недела, мај 12, 2024

Празна кампања за важен избор

И додека се сведува кампањата на тоа, кој повеќе украл, ние тонеме се подлабоко! Опција се политичари што пукаат бомби и објавуваат прислушкувани разговори за да понудат демократија и правичност. Колку сме ги изгубиле вредностите ако нелегално снимени разговори треба да ни го отворат патот за правда и демократија?

Катерина Топалова

Државата е во криза! Здравствена, политичка, општествена…сега повеќе од кога било ни е потребен избор за да може да донесеме важни одлуки и да живееме подобро. Во време кога постои зљараза која не бира по пол, возраст, религија и партија, мораме повеќе од кога било да работиме заедно.

Но што ни се случува во реалноста?

Двете најголеми македонски партии не престанаа да објавуваат снимени телефонски разговори или муабети од кафеани. Го нема ни првичниот адреналин кој се појави по објавувањето на првите „бомбми“ на Заев. Сега веќе е болно. Низ разговорите пазар-муабети и тргувања со гласови и луѓе, надитрувања и закани. На вечерашните средби со граѓаните волците преоблечени во јагнешка кожа, со мил поглед мамат гласачи. Кампањата не е натпревар за подобри идеи и подобри понуди за излез од кризите, туку е сведена на обвинувања кој повеќе украл. И како во народната-магарето му вели на волкот-имаш големи уши. Изборот е сведен да се гласа за помалото зло, оти добро никаде нема! А народот е гол. И во физички и психички. Ова малтретирање трае со години! Оние кои не побегнаа на време, останаа за да дотрпат уште малку мачење.

Албанскиот блок е приказна за себе. Во време кога мојот пријател Шенол и комшијата Зоран лежат кревет до кревет на Инфективно одделение и се борат за воздух, партија од албанскиот блок ветува дека ќе вложи повеќе во здравството каде што се лечат Албанци. Зар мислите дека на Шенол ќе му биде добро ако на Зоран му се влоши состојбата? Зар мислите дека Шенол нема да ви скокне ако него му давате лекови а на Зоран не? Зарем мислите дека на оваа земја и се потребни нови поделби?

Вам не ви треба Албанец премиер, вам ви треба визија за нормална држава. Проблемите не се решаваат сами ако отворате нови жаришта, ако дефокусирате со измислени проблеми таму каде што ги нема.

Ова општество е гладно за нормалност. Одамна живееме во ненормални услови. 

Të fundit