понеделник, мај 6, 2024

Груби: Процесот на децентрализација ги опфаќа идеалите на еднаквост, толеранција и социјална кохезија

Првиот потпретседател на Владата и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денес учествуваше на конференцијата “Форум за локалната самоуправа во Западниот Балкан“ организирана во Приштина од страна на Косовскиот Институт за Локална Самоуправа, додека учесници на оваа конференција беа и првиот потпретседател на Владата на Република Косово, Бесник Бислими, заменик претседателот на Владата на Република Албанија, Арбен Ахметај, како и министри и дипломатски претставници.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на првиот потпретседател на Владата, Груби:

 

Задоволство ми е да бидам меѓу вас денес овде во Приштина, за да третираме заедно една важна тема која го одредува економскиот развој на нашите земји, сегментот на локалната самоуправа и динамиката на спроведување на реформите за децентрализација на нејзините единици.

За нас Албанците во Северна Македонија, спроведувањето на процесот на децентрализација на општините не се третира само како обичен општествен или институционален процес, туку како поширока општествена мисија, која во суштина ги опфаќа идеалите на еднаквост, разбирање, толеранција и социјална кохезија, каде што покрај функционалноста на избраниот модел, круна на децентрализацијата е пред се остварувањето на нашите природни права во земјата со најголема етничка и културна различност.

Северна Македонија, во овој долг пат од повеќе од три децении, помина низ различни модели на проширување и тенденции на власт, поточно на односите меѓу централната и локалната власт.

Суштински централизираната правна положба пред 2001 година создаде нееднаквост и дискриминација помеѓу заедниците, а тоа најмногу се одразуваше на Албанците, како втора заедница во Македонија, оневозможувајќи ги да ги преземат обврските и одговорностите за развојот на својата средина поврзани со образование, финансирање, имплементација на развојни проекти и многу други аспекти од животот. Во оваа констелација, општините даваа повеќе во буџетот отколку што добиваа од него за нивниот развој.

Недостатоците на тој модел ќе се корегираат веднаш по војната во 2001 година со потпишувањето на Охридскиот Мировен Договор, кога се создадоа поповолни уставно-правни услови, каде на локалната власт ќе и се префрлат поголеми ингеренции, за поефикасна и пофункционална власт, но од друга страна и ќе се постигне повисок степен на етничка рамноправност.

Овој мировен договор одигра клучна улога во трансформирањето на реалноста, ставајќи го фокусот на развојот на локалната самоуправа како суштински за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот и за промоција на вредностите и заштита на културниот и јазичниот идентитет на заедниците.

Од оваа гледна точка, Охридскиот Договор иницираше големи промени во територијалната поделба на општините и градот Скопје, како единица со посебен статус, создаде законска основа за зголемување на надлежностите на општините и нивните извори на финансирање и конечно преземање грижа за транспарентна и еднаква поделба на тие ресурси.

Треба да се напомене дека потпишувањето на Рамковниот Договор на 13 август 2001 година, уставните амандмани една година подоцна и имплементацијата во пракса не беше лесен процес. Со оглед на тоа дека децентрализацијата беше дел од овие промени, таа исто така помина долг пат за нејзиното спроведување. Првично беа донесени четири важни закони: Законот за локалната самоуправа во 2002 година, Законот за територијална организација на локалната самоуправа, Законот за градот Скопје и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа во 2004 година, со што се заокружува локална самоуправа ова што го имаме денес.

Тука треба да се додадат уште три закони, кои иако не се експлицитно производ од Охридскиот Договор, но во нивниот дух, конкретизираа многу аспекти од функционирањето на локалната самоуправа што е можно поефикасно: Закон за меѓуопштинска соработка од 2009 година, Законот за еднаков регионален развој од 2007 година и Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа од 2010 година.

Со создавањето на сите уставно-правни предуслови, процесот на практично осамостојување на општините, трансферот на поголеми овластувања и нивната фискална децентрализација во Северна Македонија, официјално ја започнавме во 2005 година.

