Македонија и државите од регионот со осуда на руската агресија

КИЕВ – Рано утрово, кусо по телевизиското обраќање на рускиот претседател Владимир Путин, почна рускиот напад врз Укирана. Агресијата започна со ракетни напади врз аеродромите во повеќе градови во Украина, но и ракетни и артилериски напади врз воени бази, контролни пунктови и стратешки цели. Веднаш потоа руската копнена војска придружувана од околпни единици, тенкови и транспортери, влегоа во Украина од повеќе правци вклучувајќи и Белорусија, а според неофицијални информации и видео записи руски падобранци извршија и десант врз аеродомот во Харков.

Русија ја нападна истовремено Украина од север и исток, а ракетирани се Киев, Одеса, Мариупол и Харков. Копнени трупи преку повеќе точки влегоа во Украина, дел од нив моторизирани единици и од Белорусија.

Според неофицијални информации копнени единици се приближуваат до Одеса а веќе се наоѓаат и на аеродромот во Харков.

Престрелки меѓу украинската војска и безбедносни сили и руските сепаратисти се регистрираат во Доњецк.

Ракетиран е аеродромот „Василковски“ во близина на Киев, а голем број на жители на главниот град на Укрина се засолнија во метрото или во паника го напуштаат градот.

Официјален Киев соопшти дека засега се потврдени девет жртви, од кои седуммина се цивили, како и десетина повредени. Дејствувајќи против руската агресија тие собориле пет авиони и еден хеликоптер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи вонредна состојба.

„Русија изврши напади врз нашите воени инфраструктури, врз нашите граничари. Во многу градови во Украина се слушаат експлозии. Воведуваме воена состојба на територијата на целата држава. Пред една минута имав разговор со претседателот на САД, Џо Бајден. САД почнуваат да собираат меѓународна поддршка. Денес ни требате. Секој од вас да биде мирен. Ако е можно остенете дома ве молам. Ние работиме, армијата работи. Целиот безбедносен и одбранбен сектор на Украина работи“, соопшти Зеленски.

Украинскиот министер за одбрана,Олексеј Резников, ги повика сите што се подготвени и способни да држат оружје да се приклучат на редовите на Територијалните одбранбени сили и да помогнат во одбрана на земјата.

Украина ја повика Турција да го затвори Босфорот и Дарданелите за руските бродови.

Во моментот кога почна итниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите Нации, рускиот претседател Владимир Путин во вонредно телевизиско обраќање соопшти дека одобрил специјална воена операција во Украина со цел да го заштити руското население во источниот дел на оваа држава.

„Крајната цел на операцијата е да се заштитат луѓето што 8 години беа подложени на геноцид од режимот во Киев. Москва ќе почне со демилитаризација и денацификација на Украина и ќе ги предаде пред лицето на правдата оние што извршија многубројни злосторства врз цивилите. Москва нема далекусежни планови за преземање на целата територија на Украина. За секој кој би помислил на мешање однадвор, ќе се соочи со последици најголеми во неговата историја. Сите релевантни одлуки се донесени “, рече Путин.

Претседателот на САД, Џо Бајден, го осуди неиспровоцираниот и неоправдан напад на Украина од страна на руските воени сили.

 

„Претседателот Путин избра да води војна со умисла која ќе донесе катастрофални човечки загуби и многу страдање. Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе го донесе овој напад и САД и сојузниците и партнерите ќе одговорат обединето и одлучно. Ќе се координираме со нашите сојузници од НАТО да осигураме силен и обединет одговор што ќе одврати агресија против Алијансата. Светот ќе ја повика Русија на одговорност “, рече Бајден.

Претседателот Бајден најави дека денеска има договорено итна средба со лидерите од Г-7 и дека потоа ќе се обрати до американскиот народ околу понатамошните последици што САД, сојузниците и партнерите ќе ги наметнат врз Русија за овој непотребен акт на аресија против Украина и против глобалниот мир и безбедност./ VOA

Të fundit