недела, мај 19, 2024

За жените

Катерина Топалова

Како жена, во женскиот месец, почувствував потреба да напишам збор-два за статусот на родот во ова општество. Пред официјалниот ден, кога со ружа, парфем или нови чевли ќе и покажете внимание, сакам да упатам на вистинската заложба на општеството жената да биде рамноправна.

Не е тајна дека живееме во машки свет во кој жените пополнуваат некакви квоти. Жената-лидер и во исто време и мајка се соочува со бројни стереотипи. Голем дел од општеството ја осудува зошто е посветена на кариерата и со тоа не му се посветува доволно на семејството, суди дека не може во исто време да се има и кариера и здраво земјество. Жената на челна позиција мора да расчисти дека ќе изгради ѕид околу себе за да не можат да ја срушат сите гласини што ќе кружат како куршуми. 

За мене е лицемерна наводната борба за родова еднаквост која мажите ја пласираат. Ниту еден политички лидер не може да ме убеди дека е тешко да се најде доволно образовани, паметни и работливи жени кои ќе дадат големи резултати. Колку жени има на чело на општини? Колку жени има на чело на министерства? Кога сме имале жена за претседател? Останува праксата која не сакаат да ја менуваат, да гаат општество кое ќе се сомнева во женските квалитети. 

Жената кај нас се уште се перципира како кршлива и мека, а од неа се бара да биде добра домаќинка, посветена мајка и страсна љубовница. Се што ќе биде поразлично од ова може лесно да се критикува и да се закачи на столбот на срамот. 

Кај нас се уште е необично ако таткото користи породилно боледување, ако готви, чисти или ги чува децата. Поддржувањето на ваквите ставови ја држи настрана жената од лидерските позиции и не и помага да се реализира. И да не бидам погрешно сфатена, јас не мислам дека жените треба да имаат моќ над мажите. Туку тие треба да се борат за моќ над себе!

Жената во нашето општество мора да созрее сама! Да почне да верува во себе. Да се бори! Да инвестира во сопственото образование и да не се помирува со каква било пасивност! Ниту едно општество не смее да се плаши од жена со книга! Познатата Опра Винфри вели:

„Не е важно која си, ниту од каде потекнуваш. Способноста да победиш запчнува во тебе секогаш!“ или мојот омилен цитат од Роузен Бар: 

„Едно нешто што сите жени треба допрва да го научат е дека никој не дава моќ! Едноставно ја земате!“ 

За жал, кај нас жените се уште умираат од недоволна грижа за сопственото здравје. Во голем број рурални места за време на менструација седат дома и не посетуваат настава зашто нивните семејства не можат да си дозволат влошки или тампони. Гинеколозите се со километри оддалечени од нивните места на живеење. Последен пример е заминувањето на гинекологот од Шутка каде стотици Ромки се прегледуваа. Тоа е населба во Скопје. Во главниот град. Не мора да одиме подалеку. Овде жените не се исти од општина во општина а уште помалку во урбана и рурална средина. И тоа не е грижа за жените! И тоа не е борба за статус на жените. Затоа 8ми март ќе биде среќен кога ќе сфатиме дека борбата за женските права е заедничка! Општествена!

Жени, бидете силни и самостојни! Бидете пример за своите ќерки и внуки и учете ги да не се плашат!

Të fundit