недела, мај 19, 2024

ПРЕДИЗБОРНА ПОНУДА-„ОБНОВА ЗА МАКЕДОНИЈА“

„Веќе не се поставува прашањето кој е победникот на 15 јули, туку колку ќе биде победата.“ Ваква е убеденоста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој со коалицијата, на предвремените парламентарни избори 2020 година настапува под слоганот „Обнова за Македонија“. Мицкоски пред граѓаните уверува дека борбата на ВМРО-ДПМНЕ е борба за вредности, чест, достоинство, трудољубивост, почитување, хуманост. Тоа се одликите кои го красат овој народ, а кои по пат како да ги заборавивме, тврди лидерот. Но каква е всушност програмата што ја нудат?

Пишува: Катерина Топалова

ВМРО-ДПМНЕ со Програма од над 1000 проекти, за обнова на Македонија. Во фокусот, се економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна „повеќе пари за секого“. Сметаат дека преку реиндустријализација и константен економски развој ќе се постигнат стандарди базирани на вредности. ВМРО-ДПМНЕ тргнува од тоа дека на народот му се потребни пари, а на државата работа и резултати. 

ВМРО-ДПМНЕ најавува 2 милијарди евра во инфраструктурни проекти, или половина милијарда во секоја година од мандатот. Програмата за обнова на инфраструктурата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува нов автопат од Велес до Битола, реконструкција на над 1.000 километри регионални, изградба на 150 километри експресни патишта, како и 300 милиони евра во водовод и канализација. Реализацијата на капиталните инвестиции е еден од најголемите проблеми што се провлекува со години. 

Промената на државното име како и законот за двојазичност се дел од обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ кон опонентите. Во програмата стои дека ако пред три години на кого било му изгледало невозможно дека за само три години може да се промени името на државата, да се воведе двојазичност во државата и каде што има потреба и каде што нема потреба за тоа, понатаму да се тргува со историјата и да се тргува со највисоките државни позиции, за жал после три години гледаме дека тоа можело да се случи. 

Поддршка на земјоделието, револуција во културата, војна против корупцијата и криминалот се дел од зацртаните проекти.

ВМРО-ДПМНЕ имаат и проекција на резултати од дел од планираните проекти, доколку тие ја формираат идната влада:

– Раст на БДП од минимум 4% секоја година;

-Невработеност под 10%;

-Повисоки плати за минимум 25%;

-Ниски даноци, најниски во Европа од 8%;

За младите и за просветните работници:

-За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци и тие да можат да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1 000 на Шангајската листа;

-Усогласување на платите за наставниците и професорите со Колективниот договор во образованието;

-За просветните работници во основното и средното образование личен доход од 36 000 денари месечно;

-За вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања;

-Реновирање и реконструкција на студентските домови;

За земјоделците:

-Субвенции во износ минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп;

-Нов концепт во земјоделството, едноставни и брзи процедури:

-80 милиони евра за нови водоводни мрежи за еден мандат;

-Кредитен револвинг-фонд за откуп на земјоделски производи,

-Повеќе од 50% покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.

Она што е интересно за оваа партија е дека велат оти овој документ, програмата, е преодна стратегија за реализација и делување во првите сто дена од преземањето на владата“, односно план кој ќе опфати прецизни детали на тоа што се планира да се реализира во првите неколку месеци.

Од партијата сметаат дека нивната програма содржи се што му треба на народот за да живее подобро. На зацртаните проекти работеле еминентни стручњаци од областите. Користеле и помош од странски експерти, а направиле и ре-проценка на фискалните импликации согласно најновите кризни текови.

Të fundit