понеделник, април 29, 2024

„ЕДНО ОПШТЕСТВО“ СПОРЕД ЗАЕВ ИЛИ АХМЕТИ

  • Ако ја тргнеме на страна политичката битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, може да се каже дека овие избори се каректеристични по неколку работи.
  • СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев го засилуваат својот коалициски капацитет и за прв пат во коалицијата „можеме“ покрај другите партии ја вклучува и Беса.
  • Концептот што овој пат го нуди ДУИ е контраваријанта на концептот на Заев „едно општество за сите“.
  • Дали Македонија веднаш по изборите ќе се соочи со можноста за организирање на уште едни избори и со тоа со уште една политичка криза?

 

Пишува: Љубиша Николовски

 

Предвремените избори во 2020 се одржуваат во среда на 15 јули, во време на пандемија на корона вирус. Овој термин е всушност компромис што политичките партии го постигнаа по само две -три лидерски средби, иако се чинеше дека партиите кои имаа сосема различни предлози за тоа кога треба да се одржат изборите, тешко дека ќе најдат заедничко решение. Во тоа наддавање за термини беше вовлечена и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која беше првично повикана за терминот петти јули зад кој застана СДСМ и Владата. Термин кој законски произлегуваше како продолжение на суспендираниот претходно договорен датум за избори -12 април.  Но поради познати причини, а тоа е пандемијата на Ковид 19, беа одложени.

Сега се чини се е подготвено за одржување на изборите. Кампањата е во завршна фаза, мисијата на ОДИХР иако во намален состав сепак е во функција, комисијата за заразни болести изготви протокол за однесување за време на изборите, а ДИК го ревидираше роковникот и го ажурираше Избирачкиот список.

КАРАКТЕРИСТИЧНИ ИЗБОРИ ПО НЕКОЛКУ РАБОТИ

Сепак, останува за анализа фактот што Заев за коалициски партнер го одбира токму Касами и Беса, а не  Ахмети и ДУИ, партија со која вака или онака го истурка мандатот во кој станавме членка на НАТО и ги засиливме позициите за преговори со ЕУ.

Во трката учествуваат 4 коалиции и 11 партии. Кампањата се ближи кон својот крај.

Се разбира дека и на овие избори главната битка за власт ќе се води меѓу СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ и коалициите што ги предводат, „Можеме“ и „Обнова“. И оттаму логично е тоа соочување да биде во центарот на јавното внимание, како медиумски така и низ анкетите кои го предвидуваат расположението кај граѓаните. Острината на судирот се огледа и во вокабуларот за време на кампањата, која се одвива главно преку телевизиска промоција на програмите на политичките партии, потоа со претставување на носителите на пратенички листи, доминираат и спотовите, но и овој пат не изостануваат средбите со граѓани, како и мини митинзи со почитување на препораките за дистанца.

Ако ја тргнеме на страна политичката битка меѓу овие две партии, може да се каже дека овие избори се каректеристични по неколку работи.

Имено ВМРО-ДПМНЕ за прв пат по десетина години настапува како опозиција. Тоа е сосема нова улога во која се најде партијата откако по изборите 2016 не успеа да формира Влада иако имаше освоено два мандата повеќе од СДСМ. Со сиот багаж наследен од нејзиниот неприкосновен лидер Никола Груевски, новиот претседател на партијата Христијан Мицкоски се обидува политички да балансира  во сите клучни одлуки за државата. Тоа е видливо и во позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања. Таа се уште е со нејасни ставови во однос на условеноста на членството во ЕУ и НАТО со почитување на Договорот од Преспа како и на изменетиот Устав. Во јавниот дискурс Мицкоски цврсто се држи до старите сфаќања на државноста, како држава првенствено на Македонците не прифаќајќи ја реалноста за мултиетничко општество. Оттаму и избегнувањето на одговорите за можна постизборна коалиција со некоја партија на Албанците, со што повторно го намалува капацитетот за формирање Влада.

Во духот на традицијата забележителна е негативната кампања во која повеќе преферира да ја обвинува владејачката СДСМ и особено лично нејзиниот лидер Зоран Заев, одошто да работи на себе промоција и на својата програма.

