вторник, мај 21, 2024

Во Турција промовиран проектот „Камени ридови“

Министерството за култура и туризам и Турската агенција за развој и промоција на туризмот (ТГА) свечено ги претставија „Камените ридови“, кои биле првите живеалишта и примери за населен организиран живот во светот…

Пишува: Катерина Топалова

Министерството за култура и туризам и Турската агенција за развој и промоција на туризмот (ТГА) свечено ги претставија „Камените ридови“, кои биле првите живеалишта и примери за населен организиран живот во светот, на свечениот настан што се одржа во музејот во Шанлиурфа, каде беше и отворена и изложбата „Карахан тепе и неолитски човек“, кадешто беа презентирани најновите наоди од истиот локалитет.

Говорејќи на свеченоста, министерот за култура и туризам на Република Турција, Нури Ерсој истакна дека бројот на археолошките ископувања се зголемил од 57 на 147 локалитети, а вкупниот износ на средства наменети за ископувања и истражувања достигнал 58 милиони турски лири од 1,9 милиони лири, предвидени за ископувања низ цела Турција.

„Ја нарековме „Нулта точка во историјата“. Сега ќе одиме подлабоко. Бидејќи Ѓобекли тепе не е единствениот локалитет“, истакна Министерот Ерсој. Потенцираше дека со дванаесете  ископувања што треба да се спроведат во рамките на проектот„Камени ридови“, ќе бидат протолкувани непознатите праисториски приказни кои ќе дадат огромен придонес за ширењето и развојот на културата и туризмот во југоисточна Турција.

„Како дел од овој проект, нови населби беа откриени преку истражувања извршени во два региони. Ние се уште ги продолжуваме археолошките истражувања во седум локалитети, во Ѓобекли тепе, Карахан тепе, Ѓурку тепе, Сајбурч, Чакмак тепе, Сефер тепе и Могила Јени Мааале. Во рамките на првата фаза од проектот, опфаќајќи ги годините 2021-2024 година, ископувањата ќе започнат и во населбите Ајанлар, Јогунбурч, Харбетсуван, Курт Тепе и Ташли тепе. Геомагнетни и гео-радарски мерења беа извршени во некои од овие области. Мерењата ќе продолжат паралелно со ископувањата “.

Тој, исто така, истакна дека Проектот Шанлиурфа за истражување на неолитот е најголемиот и најсеопфатен археолошки проект што некогаш е направен во Турција со учество на осум универзитети од пет земји и четири меѓународни академии, институти и музеи.

„Покрај тоа, овој процес нема да се состои само од истражувачки и археолошки потфати. Во прилог на многуте меѓународни научни состаноци и настани како што е Меѓународниот светски неолитски конгрес, ние исто така ќе ги пречекаме посетителите со нови промотивни центри, изложби и проекти за уредување, транспортни и инфраструктурни аранжмани. За овие проекти е предвидена јавна инвестиција од 127 милиони лири “, рече министерот. Наведувајќи дека е дизајнирана  веб –страна со цел да ги сподели фазите на проектот, Ерсој рече: „Исто така ќе ги објавиме и резултатите од проектот за неолитски студии на Шанлиурфа преку научни и популарни публикации, музејски прикази и симпозиуми“.

Се верува дека монументалните структури пронајдени во регионот биле заеднички места каде што луѓето се собрале. Постојат траги за првата употреба на керамика како и видливата способност на луѓето да започнат со првите трговски иницијативи.

 

Të fundit