сабота, јули 27, 2024

Најголеми сме кога ќе го допреме дното

Празник е! Без разлика на верска припадност, ако денот бара да се надминеме себеси давајќи љубов и почитување секому, тогаш религијата е една-човечноста.

Празникот е за семејството, за блиските, за пријателите и за познаниците. Да имате убава мисла, да посакате здравје и среќа на знајни и не знајни. Колку е убаво! На вакви денови сите сме како нови. Како да имаме потреба да ги исчистиме нашите души од се што таложиме во останатите денови. Таа очајна потреба за убав збор и убаво дело да ја имаме макар на еден ден. 

Од утре-секој по својот пат. Ама на тој пат сме други, странци, непријатели. Како програмирани влегуваме во нов свет во кој ниту ние ниту тие немаме комоција. Избираме да ја стегаме сопствената душа, да ја полниме со горчина. Немаме емпатија кон никого. Се затвораме во некој магичен круг кој води до сопствен пекол. 

А толку малку време имаме! Секој од нас има време само за сакање, за почитување. 

Не посакувајќи среќа на другиот ја губиме нашата. Така попатно! Дури не сме ни свесни дека сме ја изгубиле. Сфаќаме кога е веќе доцна! Кога на празник ќе седнеме сами на маса! Кога самотијата ќе ја употреби целата сила на светот за да ни покаже колку сме грешеле. Ама доцна е! Тогаш е доцна за каење!

Пред некој ден дознав дека 15 бездомници се собрале во пунктот Момин Поток и поделиле лепче. Паричката и паднала на Арифе. За неа и за нејзините пријатели, убавината е во заедништвото. Топлата храна им ги стоплила срцата. Никој од нив не бил сам. Кому му е гајле за поделби, кога имаат можност да се прегрнат.

Се чини, најголеми сме кога ќе го допреме дното. Секој од нас тогаш се враќа на вистинските вредности. 

Посакувам да ја зачуваме празничната магија во текот на целата година без оглед на вера и религија. Така ќе бидеме подобри, ќе сакаме посилно и ќе правиме по едно мало чудо секој ден!

Të fundit