сабота, октомври 5, 2024

ЖЕНИТЕ КАКО ДВИГАТЕЛ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Прашањето на родова еднаквост се повеќе го добива своето место во рамките на важните прашања на државата и се инкорпорира во стратешките документи, иако тоа не е секогаш проследено со соодветни активности. Активностите на национално и локално ниво, во голем дел се реализирани со поддршка од меѓународни организации, а евидентна е заедничката имплементација на стратешките цели во соработка со граѓанскиот сектор. Се чини дека сепак концентрацијата на влијателни организации за родова еднаквост со развиени организациски капацитети и ресурси, техничко знаење и вештини е во Скопје, што резултира со ограничена ефикасност во застапувањето за родова рамноправност, особено на локално ниво. Потребен е развој на специјализирани програми за програмска и организациска финансиска поддршка на локалните женски организации како главни спроведувачи на теренски пристапи за зајакнување, мобилизација и вклучување на маргинализираните групи заедници на жени

Пишува: Катица Михајловиќ

Развојот на граѓанското општество во Македонија е непрекинат процес кој ги вклучува граѓаните, граѓанските организации, владата и други актери во настојувањата за градење на демократско, отворено и одговорно општество. Граѓанските организации се важен инструмент во развојот на граѓанското општество. Тие работат за заштита на правата на граѓаните, поддршка на заедниците, вклучување на целни групи, како што се млади, жени, лица со посебни потреби, промовирање на социјална правда и други цели. Граѓанските организации често се први „детектори“ на одредени општествени проблеми, први се соочуваат со проблемите и настојуваат истите да ги посочат и решат. Во своето делување граѓанските организации треба да воспостават и одржуваат меѓусебна соработка и размена на искуства. Ова може да претставува предизвик поради „борбата“ за обезбедување финансии, но соработката не е неостварлива. Ова е посебно важно во случајот на женските организации, кои без оглед на видот на дејноста (едукација, борба против насилство над жените, политичко учество и др.) имаат иста целна група – жените во општеството.

Следејќи го периодот на осамостојувањето на земјава, првите граѓански организации кои што се формирани од жени и кои со своите активности се насочени кон жените, се формирале како „чадор-организации“ активни на национално ниво, со членство организирано на територијален принцип и најчесто со етнички предзнак. Познати организации во овој период се: Организацијата на организациите на жените на Македонија, Сојузот на албанската жена на Македонија, Ромската организација на жените „ДАЈА“. Исто така, формирани беа мултиетнички мрежи што обединуваа голем број поединечни организации, каков што беше Сојузот на организации на жени на Република Македонија (СОЖМ), денес познат како  Национален совет за родова рамноправност. Независно од овие структури, низ годините се формираа бројни организации кои обезбедуваат бесплатна правна помош, психолошко советување, згрижување, образовни, социјални, здравствени и други услуги за ранливите групи граѓани, со фокус на жените, заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

Зајакнување на женските организации

Најголем дел од активностите на организациите беа насочени кон информирање и едукација на членството за човековите права на жените, заштита од дискриминација и преземање пионерски чекори во јавното застапување за воведување законски решенија, политики и механизми за унапредување на статусот и положбата на жените.

Организираното женско дејствување преку граѓанските организации обезбеди пристап до поддршка и повеќегодишни програми за нивно зајакнување од различни донаторски програми. Ваквата поддршка овозможи пофокусирано дејствување на женските организации, но и нивно поврзување со регионалните и меѓународните женски движења. Граѓанските организации придонесоа за почеста комуникација со жените од заедниците, како и за соработка со жените од политиката, институциите на локално и национално ниво и академската заедница.

