недела, мај 19, 2024

Ајде да бидеме нормални

Кој нема да полуди, тој не е нормален!

Пишува: Катерина Топалова

Ако е скриена камера – да се насмееме! Ако е сурова шега – нека престанат! Кој и да ни го прави ова, дајте да му дадеме медал и да заврши!

Ниту во најинтересните филмски сценарија не можат да се стават толку многу сцени што ќе држат тензија како случувањата што ги живееме секој ден! Не е шега, не е штос, секој ден паѓаме на нос! Не е ни срамота повеќе, жално е!

Како новинарка имав можност да поминам подолго време на доедукација во најстариот универзитет по новинарство во САД, во Мисури. Таму велат дека една тема која што ќе почнете да ја работите мора да има континуитет, да не го оставате гледачот да види, туку секој ден да го храните со нови податоци за истата, да откривате, да дојдете до вистината.

Може ли новинарство да се работи во земјава по тие стандарди? НЕ! Овде секоја област, секој ден нуди нов скандал. И сите да станеме новинари не можеме да постигнеме да работиме барем пет дена на иста тема. И набавката на вакцини која по стоти пат е неуспешна не може да се истера како што треба бидејќи и Рашковски набавувал скап софтвер за МВР кој не се користи. Образовните реформи ги заборавивме, лекарите кои заминуваат во странство повеќе не ги спомнуваме, пациентката која остана без органи при операција во домашна ординација на лекар ќе ја кажеме уште денеска, за маките на тутунарите нема веќе место во дневникот, културните работници не знаеме ни дали се жалат што немаат работа, новото задолжување на државата е стара вест, немањето кворум во собранието е веќе видено, одземањето на статусот на Охрид од страна на УНЕСКО некако и не е толку важна вест, проблемот со Бугарија ќе врви уште некој месец, влезот во ЕУ стана утопија, пропаднатото СЈО се заборави, нереформираното судство е банално да се актуелизира, корупцијата стана стил на живеење…

Тешко е да се избере што ќе се смести во триесетина минути, оти кај нас се е вест. Новинарите треба да се борат неправилното да притиснат да биде правилно за да живееме нормално, ама кај нас нормалното стана толку ненормално што некој ќе те направи луд ако речеш дека се бориш да ги оправиш работите.

Станавме индиферентни на сите глупости, на сите проблеми и скандали. Ништо не не изместува од место. 30 години се расправаме кој е крив-ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Па добро дали сме нормални?

Të fundit