петок, мај 17, 2024

СЀ ПО ЗАКОН

Такит вели: „Колку е покорумпирана државата, толку побројни се законите“. Особено ако им ставите и ги донесете со европско знаменце… Е тек тогаш сме сигурни дека не ја бива работата!

Пишува: Катерина Тополова

„Моќта не корумпира. Стравот корумпира… можеби стравот од губење на моќта“, запишал Џон Стајнбек, американски писател и нобеловец, цитат како одличен вовед во кратката анализа за потчинетоста, насилството и апатијата во кревкото македонско општество, максимално изритирано од еден крајно безобразен случај, карактеристичен за колонијалните земји и општества.

А зошто колонијални? Или што е колонијалното во случајов?

Она што „колонијализмот“ во суштина го прави, е свесно создавање на идентитетска криза и целосна ерозија на домицилната култура во државите или регионите кои се предмет на обработка. Товарот и последиците од таквиот, во случајов неоколонијализам ќе го сносат сите жители на истата култура којашто нема да пружи отпор и превенција од сличните надворешни упади и влијанија, кои пак директно го подриваат суверенитетот и независноста на културата и државата со сите свои атрибути. Додека пак сите оние индивидуалци кои му кумуваат на истиот од истата таа култура, од нив се очекува да го прослават и промовираат сиот колонијален процес, без разлика колку бил антиуставен, противзаконски или пак криминален.

Ако историски за колонијализмот можеме да кажеме дека е сила, која на еден прилично насилен и радикален начин го промени светот, засновајќи се на воена, економска и пред се културолошка окупација на кревките, разединетите и неосвестените региони и култури, притоа применувајќи методи на деградација, насилство и репресија, неоколонијализмот како продолжение на оној историскиот, не е ништо поразличен во своите методи, со исклучок на новото руво кое треба да го направи максимално маскиран и непропзнатлив. Армо ама, не смееме да заборавиме дека она што сме денес, сите ние, сме токму историски продукут на колонијализмот или пак на отпорот против него.

Актуелниот случај на „Бехтел“ и „Енка“ кој ја разбесни македонската јавност, не е така наивен и неопасен, како што навидум со најавата ни беше презентиран (секое чудо за три дена, па и ова за гаќите). Дали малкумина индивидуалци ќе се збогатат преку ноќ или ќе ги „брцнат рачињата во медот“, нешто на што навикнавме во овие 30 години во оваа држава е второстепено… Ако не правниот систем, ајде може Господ ќе ги казни! Но она што е најважно, барем за оние кои лесно можат да прочитаат меѓу редови, е дека во својата срж и суштина овој случај е класичен пример на насилство и силување врз еден „кревок, неосвестен и разединет народ“ со една единствена цел – нечија економска добивка и системска окупација преку „франкештајнска“ измена на закони, која продолжува да го обликува речиси секој аспект од нашиот сегашен свет, воведувајќи не отворено во ерата на неоколонијализмот.

Следствено на ова, како треба да го разбираме колонијализмот денес? Просто… Колонијализмот е структура или структури преку кои една група на луѓе (обично нација) ја потчинува и експлоатира другата, а потоа ја оправдува оваа подреденост и експлоатација, тврдејќи дека е суштински супериорна група. Според сите светски општественици, научници и аналитичари, првата фаза на почеток на неоколонијализмот е внатрешната инфилтрација и криминализација на владеачката елита и дел од општествена мисла, кои пак свесно се поддаваат и флертуваат со корупцијата, свесно претворајќи ги во мариониетска испостава… Потоа работите се одвиваат според зацртаното сценарио – обликување на ситемот! Или што би рекол Такит во своите Анали: „Колку е покорумпирана државата, толку побројни се законите“. Особено ако им ставите и ги донесете со европско знаменце… Е тек тогаш сме сигурни дека не ја бива работата!

Финансиската зависноста и модерното ропство во сите свои форми, не само историски туку и денес, се основниот економски камен – темелник на колонијалниот систем, а најстрашното е што денес истите се профилираат преку домашната  интелекуална поддршка и агитација, во стилот на тоа дека „секоја империја, сепак, си кажува себеси и на светот дека за разлика од сите други империи, нејзината мисија не е да ограбува и контролира, туку да едуцира и ослободува.“

Законите, економските структури и културната база се основните постулати на кои модерниот колонијализам метастазира… Но, отровот продолжува да се чувствува најакутно во поподмолните форми на насилство што сè уште ги чувствуваме денес – изигрување на системот и законите, личен финансиски бенифит и историско и културолошко обезличување на нацијата која е предмет на колонизација. А последиците од истата ги живееме и дишеме секојдневно – од загадениот воздух, границите, миграцијата и државјанствата, до затворите, работните услови, здравството, трговските договори, меѓународната развојна помош, образованието, дипломатијата, туризмот, уметноста и спортот. Ова е она што можеме да го прочитаме во случајот на „Бехтел“ и „Енка“! Ќе бидам и помалку иронична… За личните провизии и наводниот криминал, ќе почекаме! Па сами ќе се пофалат како и до сега…

А доминантните културни наративи и политики кон нас и натаму ќе продолжат и посилно ќе тврдат дека ги разбираат нашите реакции, но без воопшто и да ги сфатат  сериозно. Но, затоа сме тука за да реагираме! Иако ние не сме одговорни за она што се случило во минатото, тоа не значи дека сега немаме никаква одговорност. Едноставно е! Или ќе не биде, или нема да не биде!

 

Të fundit