Клучните достигнувања на женскиот активизам беа првите законски уредени посебни мерки, односно воведувањето на задолжителните 30% застапеност на жените на изборните листи во Законот за избор на пратеници од 2002. Постојаните заложби и заедничкото дејствување на активистките и жените од политичките партии резултираа со понатамошни измени и подобрувања на изборното законодавство. Ваквите барања се наметнаа поради формалниот пристап на партиите кон квотите, односно позиционирањето на жените на дното на кандидатските листи или пак на погорните места во изборни единици во кои имаат слаби изборни шанси. Законската рамка подоцна беше прилагодена и со измените во Изборниот Законик од 2006 година, со одредбата со која во поднесената листа на кандидати за избор на пратеници на секои три места, едно место му припаѓа на помалку застапениот пол. Изборниот Законик претрпе измени и во 2014, кога согласно измените, доколку на жена избрана од кандидатска листа ѝ престане мандатот, на нејзино место доаѓа следната кандидатка од листата – жена и во 2015, кога квотата за застапеност на жените во кандидатските листи беше зголемена на 40%.

Овој процес се одвиваше паралелно со континуираниот повеќегодишен притисок на граѓанските активистки во соработка со жените од политичките партии за воспоставување јасни и цврсти правила за партиските раководства за кандидирање на жените на поволни места. И покрај напредокот на застапеноста на жените во законодавната власт, активистките го потенцираат бавниот напредок во учеството и на ниво на извршната власт, процеси на одлучување, како што се комисии, одбори на национално и на локално ниво.

Од формирањето на државата, ниту една жена не е избрана за претседател, а само една е назначена за премиерка на Владата, и тоа само како вршител на должноста премиер со времетраење од вкупно 50 дена во 2014 година. Севкупно, од 2008 до 2021 само 12% од именуваните Министри се жени, земајќи ги предвид сите промени и реконструкции. На локално ниво, само 3% од избраните градоначалници биле жени (податоци од 1996 до 2022 година). Со текот на годините, застапеноста беше релативно подобра, но сепак далеку од еднаква во националниот парламент и локалните совети, но тоа се должи само на законски наметнатите квоти за помалку застапениот пол.[1]

Македонското женско лоби, во соработка со експертки и поранешни и сегашни политичарки, има изработено Стратегија и патоказ со кои, во суштина, се бара од политичките партии да го зголемат учеството на жените во партиските структури, но и во извршната и локалната власт. Сега се бараат квоти и при кандидирањето на градоначалници, а и при изборот на министри.[2]

Подобрување на нормативната рамка за правата на жените

Нормативната рамка на Република Северна Македонија постојано трпи измени во насока на унапредување и заштита на правата на жената. Беа донесени и измени на законски одредби со кои се промовира еднаквоста на жените со мажите, додека со одредени решенија беа наложени позитивно – дискриминирачки прописи за унапредување на положбата и состојбата на жената во општеството. Овие нормативни промени резултираа со постепен, но одржлив развој и во голема мерка беа поттикнати од женските организации и активистки.

Повеќегодишното застапување предводено од женските организации, во 2004 година резултираше со регулирање на проблемот на семејно насилство како во граѓанското, така и во казненото законодавство. Со тоа се обезбеди компатибилност со меѓународните стандарди и препораки во оваа сфера, кои налагаат воведување сеопфатни законски решенија, односно инкриминирање на семејното насилство и воведување привремени мерки за заштита на жртвите. Во оваа насока оди и ратификацијата на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство на Советот на Европа (Истанбулска конвенција) во 2017 година, како најсеопфатен документ во областа на насилство врз жените.  Во 2021 година се донесе нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во согласност со стандардите од Истанбулската конвенција.

