четврток, мај 2, 2024

ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ: ПОСТОЕЧКИТЕ НАРАТИВИ И КОНТРАНАРАТИВИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Процесот на европски интеграции во Северна Македонија продолжува, а со него и дебатите околу наративите и контранаративите. Едно е сигурно: комуникацијата и образованието треба да се користат за да се поддржи јавната свест и да се олесни донесувањето на одлуки што ќе влијаат на иднината на земјата. Важно е да се продолжи истражувањето и дијалогот околу овие наративи и контранаративи, како и да се слушне гласот на различните засегнати страни. Процесот на европски интеграции не е само влез во Европската Унија, туку и изградување на одговорна и информирана граѓанска свест.

Пишува: Катица Јанева

Северна Македонија како држава се наоѓа во постојан процес на трансформација и промена во однос на прашањето за евроинтеграциите. Уште од прогласувањето на својата независност во 1991 година, државата работи активно на усогласување со европските вредности и институции како дел од својата стратегија за изградба на стабилна и демократска држава. Овој процес на приближување кон Европската Унија ги обедини државата и граѓаните околу заедничка визија за подобрување на стандардите на живеење. Северна Македонија започна со процесот на европски интеграции во 2005 година, кога доби кандидатска статус. Во текот на годините, земјата работеше на разни реформи и измени за да ги исполни стандардите и критериумите на Европската Унија.

Скоро две децении подоцна, еден од најсериозните и најголеми предизвици за нас како држава сè уште се однесува на европските интеграции и членството во Европската Унија како конечна цел.

Вниманието на граѓаните и политичката јавност е привлечено од алтернативните наративи што ги носи со себе процесот на евроинтеграции. Еден наратив се фокусира на можностите што ги носи членството во Европската Унија, како подобрување на економската ситуација, инфраструктурата и меѓународниот статус на земјата. Овој оптимистички наратив поттикнува голема поддршка кај дел на граѓаните. Постојат, меѓутоа, и контранаративи кои ги изразуваат негативните аспекти на европските интеграции. Некои од нив ја акцентираат загубата на суверенитет и независноста на државата, влијанието врз локалната економија и приспособувањето кон новите стандарди. Исто така, се појавуваат и прашања поврзани со економските аспекти на членството, како што се условите за финансиска стабилност и контролата на надворешните трговски односи. Овие контранаративи може да предизвикаат недоверба и резервираност кај дел од граѓаните.

Кредибилност и европски перцпективи

Ниската кредибилност на перспективите за влез на Северна Македонија во Европската Унија во изминатата деценија особено придонесе кон постојаното намалување на поддршката за членство во Европската Унија во земјата. Трендовите на намалена поддршка за членство во Европската Унија во најголема мерка се резултат на долготрајниот спор со Грција околу употребата на името. Спорот за името се одвиваше во текот на речиси три полни децении и го отежнуваше пристапниот процес на земјата кон Европската Унија. Оваа дипломатска контроверзија и долгогодишна блокада на евроинтегративниот процесот засекогаш ја намали перспективата и мотивацијата на граѓаните за членство во Европската Унија.  Спорот за името со соседната Грција беше долготраен и комплексен, и се реши со потпишувањето на Договорот од Преспа во 2019 година. Договорот од Преспа се смета за историски успех отворајќи пат за подобра регионална стабилност и интеграција на земјата во меѓународната заедница.

Меѓутоа споровите со соседните држави не завршија тука. Спорот со Бугарија кој се однесува на историските и јазични разлики меѓу двата соседни народи продолжува да го забавува процесот на евроинтеграции. Бугарија има долга историја на негирање на македонскиот јазик и култура и настојување да го прикаже македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот. За да се реши овој спор, двете соседни држави потпишаа историски Договор за пријателство, соработка и добрососедство во 2017 година. Овој договор имаше за цел да ги подобри односите помеѓу двете држави решавајќи ги споровите на мирен начин.

Во 2020 година, Северна Македонија доби статус на официјален кандидат за членство во Европската Унија за започнување на пристапните преговори. Сепак, нови пречки и отежнувања на пристапните преговори настанаа во текот на последните години вклучувајќи го усвојувањето на новата методологија  за проширување на Европската Унија донесена во март 2020 година од Европскиот совет. Кон крајот на истата година следува бугарското вето на преговарачката рамка за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Француското претседателство со Советот на Европската Унија во јуни 2022 година понуди дискутабилен документ т.н. француски предлог како решение на овој спор. Предлогот како основа за укинување на бугарското вето бара вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

Бугарија постојано го вклучува пристапниот процес во спорот околу историјата, јазикот и идентитетот на Македонците, што резултира во дополнителна нетрпеливост меѓу граѓаните и недоверба кон Европската Унија.

