петок, април 26, 2024

СВЕТОТ И НИЕ, КОЈ КАДЕ ТЕРА

Со доза на горчина и гнев ги подголтнувам зборовите на Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, дека светот денес се наоѓа во најтешкиот период по Втората светска војна и дека предизвиците се идентични како тие некогаш… Гласен АЛАРМ! Дали треба да бидеме загрижени? – Да! Кратко и јасно! Особено ако се земе во предвид дека ваквата изјава Столтенберг ја даде за време на сребдата на рускиот претседател Владимир Путин, со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Москва.

Пишува: Катерина Топалова

„Светот обединет е подобар свет, отколку кога е поделен. Но поделениот свет е подобар свет, отколку уништениот“. Оваа порака на Винстон Черчил и тоа како моќно одекнува денес, имајќи во предвид дека живееме во биполарен свет, кој се наоѓа на работ на експлозија. Пророчки не/предвидлива е Черчиловата порака, барем за оние кои сакаат и умеат да читаат меѓу редови, затоа што станува збор за човекот кој во историјата на човештвото одиграл главна улога како „кројач“ на некогашната светска геополитика и активен стратег во победата на Сојузниците во Втората светска војна. Имено, благодарение на неговата визија, ние денес го имаме и живееме светот каков што го знаеме и поимаме, со сите свои предности и недостатоци… Но, токму благодарение на него, денес некои прашања кои требало да бидат решени токму во негово време, ни предизвикуваат главоболки, и не само нам, туку и на играчите од странската сцена… Ако некогаш „големата тројка“, во време на војни и предизвици се состанувала и решавала за иднината на светот, тогаш  обединета против најголемото зло Хитлеровиот нацизам, денес дисторзираниот свет во кој ние живееме е поделен  по сите основи и пробува да се спаси од уништување.

Со доза на горчина и гнев ги подголтнувам зборовите на Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, дека светот денес се наоѓа во најтешкиот период по Втората светска војна и дека предизвиците се идентични како тие некогаш… Гласен АЛАРМ! Дали треба да бидеме загрижени? – Да! Кратко и јасно! Особено ако се земе во предвид дека ваквата изјава Столтенберг ја даде за време на сребдата на рускиот претседател Владимир Путин, со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Москва.

Јалта е поблизу до Москва, отколку Вашингтон?! Која и каква е позадината од средбата на старо-новите сојузниците Русија и Кина? И дали резултатот од истата би бил идентичен како Черчиловиот прв говор во Парламентот од 13 мај 1940 година: „Би му рекол на Домот, како што им кажав на оние кои се приклучија на оваа Влада, немам што да понудам освен крв, труд, солзи и пот. Пред нас е тешко искушение од најтежок вид. Имаме пред нас многу долги месеци на труд и борба. “ Можеби токму ова сакаше да ни го каже Столтенберг, со черчиловски речник?! Но некако го изусти со доза на претпазливост и несигурност?!  Нејсе!

Во времето на победи и триумфи и Черчил и Рузвелт седеле до Сталин на маса, или кажано повторно со пророчки речник: „Светот обединет е подобар свет, отколку кога е поделен“. Денес Путин е далеку исфрлен од геополитичката маса на Западот, но генерално земено впечатокот е дека токму Јалта денес е замената со Москва?! На местото на Черчил и Рузвелт, седната на маса е втората најголема економија во светот, кинеската, чие економско влијание и воена моќ во светот се на прилично завидно ниво. Сценарио и драматургија, кои изискуваат плодна „кинематографска“ завршница, во која ние можеме единствено да бидеме неми сведоци.

Некои зналци ќе речат… За да не ги доживуваме вака неизвесно и драматично миговите на искушение, требаше ако ништо друго да го послушаат и анализираат Хенри Кисинџер. Нема потреба од измислување топла вода! Сѐ е кажано! Сферата на влијание на Русија, била и останува европскиот континент, додека сферата на влијание на Кина е токму Азија и Африка и целосна изолација на некогашниот Комонвелт, но денес на чело со САД. Ковидот не ја запре руската економска „инвазија“ на Европа, ниту пак кинеската на Африка, туку ја одложи, но војната во Украина и тоа како ги запре нештата, подготвувајќи го светот за она најстрашното кое требаше да ја урне азиската економија со пандемијата, а денес успешно поставува нова Железна завеса, меѓу нашиот и нивниот свет. Поделени до коска… Ќе бидам иронична, најпаметно ни е да си се вратиме на стариот и добар начин на војување со конвенционлно оружје, чунки биолошкото го преживеавме.

И додека некој таму ни ја крои иднината на маса, та била Москава или Вашингтон, од светските новости по одној драматичен прес на Столтенберг издвојувам: 1. Народна Република Кина влегува со најголемата инвестиција досега во Унгарија за изградба на фабрика за батерии, по замрзнатите ЕУ фондови за Будимпешта, давајќи и огромен стимул на унгарската економија.  2. Народна Република Кина ја одбележува годишнината од изградбата на брзата железница Белград – Нови Сад кон Будимпешта, првата етапа од вертикалната југоисточна конекција која е во фокусот на кинеското инвестирање на европско тло, ставајќи иден акцент на Балканот. 3. Народна Република Кина со дипломатски (читај економски) маневар ги помирува на маса Иран и Саудиска Арабија, по долг период на непријателство. 4. Африканските државници почнуваат како недоносенчиња да ги третираат европските амбасадори во нивните земји, по жалбите дека кинеското влијание во африканските земји било поголемо од европското (видео материјал за потсмев)!? И како последна, петта  информација ја издвојувам: „Пропадна улица позади Универзална сала во Скопје, поради градежни активности за изградба на нова зграда“. Чисто илустративно и ние да фатиме чекор со светот околу нас, да видиме каде живееме и кон каде тераме?!  Амбис, дупка!

За крај ќе му се вратам на Черчил и еден негов познат разговор кој го бележи неговиот биограф Сер Мартин Гилберт, опишувајќи го краткиот дијалог меѓу Лејди Астор и Винстон Черчил. Разговорот е парадигма на нашето живуркање, чиниш отсекогаш сме биле  важен фактор во светот на геополитичките случувања:

Лејди Астор: „Кога би била во брак со тебе, би ти ставила отров во кафето“.

Винстон Черчил: „Кога би бил во брак со тебе, радо би го испил“.

 

Të fundit