Со Законот за еднакви можности на жените и мажите, (прв пат донесен во 2006 година и понатаму изменет во 2012 година) за првпат беа формализирани барањата за законско уредување на областа родова еднаквост. Со законот се воспостави обврската за преземање мерки и политики и воспоставување институционални механизми за унапредување на еднаквоста на жените и мажите во законодавната, извршната и локалната власт. Согласно Законот за еднакви можности, беа формирани комисиите за еднакви можности на мажите и жените во општинските совети и беа назначени координатори за еднакви можности на жените и мажите во општинската администрација. Членовите на комисиите за еднакви можности во општините, се избраните советници и во таа смисла, се врши редовна промена на составот на секои 4 години. Работата на комисиите и координаторите за еднакви можности и натаму се смета за „женски домен“ со главно жени избрани за претседатели или членови на комисиите и многу малку мажи назначени за координатори за еднакви можности. Работата на овие комисии и јакнењето на капацитетите на членовите, најчесто е домен на интерес и ангажман на женските граѓански организации.

Родово одговорно буџетирање и еднакви можности

Иницијативите поврзани со воведувањето на родово одговорното буџетирање во институционалното дејствување, посебно на ниво на локална самоуправа се исто така иницијатива на женските граѓански организации. Но, овие иницијативи за родово одговорното буџетирање сѐ уште се ретки и се реализираат од мал број организации кои ги поседуваат неопходните капацитети за систематско следење и анализа на третманот на родовата еднаквост во институционалните политики и пракса, вклучувајќи го и буџетот.

Значаен напредок во промовирањето и заштитата на еднаквите можности, преку еден покомплексен пристап кон овие прашања, дополнително се направи со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (прв пат донесен во 2010 година и новиот Закон во 2020 година) кој претставува заокружена правна рамка за заштита од дискриминација по разни основи. Влијанието и ангажманот на граѓанските организации, како и  приоретизирањето на ЕУ интеграциите и тука беше од исклучително значење. Законот претставува особено значаен инструмент во справувањето со двојната и повеќекратна дискриминација со којашто особено се соочуваат жените како резултат на интерсекцијата на родот со другите идентитети.

Досегашното влијание и ангажман на женските организации, организациите за родова еднаквост и другите форми на граѓанско учество и активизам покажуваат голем потенцијал и придонес за поттикнувањето на политичките процеси, нивното следење и анализа, во јакнењето на капацитетите на институциите и нивна поддршка, како и во јакнењето на жените за активна политичка вклученост.

Прашањето на родова еднаквост се повеќе го добива своето место во рамките на важните прашања на државата и се инкорпорира во стратешките документи, иако тоа не е секогаш проследено со соодветни активности. Активностите на национално и локално ниво, во голем дел се реализирани со поддршка од меѓународни организации, а евидентна е заедничката имплементација на стратешките цели во соработка со граѓанскиот сектор.

Се чини дека сепак концентрацијата на влијателни организации за родова еднаквост со развиени организациски капацитети и ресурси, техничко знаење и вештини е во Скопје, што резултира со ограничена ефикасност во застапувањето за родова рамноправност, особено на локално ниво.

Потребен е развој на специјализирани програми за програмска и организациска финансиска поддршка на локалните женски организации како главни спроведувачи на теренски пристапи за зајакнување, мобилизација и вклучување на маргинализираните групи заедници на жени (жените од етничките средини, руралните заедници и жените со телесна и ментална попреченост) и промоција на партиципативна демократија. Исто така, ваков тип поддршка за националните граѓански организации, кои се клучен извор на експертиза што е неопходна за зајакнување на жените за политичко или граѓанско учество, кое квалитативно придонесува за унапредувањето на еднаквоста.

Ова е само краток осврт на  начините на кои жените се покажаа како двигател на граѓанското општество во Македонија. Нивната ангажираност и влијание и понатаму ќе го трасира патот во обезбедувањето родова еднаквост и општествениот развој генерално.

[1] Родова статистика и вградување на родова перспектива во статистичкиот систем на Република Северна Македонија, Реактор, Скопје, 2022

[2] https://360stepeni.mk/kratko-video-se-bara-voveduvane-kvoti-za-uchestvo-na-zheni-pri-izbor-na-gradonachalnitsi-i-chlenovi-na-vlada/

Të fundit