Од друга страна пак СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев го засилуваат својот коалициски капацитет и за прв пат во коалицијата „можеме“ покрај другите партии ја вклучува и Беса. Тоа е за прв пат во плурална Македонија да се формира предизборна коалиција на една партија на Албанците со една македонска партија во која се вклучени и други партии на други етнички заедници. Со тоа Заев продолжува да го имплементира концептот „едно општество за сите“ со кое го симна од власт режимот на Никола Груевски. Сепак, останува за анализа фактот што Заев за коалициски партнер го одбира токму Касами и Беса, а не  Ахмети и ДУИ, партија со која вака или онака го истурка мандатот во кој станавме членка на НАТО и ги засиливме позициите за преговори со ЕУ.  Веројатно математиките на Заев одат на линијата дека вака конституирана коалицијата „Можеме“ може да освои доволно мандати за да формира влада веднаш. Дали е тоа добра математика останува наскоро да се види. Но бидејќи во политиката се е можно нема да биде чудно ако во ситуација „стани-пани“, повторно не биде повикана ДУИ на дијалог. Ова дотолку повеќе што и лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе се изјасни дека ним повеќе би им одговарал СДСМ како коалициски партнер.

Па сепак она што ќе ги одбележи и по што ќе се паметат овие избори е што ДУИ, најголемата партија на Албанците во Северна Македонија се приклучи во трката за премиер со кандидат Албанец. Оваа тема не успеа да се наметне за време на предизборната кампања во полн капацитет, но повеќе од сигурно е дека ќе биде топ тема веднаш по изборите, кога ќе се бара парламентарно мнозинство за добивање мандат за состав на Влада.

КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ДУИ СО „КАНДИДАТОТ ЗА ПРЕМИЕР“

Дали ДУИ повторно ќе биде најдобро рангирана партија на Албанците е многу неизвесно, а со тоа и дали ќе биде клучниот играч во формирањето парламентарно мнозинство.

Влегувањето во трка на Насер Зибери како натпартиски кандидат предложен од страна на ДУИ требаше да ги измести традиционалните соочувања на само двајцата лидери на најголемите македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Иако засега игнориран од страна на медиумите Насер Зибери се наметнува како сериозен кандидат за мандатар, иако е повеќе од сигурно дека „неговата“ ДУИ не може да освои доволно гласови за да може веднаш да добие мандат од претседателот на државата за состав на влада што според уставот е sine qua non. Но веројатно тргнувајќи од претпоставката дека и на овие избори резултатите меѓу двете македонски партии ќе бидат изедначени, сметаат дека нивниот преговарачки потенцијал се зголемува доколку тие освојат најмногу гласови меѓу партиите на Албанците и со тоа бидат во позиција да се наметнат како коалициски партнер. Во  тие пазарења би го барале местото премиер.

Дали е тоа крајната цел на ДУИ е неизвесно, но веројатно е добра позиција да се извојува барем местото на спикер во Парламентот, позиција што е многу важна, а која ДУИ и досега ја имаше и максимално ја користеше до последен момент.

Имено, имајќи го предвид исходот од минатите избори кога резултатот беше речиси изедначен меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не доволен за самостојно формирање Влада, ДУИ која иако беше десеткувана, одлучи да коалицира со СДСМ и со тоа да се формира сегашната владина коалиција.

Дали ДУИ повторно ќе биде најдобро рангирана партија на Албанците е многу неизвесно, а со тоа и дали ќе биде клучниот играч во формирањето парламентарно мнозинство. Предвидувањата се различни и се контрадикторни. Но засега во јавниот дискурс доминираат оние кои на ДУИ не и припишуваат светла иднина, па и такви кои сметат дека партијата сигурно ќе оди во опозиција, а со тоа и во заборав. Сондажите пак на расположението на граѓаните сепак говорат дека таа партија е се уште во извесна предност пред другите. Но што тоа ќе значи во пратенички мандати е голема непознаница.

Па сепак раководството на партијата е убедено дека нивниот кандидат за премиер ќе го добие мандатот за да формира Влада од страна на претседателот на државата.

На ваквиот самоуверен и агресивен настап на ДУИ веднаш реагираа Заев и Мицковски одбивајќи ја можноста за премиер Албанец на начин на кој тоа ДУИ го претставува, а разбрано како постизборна уцена за формирање парламентарно мнозинство и состав на влада. Тоа ги натера и јавно да се наддаваат кој кому колку пратеници ќе му отстапи во случај да мора да се формира малцинска Влада, само ДУИ да не влезе во позиција да уценува.

Засега јавно понудениот пазар со пратеници тешко дека ќе биде имплементиран во пракса, а од друга страна пак уцената од страна на ДУИ не е неизбежна. Тогаш се наметнува прашањето дали Македонија веднаш по изборите ќе се соочи со можноста за организирање на уште едни избори и со тоа со уште една политичка криза?

