четврток, мај 9, 2024

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и меѓуетничките односи

Пишува: Денко Малески

Комплексниот етнички состав на нашата држава налага внимателност при формулирањето не само на домашната туку и на меѓународната политика. Деновиве, како Македонци негодуваме што албанските претставници во власта не се доволно чувствителни кон нашите идентитетски трауми кон Бугарија, заборавајќи на фактот дека тие трпеливо не чекаа четврт век  во спорот со Грција. Имавме среќа што нивните сонародници во Албанија и во Косово, зафатени со своите проблеми, не се движеа кон ЕУ побргу од нас. Косово уште ќе заостанува, се додека не се реши спорот со Србија, но Албанија тргна напред. Македонските и албанските политичари во нашата заедничка држава мораат да мислат на ефектите кои тоа ќе ги има врз Македонија. Забрзано движење на Албанија кон ЕУ и стоење во место на нашата држава е рецепт за невољи. Успешниот пример на трансформација на албанското општество во просперитетна демократија од другата страна на отворената граница, во отсуство на таков подем кај нас, може да биде повод за радикализација на албанското население. Не знам каква е состојбата денес, но во една книга на норвешки професор од пред петнаесетина години, во анкета спроведена меѓу Албанците во Македонија, Косово и Србија, на прашањето дали сте за припојување кон Албанија, најголем процент на оние „за“, беше во Македонија. Мислам дека процентот изнесуваше около 60 отсто. Ако е така, тогаш само она што ја сочува државата е свеста на албанските политичари од првиот парламентарен состав па наваму, дека таков потфат не е можен без војна, па ни со војна, како што покажува примерот со Босна и оној од 2001 кај нас. Укажувањето на веројатноста од радикализација на меѓуетничките односи во случај на блокирање на патот кон ЕУ со одбивање на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за промените на уставот, не треба да се сфати како закана од било кого. Ако се точни показателите на норвешкиот научник, станува јасно дека албанските политичари и самите вложуваат напори во вистинската насока, одејќи против вољата на својот народ. Затоа, многу „плитко“ е прашањето дали СДСМ и ДУИ ќе превземат нешто и ќе „заиграат“ на кратата на меѓуетнички сукоби ако не поминат уставните измени. Тие ништо не мора да сторат за да дојде до сукоби. Мислам дека опасноста е пред се од појава на нови генерации добро образувани албански политичари кои во години на стагнација на македонската држава може да побараат решение во некоја поинаква опција од досегашната. Не, не мислам со куршуми, туку со гласачки кутии.

Имено, се плашам дека и опцијата промена на границите е опција која може да се најде на масата во услови на пропаднати балкански држави, како што ни покажаа националистите од разни бои кои ја урнаа Југославија. Уште во времето на нејзиниот распад, Даглас Херд, британскиот министер за надворешни работи, го постави принципот: не може властите да пукаат во своите граѓани за да ја сочуваат државата. Тоа во демократска Европа не се прави, па мала е веројатноста дека некој ќе пука во шкотланѓаните во случај на успешен референдум за отцепување.

Се разбира, никој не може да исклучи, во обид да не спречат да тргнеме по опасниот пат со победата на ВМРО-ДПМНЕ, дека големите западни сили би можеле да употребат и средства од тајниот арсенал за рушење или поставување на режими, особено сега кога сме на почетокот на нова Студена војна со Русија и со Кина. Во таа нова војна, да си со Америка значи да го прифатиш „францускиот предлог“, а да си против Америка значи да го отфрлиш. Од таквата ситуација следат последици по партијата на власт и кон народот. Така е тоа во политиката, особено во меѓународната политика: ти (ВМРО-ДПМНЕ) си замислуваш дека ја контролираш ситуацијата а, всушност, ситуацијата те контролира тебе. Ако е тоа точно, тогаш партијата на македонските националисти има мали шанси да го сруши „францускиот предлог“. Но, нема гаранции дека ова сценарио ќе се случи. Западните сојузници можат да решат да не препуштат на нашата судбина, па да видат што после да прават со народ чиј номинално „прв“ интелектуалец му се моли на Св. Илија Громовник да удри со молњите по домашните и странските душмани, а потенцијалниот премиер им ги пренесува своите емоции за татковината на странските соговорници.

Треба отсега многу да мислиме. Да мислиме што ќе правиме на крајот на приказната која би почнала со блокадата на преговорите со ЕУ. Што би се рекло, треба стратешки да мислиме. Таквото мислење вели дека заостанувањето на македонската држава во процесот на европската интеграција наспроти подемот на Албанија, ќе биде видлив доказ за нашата неспособност да се движиме напред. Доказ дека ние Македонците, еве повторно не успеваме навреме да си ги решиме споровите со соседите и дека таканаречениот „камен околу вратот“ на Македонците наречен „Албанци“ е , всушност, „камен околу вратот“ на Албанците наречен „Македонци“. Тогаш сме во голема невоља.

Të fundit