недела, април 28, 2024

ДОГОВОРИТЕ ОД БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС ЗАГЛАВЕНИ ВО ПАРЛАМЕНТИТЕ

Договорите кои го олеснуваат патувањето, студирањето и работата за граѓаните на земјите од Западен Балкан се потпишаа пред пет месеци. Но во повеќето од земјите, меѓу кои и Македонија, се уште не се ратификувани во парламентите.

Договорите кои шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина ги потпишаа лани на самитот на Берлинскиот процес ратификувани се во само две земји од потписниците, меѓу кои не е Македонија.

Станува збор за договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти, чија цел е регионална интеграција и слободно движење на граѓаните на Западен Балкан.

Во моментот кога во Македонија се отвори прашањето дека е неопходно да се узвезуваат работници Владата на 14 март ги усвои на седница договорите.

„Предлог-законот за ратификации на трите договори за слободно движење со лични карти и признавање дипломи и звања меѓу државите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, како и во рамки на Централно-европскиот Договор за слободна трговија се испратени до Собранието на Република Северна Македонија“, велат од Владата.

Во Собранието за РСЕ велат дека се уште не ги добиле и затоа не може да закажат нивна ратификација.

Институтот за демократија повикува на што побрза ратификација

Од Институтот за демократија повикуваат Собранието што поскоро да ги стави на дневен ред и да бидат усвоени со консензус од сите политички партии.

Инстутот за демократија во најновата анкета што ја спровеле во земјава заклучуваат дека граѓаните се многу заинтересирани овие договори да почнат да се применуваат,. Дури 80 % покажале интерес заради отворање на можност да работа во друга балканска земја на подолг период.

„Она што видовме е дека огромен е процентот на граѓани што гледаат бенефити од овие договори“ , вели Зоран Начев од Институтот.

Понатаму, отворањето на границите меѓу земјите на Западен Балкан го сметаат за корисно 85% од испитаниците, додека можноста за користење на сопственото образование во сите земји на Западен Балкан позитивно ја гледаат 84% од граѓаните.

Со оглед на високата поддршка, од Институтот сметаат дека пратениците треба поактивно да се вклучат во промовирање на придобивките од Берлинскиот процес, но и да спроведуваат континуиран надзор во неговото спроведување.

„Очигледно е дека ратификацијата на овие договори од страна на Македонија ќе донесе бенефит за граѓаните на оваа земја, а според резулатите од анкетата овие договори се во голема мера поддржани и во интерес на граѓаните“, додава Зоран.

Додава дека овие договори се од особено значење и во однос на реформската агенда на патот кон ЕУ која ги вклучува иницијативите на Берлинскиот процес како кохезивни процеси.

Ратификацијата чека и во Црна Гора, Бих и Србија

Речиси пет месеци по нивното потпишување, договорите се ратификувани само во две земји. Албанија прва ги ратификуваше сите три договори. Сите договори ги ратификуваше и Косово.

Договорите се уште не се ратификувани во Босна и Херцеговина, каде нацрт-договорот сè уште не е ни разгледан.

Милорад Додиќ, претседателот на Република Српска и владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи, го доведе во прашање целиот процес што ќе им овозможи на граѓаните на БиХ и Косово да патуваат без визи.

На 28 февруари изјави дека министри од Советот на министри на БиХ нема да гласаат за договорот, иако поранешниот претседател Зоран Тегелтија, кој е кадар од партијата на Додик и кој е заменик-претседател и министер за финансии , го потпиша договорот во ноември минатата година.

Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, претходно за балканскиот сервис на РСЕ изјави дека „документот е во процес“, но дека повторно ќе биде предложен „штом има политичко одобрување за него“ и дека не може да разбере зошто нема политички консенсуз за тоа бидејќи не го оспорува ниту една друга земја, вклучително и Србија.

Освен Србија, Босна и Херцеговина е единствената земја во регионот која не ја признава независноста на Косово. За патување на граѓаните на Косово во Босна и Херцеговина потребна е виза која „се издава само во исклучителни случаи“ со потпис на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина.

Владата на Србија пак ја одобри ратификацијата на договорите и подготви предлог-закони, кои се уште се во собраниска процедура. Во Црна Гора, Владата ги усвои договорите, но исто така се уште не се влезени во собраниска процедура.

Што е Берлинскиот процес?

Берлинскиот процес е основан во 2014 година на иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.

Иницијативата служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјални претставници на таканаречената Западнобалканска шесторка, која ја сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Нејзиниот фокус е создавање на заеднички регионален пазар.

Процесот ги вклучува и институциите на ЕУ, меѓународните финансиски институции и граѓанското општество во регионот. Самитот се одржуваше еднаш годишно за време на владата на Ангела Меркел. Последен пат самитот во рамките на Берлинскиот процес беше одржан хибридно, во 2020 година поради пандемијата со Ковид-19.

Како што рече тогаш германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, „во иднина, на луѓето од Западен Балкан ќе им треба само лични карти за да патуваат преку границите, универзитетите во шесте земји од Западен Балкан ќе си ги признаваат дипломите и на вработените во шест земји ќе си ги признаат професионалните квалификации и дипломи“. Германскиот канцелар Олаф Шолц тогаш изрази уверување дека берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон ЕУ. Според најавата, следниот самит ќе се организира во главниот град на Албанија, Тирана.

Të fundit