среда, мај 1, 2024

БЕЛЕН – ПАТОТ КОН ЕУ Е ТЕЖОК, НО ГЛЕДАЈТЕ НАПРЕД

Немојте да ја изгубите целта од вид, да работиме заедно за скорешен прием на Северна Македонија во ЕУ. Австрија останува ваш сигурен партнер, изјави австрискиот претседател Алексанадар Ван дер Белен на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со претседателот Стево Пендаровски.

„Убедени сме дека ќе успеете да ја направите промената на Уставот и да продолжите по својот пат кон ЕУ. Австрија целосно ќе ве поддржува на тој пат“, рече Белен.

Тој нагласи дека земјава со Охридскиот рамковен договор е пример во регионот во однос на етнички и религиски соживот, а за да продолжи процесот на проширување би било нужно да се промени Уставот. Во Австрија, вели тој, знаат дека промената на Уставот е нешто што политички предизвикува тензии, но треба да се гледа напред, да се работи во правец на заедничка европска иднина.

„Знаеме дека вашиот пат кон ЕУ е тежок, дека фрустрацијата за времетраењето на процесот е разбирлива, но ве молиме немој да ја изгубите целта од вид. Хрватска покажа дека приемот е можен кога сите значајни политички сили влечат во ист правец. Да работиме заедно за скорешен примен на Северна Македонија“, рече Ван дер Белен.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ќе одржи говор во Парламентот и ќе ги замоли сите пратенички групи да размислат за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот и што се става во ризик ако не се усвојат.

Претседателот Пендаровски истакна дека украинската криза може да ја поттикне интеграцијата на регионот во ЕУ, а како докажан пријател Австрија ја форсира политиката на проширување на ЕУ.

Двајцата се согласиле дека во отсуство на јасна европска перспектива, евроскептицизмот ќе продолжи да расте и сигурно ќе биде сигнал за некои други сили кои работат спротивно на европските вредности.

Посебен фокус во разговорите бил ставен и на интензивирањето на економската соработка.

Бугарија ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ со барање Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав. Опозицијата вели дека нема да гласа за такви измени.

Të fundit