Веројатно нема, ако се има предвид цената што државата, односно граѓаните ќе треба да ја платат од таквиот исход. Значи еден ќе мора да попушти. Ако е така тогаш може и навистина да се размислува за формирање малцинска Влада, како супститут на долго време во јавноста споменувана широка коалиција, како наводно посакувана опција од страна на меѓународниот фактор. Разликата би била таа што не би станало збор за некаква нефункционална техничка Влада како оваа пржинската, туку за оригинерно- политичка Влада со политичка платформа зад која би застанале сите или доволен број пратеници. Логиката за постоење на ваквата можност иако е засега само теоретска наоѓа упориште во фактот дека ДУИ и не само ДУИ туку и сите албански партии многу држат до тоа да се постојано во корелација со западните партнери ЕУ и пред се САД. Затоа и дозата сомнеж во самоувереноста на Артан Груби, на Бујар Османи и на Изет Меџити дека премиер Албанец ќе се случи сигурно и тоа токму на овие избори, доаѓа токму од можноста за некакво потшепнување однадвор. Или пак тоа е обичен блеф на стариот итрец Али Ахмети.

Она што сепак треба да се има предвид е дека маната на ваквите малцински Влади е што не траат долго! Но секако се легални и легитимни! Што значи и барањето на ДУИ за влез во трката за премиер е уставно оправдано.

Медиумите се уште се држат до старата пракса и неоправдано го игнорираат барањето на Зибери лично, но и на партијата која го кандидира за премиер и тој да биде вклучен во дебатите за да може да ја претстави својата политичка платформа.

Во меѓувреме, двајцата лидери Заев и Мицкоски и декларативно се изјаснија дека се кандидати за премиер. Ваквите изјави кои можеби имаат за цел да ја елиминираат конкуренцијата во јавните настапи за да не се отапи острицата на меѓусебната конфронтација одеа и дотаму што се наведуваа и причини кои не кореспондираат со стварноста дека премиер се   станува по желба на граѓаните. Имено според член 90 од Уставот, Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата  на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

КОНТРАВАРИЈАНТА НА КОНЦЕПТОТ НА ЗАЕВ

Не само по резултатите во број на пратеници,  туку и по концептот на иднината по која државата ќе тргне. Од таму и нема да биде исто дали со Република Северна Македонија ќе раководи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ. Од тоа исходиште во државата ќе има далекусежни не само политички, туку и широко општествени промени.

Концептот што овој пат го нуди ДУИ е контраваријанта на концептот на Заев „едно општество за сите“. И тоа е двослојно: прво му го враќа ударот со тоа што –  ако е навистина така, тогаш оној на Заев е „фаличен“ доколку во тоа општество претставник на друга етничка заедница не може да биде премиер. Но она што ДУИ го знае, но не го артикулира е што заевиот концепт е во суштина граѓански концепт со кој на минатите избори не само што го победи Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, туку ја победи етноцентричноста на ДУИ и на сите други партии на Албанците. За сите нив Македонија е пред се држава на етникумите, а не граѓанска држава. И ДУИ тоа не го крие, напротив го експонира. За нејзините истурени претставници на концептот „премиер Албанец“, е се уште рано за граѓанско општество. Но за разлика од него, нивниот кандидат за премиер, Насер Зибери говори за горе- доле граѓански концепт за кој тој се залага.  Или тоа би можело да се подразбере од фактот дека тој е надпартиски кандидат и дека според неговата платформа се залага да биде премиер на сите граѓани не преферирајќи ги правата на Албанците и не ексклузивно нивните колективни права.  Но од друга страна пак веднаш се залага за обврзно изучување на албанскиот јазик како и за други аспекти од колективизмот како што се Македонец и Албанец заедно на чело на стратешки државни институции, или консензус за промена на химната.

Ваквата дуална позиција на партија која стои зад еден кандидат и исфрлен шпиц кандидат кој е надпартиски е прилично неодржлива кога станува збор за премиер. Кога би станувало збор за претседател на држава, би било и разбирливо. Но премиерот се подразбира дека има платформа по која настапува и по која ќе се раководи во Владата. Но, и партијата -предлагач има своја платформа. Одговорот дека владината програма е секогаш заедничка и држи и не држи. Уште повеќе противречноста се зголемува ако партијата која го кандидирала премиерот не се сложува со начинот на раководење на владата. Тогаш лесно може да се откаже од него и владата да падне. И обратно, што ако премиерот во одреден момент не се согласува со идеите и платформата на партијата која го номинирала? Оставка, и нова Влада?

Затоа и овие избори по многу нешта ќе бидат уникатни, но и неизвесни. Не само по резултатите во број на пратеници,  туку и по концептот на иднината по која државата ќе тргне. Од таму и нема да биде исто дали со Република Северна Македонија ќе раководи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ. Од тоа исходиште во државата ќе има далекусежни не само политички, туку и широко општествени промени.

 

*Авторот е новинар. Анализата е напшшана за порталот КДП

 

 

 

 

 

 

Të fundit