вторник, мај 21, 2024

АКО НЕ ВРНИ, БАРЕМ ЌЕ КАПНИ

Доколку не сме ги научиле лекциите од минатото, а состојбата на теренот вели дека очигледно замижуваме пред сопственото силеџиство, тогаш немаме причина да се сметаме себе си за дел од некаква цивилизациска наслага, која е доволно свесна и совесна за да разграничи што е добро, а што не, кога станува збор за зачувување, па не само на природното, туку и на историското наследство.

Пишува: Катерина Топалова

Велат дека природата е дом, и не е само место за посета… Вечна инспирација, духовна станица, лечилиште и енергетски мотор, која го придвижува секој атом од нашето битие, затоа што токму и нашето постоење е дел од сето она што се нарекува природа. Нашата свесност за природното опкружување во кое се наоѓаме и неговата заштита, секогаш треба да ни биде врвен приоритет во сопственото церебрално поимање и разбирање на животот околу нас, а за доброто во нас… Затоа што во природата, сè е меѓусебно поврзано.

Глобално затоплување, урбанизација, загаден воздух, вода и почва, природни катастрофи, изумирање на видовите итн. се само дел од она што ја чини нашата природа болна, и никако не смееме да веруваме дека во еден ваков заразен свет, само ние како луѓе сме здрави. Зато треба да сме многу внимателни кон она што е заштитено и бара нега, бидејќи истата таа природата има моќен начин да нè научи на мудрост и да нè излекува, но и да не казни.

Со доволно добра причина и се навраќам на природата и нејзината заштита, затоа што тоа е единственото нешто што остана да ја краси Македонија. Доколку не сме ги научиле лекциите од минатото, а состојбата на теренот вели дека очигледно замижуваме пред сопственото силеџиство, тогаш немаме причина да се сметаме себе си за дел од некаква цивилизациска наслага, која е доволно свесна и совесна за да разграничи што е добро, а што не, кога станува збор за зачувување, па не само на природното, туку и на историското наследство.

Како потписници на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Рамсарска Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење, како и активно спроведување на сите регулативи на УНЕСКО, должни сме она што сме го ветиле, да го исполниме. Тука се гледа нашата зрелост. Тоа е она што не прави, не само да бидеме одговорни пред меѓународните институции и повелби, туку да застанеме и пред самите себе си, да се погледнеме во огледало и да видиме дали и колку суштински не бива, а со тоа и го оправдува нашето постоење како држава.

И несомнено кога ќе ја споменам природата, наследството и заштитата, прво нешто што ми доаѓа на ум е био-резерватот Охридско Езеро со Националниот парк „Галичица“, Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро… Сведоци сме деновиве на нова „делгација – инспекција“ токму од телата на горенаведените конвенции и УНЕСКО на ова заштитено подрачје, кое и покрај сите јавни усилби и ветувања никако да го заштитиме, со исклучок на парцијалното решавање на имотно – правни односи, меѓу Општината и дел од определени локални моќници и бизнисмени, кои со своите дивоградби задираа/т во езерските води.

Но очигледно никако властите да сфатат дека природната и културната заштита подразбира многу повеќе од крајбрежни парапетчиња, крајезерски кафеани и дивоградби, кои во форма на карабини со години го девастираат целиот регион. Охридско – струшкиот заштитен простор е многу поголем и содржаен отколку неколкуте скандалозни „парапетчиња“ кои се секогаш топ тема во дневните вести, а со тоа и дополнително не лутат, а властите (централна и локална) никако да смогнат сили да ги отстранат, или пак кога ќе се решат на таков чекор тоа го прават сегментарно. Двојни аршини! Ќе биде тргната нечија дрвена палуба од кафеана, со цел да биде продолжен животниот век на нечија друга ултрамодерна пицерија која прави енормен промет во заштитениот, стариот дел од градот, каде што и не и местото! А за иронијата да биде поголема газдата на истата, некогаш да ти бил предложен од централната власт за македонски претставник во УНЕСКО?! Или што би рекле охриѓани: Ако не врни, барем ќе капни.

Но по се изгледа, уште поочајна е состојбата во албанскиот дел од заштитениот регион. Последните вести од таму велат дека на самото крајбрежје на езерото на албанската страна кај селото Тушемиште се изведуваат градежни активности со истурање бетон во водата. Доколку возите со автомобил накај Поградец, ќе ве пречекаат, секогаш од десната страна на патот, дваесетина рибари и препродвачи на тазе извадена охридска пастрмка, која во неведени количини секојдневно се вади од од езерските води, и по многу пониска цена им се продава на патнциите – мераклии. Уништувањето продолжува со несмалено темпо, така видливи се бројните недозволени градежни активности во самиот биолошки резерват заштитен од УНЕСКО. Иако овој дел од езерото е само четири години на листата на Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел.

Можеби старите охриѓани и стружани ќе се присетат на жолтите автохтони лилјани на крајбрежјето, кои денес се исчезнат вид, речиси и да ги нема на охридската страна, со мали исклучоци на струшката. Ќе се присетат на патот на јагулата пред изградбата на браните, кога ова благородно и интелегентно суштество го започнуваше својот животен танц до средно – американските води… Денес нивната судбина е пат од трње и кланица кон потоплите мориња. Ќе се присетат на убавата, традиционална охридска и македонска архитектура, која со сета своја оригиналност ги намамуваше и странските гости да дојдат и да го посетат овој бисер на Македонија. За жал истата денес е исчезната или во фаза на руина. Во Струга и Поградец констатирам – повеќе ја нема. Го стемнило и не го осамнало, што би рекле старите… Има уште многу за броење!

И како на крај да ја сфатам оваа инстуционална посета за спас на охридскиот резерват?! Зарем уште не можеме да се освестиме! Добриот збор се слуша надалеку, а лошиот се слуша уште подалеку! Белким на некого ќе му текне во оваа држава дека најголемата закана за нашата природа е верувањето дека некој друг ќе ја спаси! Но се до следниот снег, ќе заврне и ќе ги покрие трагите… Така ми стои работава!

 

Të fundit