петок, мај 17, 2024

Има ли решение за безидејното образование

Килаво ѕвонче на првиот училишен ден. Дел од првачињата удостоени со прием и два-три топли збора од нивните наставнички, дел, пак, дотерани направија фотографии меѓу празните клупи и столчиња. Оваа генерација првачиња од првиот ден во светот на знаењето доби слика за реалноста во какво општество ќе пораснат-поделено, збунувачко, неправедно, неизвесно.

Автор: Катерина Топалова

Незадоволни од првиот училишен ден се и наставниците кои бараат повисоки плати, и родителите чии првачиња останаа без приредба и властите чии ветувања за покачување на месечниот надомест не беа доволни за да ги разубедат просветарите.

Образованието е еден од носечките столбови за здраво општество. Неодамна направив истражување и споредба на нашиот со системот во Данска. Не се најдобри, но се меѓу најдобрите. Што ни недостасува да бидеме Данска во образованието?

Во Данска професијата наставник е една од најценетите. Токму затоа селекцијата на студенти кои можат да се запишат на педагошки факултет е строга. Студиите се со многу теорија но исто толку и пракса. Љубовта и трпението кон децата се примарни.

Часовите траат 45 минути. Учениците од 12 години презентираа проект со кој пред тројцата професори, кои беа комисија за работа во фабрика, аплицираа да добијат работа. Имаа изготвено CV, мотивационо писмо, одговараа на прашања и зборуваа за своите вештини. На оваа возраст веќе се учат за зрелост и за почетната фаза да станат конкурентни на пазарот на труд. На 16 години секој од нив може да почне со работа и да заврши со школувањето, може напоредно да го прави и тоа и тоа, може само да учи, изборот е индивидуален. За оние што паралелно се школуваат и стекнуваат практика работејќи, на возраст од 25 години кога ќе завршат факултет, имаат CV со 10 години работно искуство и препораки од работодавци.

Децата на таа возраст се исти во целиот свет. Бунтовни, љубопитни, немирни. Во ниту еден момент наставникот не го повиши тонот кон ниту едно од нив, но имаше многу опомени-со поглед, со збор, со разговор. Немаше потреба повеќе од една реченица за ситуацијата да ја врати во нормала.

Во секое одделение има и деца со попреченост. Со нив работи асистент кој им помага да ја совладаат програмата. На секои два месеца класниот се среќава со нивните родители, двојно почесто одошто со родителите на останатите деца. Заеднички го следат напредокот. Доколку детето е среќно во средината и успева да се доближи со прифаќањето на содржините-тогаш останува во тоа училиште. Најчесто во таквите случаи за неколку години децата ја надминуваат попреченоста и стануваат исти како нивните врсници. Но, има и такви кои не можат да се вклопат, па кога родителите и наставниците ќе сфатат дека тие не се среќни во околината, одлучуваат да ги префрлат во специјални училишта.

Концетрацијата на учениците знае често да падне. Наставникот има целосна слобода да одлучи да го прекине предавањето и да им даде 10 минути во училишниот двор. Ги остава да трчаат, лудуваат, играат…тој е набљудувач само да не се во некоја опасност. Велат дека ваквата „мерка“ носи многу позитивна реакција бидејќи во останатиот дел од часот децата се подготвени да ги „впијат“ содржините.

Додека одмараат учениците, одмараат и наставниците. Меѓу часовите или за време на слободен час, тие имаат услови за спортување во училиштето, слушање музика, читање книга. Во Данска важи правилото-Задоволен наставник-добар ученик!

Но и таму се јавува незадоволство. Во периодот додека присуствував во Копенхаген, се водеа разговори меѓу министерката за образование и синдикатот на образовните работници. Власта сакаше да го зголеми фондот на часови во еден ден, наставниците предупредуваа дека тоа ќе биде контрапродуктивно и за нив но и за учениците. Тогаш министерството даде обврска да се направи истражување и да се разгледаат заедно со синдикатот сите придобивки и загуби.

Данска  во 2017 година имала највиска просечна плата од сите земји на ЕУ – 3.095 евра, што значи дека наставниката плата е 185% од просечната. Кај нас просечната плата во 2017 била 23.850  што значи дека нставничката плата е 95% од износот на просечната.

Во македонското образование парите не се првиот проблем. Проблемот е во безидејноста што сакаме да направиме! Поставуваме сто приоритети.

Автономијата во основното образование е еден од главните концепти во скандинавските држави. Што повеќе наставници кои работат со нивните деца-поголем квалитет. Во овие две децении научивме се што треба да направиме, само сега треба да се организираме и да го спроведеме. Го уништивме образованието давајќи им голема слобода на бирото, на државниот испитен центар, на центарот за стручно образование и некако ги изгубивме од системот. Продуцираме неписмени генерации, вработуваме партиски наставници, се губиме во наставните програми и најважно-наместо да го почитуваме системот, бараме можност истиот да го изиграме!

Të fundit