Откако во јули 2022 година владата го прифати францускиот предлог предизвикува низа негодувања и критики од опозициските политичките партии, експертската јавност и граѓаните. Сето ова беше обележано со низа народни собири против предлогот и уставните промени. Опозициските партии одбиваат да ги дадат потребните гласовит за да се изгласаат уставните промени и покрај зголемениот притисок од меѓународната заедница. Независно од тоа што скоро сите политички партии јавно потврдуваат дека се посветени на патот кон Европската интеграција и дијалог, сепак кога станува збор за практична соработка со цел земјата да оди напред тоа не е случај.

Сите овие случувања имаат негативен ефект врз граѓанската поддршка кон пристапните преговори и го зголемуваат јавниот простор со контранаративи. Најголемиот предизвик во комуникацијата околу европските интеграции е изнаоѓањето баланс помеѓу наративите и контранаративите. Во оваа област, македонскиот идентитет игра важна улога. Сегашниот процес на измена на историските наративи и поддржување на мултиетничката природа на земјата се дел од стратегиите за интеграции. Неопходно е да има отворена дебата во која сите учесници би се однесувале одговорно и транспарентно. Меѓународниот наратив смета дека вметнувањето на уште едно малцинство т.е. Бугарите во Уставот претставува јакнење на веќе добрите меѓуетнички односи во земјата и не го нарушува идентитетот на државата и граѓаните. Спротивно на тоа, дел од експертската јавност и опозициските партии, со тоа и граѓаните сметаат дека е против националниот интерес и бришење на македонскиот идентитет. Ваквиот европскиот дискурс и немањето напредок на европската методологија за проширување придонесува за вистинско губење на кредибилитетот на Европската Унија и идејата за која се залага. Постојаното кршење на вредностите кои Унијата ги застапува создава перцепција на лицемерие во очите на граѓаните.

Покрај тоа што бројните статистики покажуваат негативна и намалена динамика на граѓанска поддршка на пристапниот процес, сепак таа останува висока. Тоа значи дека останува желбата на граѓаните да се приклучат кон Унијата и да градат демократска држава. Значајно е да се спомене дека јавната поддршка на евроинтеграциите е повеќе изразена и позитивна кај другите етнички заедници во земјата отколку кај Македонците. Најверојатно е дека скептицизмот и несигурноста се резултат на долгиот и сложен процес кој бара структурни реформи и резултати.

Од друга страна, искуствата од други европски земји укажуваат дека почетокот на преговорите секогаш е проследен со отворени билатерални прашања и блокади. Но, преку нивното решавање фокусот се насочува на остварување на реформите и развој на земјата.

Афирмација на европскиот наратив

Поголемиот дел од граѓаните, особено младите луѓе, гледаат кон Европската Унија како на природен соработник и економски партнер со безброј предности и можности. Младите граѓани, ја гледаат Европската Унија како пат кон подобра и посветена иднина, со можности за работа, образование и културен размена. Го подржуваат концептот на слободно движење на луѓе, стоки и услуги што го нуди Европската Унија гледајќи го како можност за стекнување искуства и соработка со лица од различни култури и националности.

Ова може да се види како силна афирмација на европските наративи и како момент на намалување на контранаративите.

Големата геополитичка слика и светските случувања имаат значително влијание врз процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан и на нивниот заеднички интерес за брзо напредување во преговорите со Европската Унија. Еден од најистакнатите примери на влијание на глобалната политика на регионалниот процес за евроинтеграција е украинско-руската војна. За земјите од Западен Балкан, оваа криза потсетува на потребата за стабилност и мир во региони каде што постојат геополитички конфликти и дека мирните решенија и демократските вредности, кои ги промовира Европската Унија можат да бидат постигнати само преку европското членство.

Во исто време, моделот за етапно пристапување останува единствениот сеопфатен предлог кој го отвора патот за пристапување на нови членки паралелно со внатрешните реформи насочени кон зајакнување на институционалната рамка и непречено функционирање на проширената Унија. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, неодамна предложи зголемени можности за финансирање за Западен Балкан кои ќе бидат условно достапни само со потребните политички и економски реформи.

Процесот на европски интеграции во Северна Македонија продолжува, а со него и дебатите околу наративите и контранаративите. Едно е сигурно: комуникацијата и образованието треба да се користат за да се поддржи јавната свест и да се олесни донесувањето на одлуки што ќе влијаат на иднината на земјата.

Важно е да се продолжи истражувањето и дијалогот околу овие наративи и контранаративи, како и да се слушне гласот на различните засегнати страни. Процесот на европски интеграции не е само влез во Европската Унија, туку и изградување на одговорна и информирана граѓанска свест.

(Авторката е раководител во Европска асоцијација за локална демократија за Западен Балкан)

Të fundit