четврток, мај 30, 2024

КОЛКУ СЕ ЕФЕКТИВНИ МИНИСТРИТЕ?

Недостасува систем и механизми за следење на политиките и работата во министерството, потребно е суштинско, а не само протоколарно примопредавање на позицијата, а клучна е и претходната системска подготовка пред да се стане министер: ова се дел од заклучоците на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во студијата „Ефективни министри: како до резултати и доверба од граѓаните?“ која беше промовирана денес. Оваа бела книга одблиску го доловува работењето на министрите во владите на Република Северна Македонија од 2006 година наваму и ги скицира процесите на работа, обврските, размислувањата и нивниот пристап кон решавање на проблемите во земјата, пренесува КДП.

Во документот кој се заснова на податоци добиени преку повеќе извори: интервјуа кои тимот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во периодот од март до мај 2020 година ги спроведе со 13 сегашни и поранешни министри во владите на Република Северна Македонија од 2006 година до денес, секундарни податоци, опсервација на повеќе министри и нивните кабинети во рамките на поддршката на доброто управување во некои министерства кои ИРИ ги помагаше во периодот од 2017 до 2020 година. Меѓународниот републикански институт нотира дека еден од клучните аспекти за ефективноста на министрите е целосната визија за промените што сакаат да ги постигнат, целесообразен пристап кон политиките кои се воведуваат или менуваат, а мошне важен за одржливоста и квалитетот на политиките е оперативниот континуитет.

„Министрите може да имаат многу добра претстава за програмата и за политиките кои ги спроведуваат, но тоа да не го прават и комуницираат во ефективна координација со истородни владини политики (а, не само паралелни политики) и во контекст на една поголема слика и визија за земјата“, рече Илина Мангова, заменик-директорка на ИРИ. Мангова укажа на потребата да има системско воведување за новоименуваните министри и на сите носители на јавни функции во регулативата, начинот и стандардите за функционирање на владата и јавната администрација, процесите на креирање на јавни политики засновани на докази, како и да се става акцент на ефективно спроведување и приспособување на политиките со цел подобри резултати и услуги за граѓаните.

„За да се обезбеди оперативен континуитет на тековните процеси и информиран почеток на мандатот на новиот министер, неопходно е да се воспостави ефективно, наспроти сегашното протоколарно примопредавање на министерската функција. Уште еден клучен елемент во оперативниот континуитет е т.н. административен тим во министерството, или секторот за поддршка, јавната администрација, која треба да биде што попрофесионална и компетентна. Политичкиот тим на министерот, односно неговиот кабинет треба да има улога на акцелератор и контролор на спроведувањето на политичката агенда, а не супститут на јавната администрација.“, додаде Ана Алибегова, програмска менаџерка во ИРИ.

Актуелните и поранешните министри, како и владините претставници дискутираа за нивните искуства како министри. Се согласуваат дека се потребни промени за поефективно извршување на функцијата, како и градење на довербата кај граѓаните.

„Полека треба да го воведуваме системот на транзициски тим, кој што секој мандатар, практично од моментот кога ќе биде јасно дека има мнозинство, мора да го формира и полека да го обезбеди тоа примопредавање.“, рече Радмила Шекеринска, министерка за одбрана во Владата на Северна Република Македонија.

„Мислам дека треба да им се даде поголема доверба и можност на раководителите на секторите и на државните службеници за да тие ги спроведат мерките на министерството, а министерот да не се занимава со микроменаџмент на институцијата и директно со проекти, бидејќи должност на министерот е да креира политики што ќе бидат долгорочни“, рече Крешник Бектеши, министер за економија при Владата на Северна Република Македонија.

Поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, се наврати на неговите почетоци како министер, најпрво во 90-тите години, зборувајќи за мотивацијата да се направат промени, како и за потребното искуство за еден министер да биде ефективен: „Учеството во работата на политичка партија, а уште повеќе – настап на избори како кандидат за пратеник и член на парламентот и ако подоцна го напуштите парламентот и одите на функција во извршната власт, ви дава сериозен легитимитет пред јавноста, пред гласачите, а и пред своите колеги во владата, затоа што ќе се судрите со разни компетитивни интереси, кои што не секогаш водат кон една единствена цел. Дополнително е искуството кое го стекнувате во тој процес.“

Дејан Јакимовски, раководителот на секторот за седници на влада при Владата на Република Северна Македонија даде свои препораки како да се подобри работата на државните службеници, додавајќи дека алтруизмот треба да биде карактеристика на државниот службеник за да постојат ефикасни министри и ефикасна администрација, како и ефективни политики. „Ниту еден министер не може да ја задоволи општата јавност, ниту пак еден административен службеник не може да ги задоволи очекувањата на министерот. Сметам дека ако имаме добра визија и добар план, ако имаме самосвест од двете страни, во тој случај успехот е неминовен“, објасни Јакимовски.

Белата книга „Ефективни министри: како до резултати и доверба од граѓаните?“ има за цел да им користи на сите политички чинители кои тежнеат да ја освојат извршната власт и да ги спроведуваат посакуваните политики, на истражувачите на извршната власт како и на граѓаните, за да им го доближи работењето на извршната власт и да им ги претстави стандардите кон кои министрите треба да се придржуваат во работата за подобро да им служат на граѓаните.

УСАИД го поддржа Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во напорите кон зајакнување на реформски политики, доброто владеење, помагајќи на политички лидери да развијат чекори за да ги отстранат предизвиците и недостатоците во нивната работа. Покрај тоа, ИРИ поддржа неколку реформски процеси. Министерството за правда беше поддржано во повторното изготвување на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Законот за прекршоците, како и Законот за управни спорови. На барање на Министерството за финансии, ИРИ го поддржа развојот на порталот Отворени финансии, онлајн платформа која автоматски  ги објавува податоците за трошењето Буџетот на Република Северна Македонија, односно  податоци за сите буџетски трансакции направени од национални и локални буџетски корисници. Отворениот портал за финансии беше надграден со веб-страница за јавниот долг на Република Северна Македонија и обезбедува неизмерна транспарентност на јавната потрошувачка, помага во спречување и откривање на злоупотреба и расипништво на јавните пари и на тој начин ја прави Северна Македонија лидер во буџетската транспарентност во Југоисточна Европа.

Të fundit