четврток, мај 9, 2024

ТИК ТОК, ОПАСНА МРЕЖА ИЛИ НЕМОЌ НА СИСТЕМОТ ДА ЕДУЦИРА

„Популистите ги гледаат наводните тајни договори што го водат светот „зад сцената“. Детска игра. Освен што детството е злобно кај возрасните“, вели британско-американскиот автор Кристофер Ерик Хиченс .

Пишува: Катерина Топалова

Трагедијата во соседна Србија кога ученик уби неколку соученици во центарот на Белград ги размрда надлежните. Само неколку дена по масовното пукање во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, во македонската јавноста проструија најави за регулирање, па дури и забрана за популарната социјална мрежа за споделувања видеа – ТикТок. Се отворија дебати, но државните институции сè уште немаат заземено консензуален конечен став по ова прашање, и покрај ставовите на официјални лица.

Но колку може вистински ваквата забрана во 2023 година да биде ефективна?

Што е тоа TikTok?

Социјалната мрежа TikTok брои повеќе од милијарда корисници и се претпоставува дека популарноста забрзано ќе расте и во следниот период. Оваа социјална мрежа благодарејќи им на својот формат и содржината доживеа процут во текот на 2019 година.

Социјалната мрежа TikTok потекнува од Кина и е настаната во септември 2016 година. TikTok им дава на корисниците прилика да креираат, споделуваат и гледаат кратки видео снимки најчесто во времетраење од 15 секунди, но со можност за спојување на видеа во времетраење од 60 секунди. Првично е направена со идеја за креирање на кратки видеа за имитирање на пеење (lip-sync), комични клипови и пројавување на различни таленти. Значи, фокусот на содржината на TikTok е во споделување на кратки видео клипови кои најчесто се забавни и кои ги насмејуваат корисниците. Голем број мемови и песни станаа популарни поради TikTok мрежата.

Дали TikTok може да биде корисен во новинарството?

Се поставуваат многу прашања дали оваа социјална мрежа може да се користи за новинарството. Одговорот веројатно се крие зад логичноста на фактот дека секоја досегашна мрежа го користела и дефинитивно ќе го користи истиот за развој на новинарството во иднина. Имајќи го тоа предвид, Washington post во 2019 година веќе го виде потенцијалот за доаѓање до новата публика преку  мрежата TikTok и моментално има 370.400 фанови.

Интересен е фактот што меѓу американските медиуми веќе се вработуваат млади луѓе кои всушност би придонеле за креирање на содржините на TikTok мрежата.

NBC News брои повеќе од 118.000 следбеници и овој број секојдневно расте. MTV, Vice, BBC Radio 1, Guardian Australia, Vogue Italia, USA Today и многу други го гледаат потенцијалот на TikTok мрежата и веќе работат врз изградбата на своите профили.

Сите овие медиуми тестираат различни пристапи во снимањето на видео вести, од многу едноставни и забавни до сериозни теми како што се политиката и претседателските избори во САД. Ги користат оние алатки кои ги користат тинејџерите кои најчесто и се корисници на оваа мрежа. Тие користат ефекти, мемови, музика, промена на гласот и танц.

Моментално, кога зборуваме за медиумските куќи на мрежата TikTok сѐ е во креирање на профилот, експериментирањето и воспоставувањето на конекцијата со корисниците. Сѐ е во анализирањето на генерацијата Z и на кој начин би било најдобро, најкреативно да се креираат вестите преку кратки видео клипови за да дојдете до оваа публика.

Во светот, од безбедносни причини, 16 земји го забранија Тик-Ток на глобално ниво.

Сечење во корен

Дали со евентуалната забрана на ТикТок покрај сувото ќе гори и суровото?

Ex ante цензурата, кај нас е неуставна. Ваквиот потег ќе претставува преседан. Всушност, забраната на ТикТок не гарантира дека некој друг, поради која било причина нема да побара да се забранат други социјални мрежи или платформи, да се забрани да се контролира пристапот до интернет или до други медиуми? Сетоа тоа би можело да се побара со образложение оти смета дека содржините се штетни, навредливи и неприфатливи.

Евентуалното укинување на ТикТок нема да направи ништо друго освен да ги натера корисниците да се преселат на други платформи или да со помош на ВПН да можат повторно да ја користат платформата.

Но евентуалната забрана на ТикТок нема да биде ништо друго освен популистичка мерка со речиси никаков ефект.

Не можете да му овозможите на вашето дете најнов модел на компјутер и на телефон и да му ги забраните сите апликации. Неможноста системот да ја следи брзата дигитализација, не можеда го спречува со вакви рестрикции. Родителите, образованието и државата мораат да работат на дигитално и медиумско описменување, да им дадат материјал на децата и на самите себе за можностите што ги нудат овие алатки и апликации за да се подобри животот и креативноста, во спротивно, купувајќи им најнов модел на телефон и не објаснувајќи им за што би требали да се користи е рамно со тоа да им купите оружје, да им го ставите во рака и да молчите!

 

Të fundit