четврток, мај 2, 2024

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА РАЗРЕШИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ЕВА КАИЛИ

Грчката политичарка Ева Каили, која е осомничена за корупција, ја загуби функцијата потпретседател на Европскиот парламент. Но, тоа не е крајот на личниот пад на Каили.

Европратениците со само еден глас против денеска гласаа за смена од потпретседателското место на Ева Каили, која е осомничена за корупција.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, вчера (12.12) одржа говор пред европратениците, во кој зборуваше за гнев, бес и тага поради откритијата за корупција: „Европскиот парламент е нападнат, европската демократија е нападната, нашите отворени, слободни, демократски општества се нападнати.“ Во исто време, Малтежанката вети целосно расчистување на обвиненијата во парламентот.

Мецола викендов веќе ѝ ги одзеде сите овластувања на Каили, која е еден од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент. Таа веќе е исклучена од грчката партија Пасок и социјалдемократската пратеничка група во Европскиот парламент.

Вкупно четворица осомничени во притвор

Поранешната ТВ-водителка е еден од шестемина осомничени за корупција кои се уапсени од белгиските власти. Четворица од нив беа приведени во неделата (11.12), меѓу кои и самата Ева Каили, нејзиното момче и поранешниот европратеник Антонио Панцери (67). Тие се обвинети за криминално здружување, перење пари и корупција.

Се вели дека Катар, кој моментално е домаќин на Светското првенство во фудбал, се обидел да влијае на политичките одлуки во Европскиот парламент со големи парични и материјални подароци. На ниво на ЕУ, на пример, во моментов се размислува за олеснување на визните правила за граѓаните на Катар, а процедурата во Парламентот, по обвинувањата за поткуп, засега е ставена во мирување. Катар ги отфрла обвинувањата.

Активни се властите во Белгија и Грција

Во меѓувреме, властите ја продолжуваат истрагата. Во понеделникот (12.12), властите за спречување на перење пари во родната Грција ги замрзнаа сите средства на Ева Каили, на нејзините родители, нејзината сестра и нејзиниот партнер. Во Брисел, иследниците извршија претрес на простории во Европскиот парламент. Запленети се податоци од компјутерите на десет вработени во парламентот.

Каили преку својот адвокат тврди дека е невина. „Нејзиниот став е дека е невина. Таа нема никаква врска со приливот на пари од Катар, ништо“, изјави адвокатот Михалис Димитракопулос за грчкиот ТВ-канал „Опен“. Димитракопулос додаде дека не смее да зборува за детали. Тој исто така тврди дека нема увид во тоа дали се најдени средства и доколку е така, колкави се сумите. Димитракопулос, меѓутоа, ги отфрли пишувањата на грчките медиуми дека под лулката на малата ќерка на Каили биле пронајдени 160.000 евра.

Të fundit