петок, јули 26, 2024

ЗАМИСЛУВАЈЌИ ЈА ИСТОРИЈАТА

Автор: Катерина Топалова

Имагинацијата е секогаш посилна од науката. Таа ја има моќта да не залаже, одведе и зароби во сопствената потсвест, оттуѓувајќи не од болната и наследена реалност, напластените проблеми и несогласувања. За Историјата пак, велат дека е наука која што е секогаш полна со изненадувања. Таа секогаш не подготвува, за да не изненанди повторно. Дали може да постои Историја без Имагинација? Или пак, колку блиска/далечна е границата меѓу историската реалност и имагинарност? Наследени проблеми, нерешени прашања, колективна меморија, територијални аспирации, национални митови, категории кои се се повидливи во нашата балканската имагинарна/реална визија. Кога зборуваме за другиот создаваме замислен свет. Свет кој ни е нам допадлив и историски наратив кои очајно го посакуваме и практикуваме, притоа не обрнувајќи внимание на научната и фактографска подлога, како и на туѓата скокотлива емоциoналност.

Образовниот систем е инсинуатор и главен генератор на она што би означувало национална матрица или пак сепаратен историски код, својствен само за нас, кој го носиме и изградуваме во себе, преку целиот едукативен процес. Но често се случува историјата да стапи во функција на имагинацијата и да креира примамлив мит со кој ќе се величи „нашето” а се минимизира или пак понижува „нивното”. Таквата состојба низ времето создала радикални процеси и идеологии, кои се видливи и денес под превезот на „национализмот”, „неофашизмот”, „расизмот” итн. а ги живееме и во 21 век, како активни чинители.

Постои ли начин да се избегнат непосакуваните историски наративи? Како да го спречиме процесот на постојано индоктринирање уште од најмали нозе? Историјата потврдила и пробала да изнајде посакуван метод, но дали и колку бил успешен? А потенцијалната успешност секогаш зависи од обете страни. Нерешливите историски прашања, со цел да не подлегнат под имагинарното владеење, како резултат од долгодишните војни и несогласувања меѓу народите, биле спакувани во најразлични форми. Заеднички меѓудржавни комисии решавале и се уште решаваат горливи историски проблематики со цел постигнување на взаемно разбирање помеѓу нациите и различните етнички, културни и религиозни групи. Европа горделиво го посочува примерот меѓу Германија и Франција, како успешна формула за решавање на историските проблематики. Поттикнати од младинските организации по Втората светска војна, во двете држави, надвалдеало „европското” пред „националното”. Потоа следувале Германско-полската комисија, Чехословачката, Австриската, па се до земјите на далечниот Исток, Јапонија-Кина-Јужна Кореја. И целата оваа потврда за надвладување на историското над имагинарното, деновиве ја посочи и професорот Фалк Пингел, од Георг Екерт, Институтот за меѓународни истражувања на учебници од Брауншвајг, Германија, пред малубројната но избрана скопска публика. Тој го пренесе своето искуство како член на германското-полската комисија за решавање на отворените историските прашања во учебниците, ставајќи акцент како треба да изгледа историското образование во ерата на глобализација. Пингел е медијатор во надминувањето на историските разлики меѓу Скопје и Софија.

Македонско-Бугарската комисија е под силен политички притисок. Пигел вели дека е нормално политичарите да поставуваат временски рамки и да притискаат за побрзо решавање на споровите. Она што потсетува е дека политичката поддршка е главната алка во приближувањето на двете страни. Брзината на решавањето на кој било спор зависи од подготвеноста на политичарите да се договорат. Потсетува дека ваквите спорови најчесто траат со децении, а некои, со децении остануваат во ќорсокак.

Професорот не поседува волшебно стапче, што ни говори дека е скаран со „имагинацијата”, а неговата историска релевантност е надалеку прочуена. Колку можеме да се надеваме на успешност за евентуално решавање на горчливите историски прашања, имајќи ја во предвид, комплетната политизација на процесот? Колку е тешко да се преговара во нерамноправни услови, притиснат со временски рокови? И дали историјата треба на крајот да биде пречка за нечија иднина? Колку работата на Комисиите го зголеми антибугарското расположение кај нас или пак обратно? Одговор на сиве овие прашања допрва следува.

Të fundit