четврток, мај 2, 2024

КОВАЧЕВСКИ ПРЕДЛАГА НАГРАДА ПОРАДИ СПАСЕНИОТ СИСТЕМ НА ФЗО

Премиерот Димитар Ковачевски ќе предложи да биде награден еден од инженерите коишто работеа на справување со последиците од хакерскиот напад во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Две недели по нападот, кој ги парализираше виталните функции на Фондот и ја закочи исплатата на плати, боледувања и надокнади за породилно, премиерот вели дека вработените од ФЗО неуморно работеле и успеале за 14 дена да најдат решение за хакерскиот напад – додека за ваков сличен напад со сличен интензитет во светот во просек се потребни 21 до 24 дена.

„Сакам да се заблагодарам и на инженерите. Главниот инженер сега е на боледување поради исцрпеност, бидејќи работеше 24 часа на ден. Ќе предложам да биде одликуван со државна награда во име на сите компјутерски инженери кои во моментов работат на спречување на сајбер напади“, изјави денеска Ковачевски по посетата на фабриката „Гересхајмер“ во ТИРЗ 2.

Нема одговорност 

Премиерот, но и директорката на ФЗО, Магдалена Филиповска-Грашкоска тврдат дека податоците на граѓаните се заштитени и по хакерскиот напад немало нивно излевање. Ковачевски е дециден дека нема основа да се бара одговорност од надлежните во ФЗО, бидејќи биле преземени сите неопходни мерки за да се спаси системот.

ФЗО по препораките од ревизорскиот извештај пред две години склучил набавка на сите потребни заштити од вакви напади, но таа опрема не била инсталирана. „Ги видов договорите кои Фондот ги има реализирано или биле во тек на реализација непосредно пред сајбер нападот и тие укажуваат дека подготовката од заштита од сајбер напади била на највисоко ниво и е согласно препораките од ревизорските извештаи од претходните години. Сајбер нападот се случува непосредно пред тие да се стават во функција“, истакна Ковачевски во четвртокот на собраниска говорница, одговарајќи на пратенички прашања за хакерските напади.

Странска помош за сајбер безбедост 

Хакерскиот напад врз ФЗО се случи на 7 февруари, непосредно пред да се стави во функција новата заштита од сајбер напади. Надлежните најавуваат дека се преземаат дополните мерки за заштита на податоците и за нивна миграција во најскоро време, со цел да се спречат вакви напади во иднина.

Премиерот најави дека во земјата наскоро ќе дојде помошникот генерален секретар на НАТО токму за сајбер нападите. На состанокот, како што изјави Ковачевски, ќе се дискутираат деталите во однос на соработката со НАТО, но и со поединечни земји членки кои се понапредни во оваа област.

Të fundit