Благодарение на сите овие промени, во 2004 година бројот на единиците на локалната самоуправа е намален од 124 на 84, плус градот Скопје, со посебен статус на главен град, со цел да се подобри финансискиот капацитет на единиците на локалната самоуправа.

Во 2014 година, бројот на единиците на локалната самоуправа беше дополнително намален кога четири рурални општини Зајаз, Осломеј, Другово, Вранештица станаа дел од општина Кичево. Благодарение на соединувањето на овие општини, Кичево го предводи градоначалник албанец, мојот пријател Фатмир Дехари. Сегашниот број на единици на локалната самоуправа во моментов е 80, плус Градот Скопје.

Фискалната децентрализација продолжи да се реализира во фази, обезбедувајќи им на единиците на локалната самоуправа средства за реализација на нивните надлежности под одредени критериуми, усогласување на буџетот (2007) и процес на задолжување (2009 година). Сите единици на локалната самоуправа досега напредуваа во втората фаза на фискалната децентрализација, која е еден од столбовите на децентрализацијата, бидејќи не може да има ефикасна локална власт без поголема независност во фискалната сфера.

Продолжуваме со истата посветеност, со цел дополнително зајакнување на независноста на општините во државата во однос на реализацијата на локалните проекти и нивното финансирање со имплементација на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година.

Согласно оваа програма за работа, фокусирани сме на подобрување на локалните услуги што ги даваат општините, особено во областа на образованието, социјалната заштита и детската заштита, имплементација на современи критериуми за просторно планирање, градење и заштита на животната средина.

Република Северна Македонија презеде важни чекори кон децентрализирано владеење, како аспект на функционална демократија и како фактор кој придонесува за социјалната кохезија.

Успеавме да го доведеме процесот на децентрализација на вистинскиот пат, дали е доволно реализиран и дали има потреба од натамошно подобрување на сите процеси?! Дефинитивно ДА, бидејќи овие години можеби имаше различни слабости во неговото функционирање.

Несомнено, продлабочувањето на фискалната децентрализација останува најсериозен предизвик за нашата земја. Во таа насока ја зголемивме соработката со секоја општина во државата, интензивно соработуваме со Заедницата на Единиците на Локалната Самоуправа за конкретизирање на објективните барања на општините, зајакнување на нивните капацитети за да бидат што поблиску до интересите на граѓаните.

За таа цел, ја формиравме Меѓусекторската група за унапредување на децентрализацијата и регионалниот развој, каде што динамично разговараме за нови надлежности кои можат да им се пренесат на општините, секогаш имајќи ги предвид финансиските импликации за тоа.

Понекогаш централната власт сметаше дека треба да и се помогне на локалната власт во годините што го отворија патот за поголема нивна независност. Така, за да го олесни функционирањето на општините, Владата на Северна Македонија го усвои Законот за враќање на долговите на јавните претпријатија основани од општините за периодот до 2017 година.

Покрај сите овие имплементирани механизми, исклучително важна работа за развојот на нашите општини е градењето добри односи со општините од регионот и светот. Збратимувањето меѓу нив носи нова димензија на развој, поефикасно соочување со заедничките менаџерски предизвици, создава нови можности за инвестирање во секоја сфера од општественото живеење.

На крајот, да нагласам дека моделот на поделба на власта во Македонија е во согласност со нејзината етничка и социјална реалност и во овој контекст на размената на искуства меѓу нашите земји, сепак, треба да се стави акцент на спецификите на секоја земја. Досегашниот развој на локалната самоуправа во Северна Македонија покажа многу предности во однос на претходниот модел, кој беше поцентрализиран.

Оваа локална власт е поблиска до граѓанинот, дава услуги и можности за развој и што е поважно за едно хетерогено општество, обезбедува услови за еднаквост на повисок степен во образованието и во употребата на јазиците и на најмалите етнички заедници.

Të fundit