сабота, јули 27, 2024

Отровна земја

Katerina Topalova

Пријавата на главоболки од граѓани кои живеат блиску до поранешната фабрика „Охис“, потсетија на уште една тажна приказна во нашата земја. Излевањето на количество метил акрилат мономер, токсична супстанција што при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди, ја потврди ниската свест на сите досегашни власти да ги заштитат граѓаните, а и себеси од отрови. Зборувајќи за инцидентниот проблем, добивме потсетување на уште еден, поголем, дека во фабриката има 30.000 тони опасен отпад. 

Линданот (познат и како гама-хексахлороциклохексан) претставува органско соединение, изомер на хексахлороциклохексанот, кој се користи како инсектицид, а во некои случаи при третманот на некои инфекции.

Според Светската здравствена организација оваа супстанца се смета за умерено токсична и меѓународната трговија со оваа супстанца е забранета и е регулирана со Ротердамската конвенција. Оваа супстанца е забранета за употреба во повеќе од 50 земји. Во 2009 година според Стокхолмска конвенција за отпорни органски полутанти производството на оваа супстанца е забрането.

Овој опасен отпад веќе со години е несоодветно складиран на депонијата во фабриката ОХИС. Депонијата е утврдена како „најжешката еколошка точка“ во Македонија, наведена е и на светските еколошки мапи, а сепак е оставена на отворено, комплетно незаштитена, па линданот преку почвата, подземните води и воздухот го труе локалното население, и цело Скопје воопшто. 

Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја! Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува депонија со над 30.000 тони екстремно опасен отпад!

Владината проценка е дека ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра и се очекува дека тој процес да трае од 3 до 5 години. Дотогаш 30.000 тони екстремно опасен отпад со канцерогениот пестицид линдан продолжува да ги загадува воздухот, водата, почвата.

Деновиве медиумите известуваа за единствениот жив работник од погонот со линдан на „Охис“. Сите негови колеги се починати.

Пишувајќи за проблемот, ми се свртеа неколку работи во глава- од каде купувале овошје и зеленчук за своите деца сите политичари до сега? Како селектирале кој воздух ќе го дишат, а кој не? Отровите во земјата и во реките се и на нашата маса. Синџирот на природата ќе не убие.

Немањето свест за поставување на приоритетна листа ќе експлодира. Ниту една земја не го покрива живиот отров. Земјата ќе не покрие нас! Сите!

Të fundit