четврток, мај 16, 2024

Ние ќе двоиме од уста оти тие не можат

Коронавирусот го стави на тест цел свет. Справувајќи се со заразата, нашите власти постојано не потсетуваат дека мораме да разбереме оти ова се тешки времиња и дека мораме да бидеме солидарни. Во социјалните односи солидарноста се дефинира како чувство на взаемност и темел на взаемно помагање меѓу луѓето. Се до овде е некако јасно. Но ако се бара дефиницијата во нашата реалност-кој од кого бара да е солидарен? Кон кого треба да сме солидарни? Како да ја почувствува таа взаемност обичниот граѓанин со функционерот и судијата? Кој го гради а кој го руши тој темел на взаемно помагање? Постои ли воопшто солидарноста?

 

Автор: Катерина Топалова

Некои велат ја забораваме, за некои таа никогаш не ни постоела, за други пак на неа се сеќаваме тогаш кога ќе ни притреба, а за една најмала категорија – ова е земја на солидарност. И ако тргнеме по слоеви се пронаоѓам во последната група, во тие малкумина.

 Ова е земја на солидарност! Уставните судии никогаш поекспресно не донеле одлука. Функционерите не можат да земат минимална плата за два месеца оти тие усти не смеат да двојат! Нив ги избрале граѓаните кои редовно плаќаат даноци за тие да имаат! Не смеат ниту судиите кои во време на пандемија ги одложија сите рочишта и останаа дома зашто беа солидарни и одговорни за да не ја шират заразата! Затоа треба да им се плати во целост! Ќе им се плати и на сите директори кои вадеа дозволи за движење во полициски час само за да излезат од дома, оти не се навикнати да ги заклучат удобните автомобили во гаража цел викенд. Да се провери можноста да се земат и празнични дневници и прекувремена работа! 

Солидарен мора да биде секој вработен во приватна компанија кој за март веќе го доби минималецот, а во мај е неизвесно дали ќе го задржи работното место. Тој мора да одвои од уста зашто оние за кои Уставен донесе одлука да земат цела плата направија се за да се задолжат на време и да обезбедат кредити за нивните газди кои најверојатно нема да можат да ги задржат вработените.

Мораат да бидат солидарни сите граѓани, од најмладо до најстаро, да пазарат постојано и да скенираат сметки, ама да не заборават тие 2000 денари да и ги донираат на државата. Оти не заборавајте-ова се тешки времиња и мораме да си помагаме!

Солидарни мораат да бидат и наставниците и професорите кои без никаква обука се навикнаа да седат на компјутер по цел ден, да држат предавања на „Зум“ и да оценуваат објективно. Токму тие несовесни наставници кои заслужуваат минималец се виновни кога ќе пренесат лажна вест оти наводно ќе продолжи наставата од 18 мај и да ги ислушаат сите гневни родители кои им објаснуваат дека не смеат тоа да си го дозволат. Тие не смеат! Тие се наставници! А државата не смее пак да најде кој го прави тоа и да го казни! Оти е солидарна! Оти во овие тешки времиња не смееме да казнуваме за ширење лажни вести!

Во нашата земја и општо прифатените дефиниции се надградуваат и прошируваат. Солидарноста е взаемно помагање ама по слоеви! Оти и кога зборуваме за солидарност треба на ум да ја имаме народната 

„Гавран на гавран не му вади очи!“

Të fundit