вторник, јуни 18, 2024

Ниту тече, ниту се менува

Да се подобри, значи да се промени, да се биде совршен, значи да се менува често.“ Черчил мудро го срочил ова, ама само за да ни создава јадови на нас што останавме во државата во која ништо не се менува!

Пишува: Катерина Топалова

Една поговорка вели „Panta rei“, Се` тече, се` се менува! Но на само десетина дена пред завшувањето на оваа пеколна година, можеме да се сетиме дека кај нас ниту нешто протече, ниту пак се смени.

Ако одиме во буквална смисла, наместо да течат брзо и бистро, кај нас секнаа многу реки и езерата. Вода нема ни за лек. Најголемиот апсурд е што тие што градеа хидроцентрали сега загрижено излегуваат на прес конференции за да објаснат дека хидроцентралите ги уништиле реките. За да биде безобразлукот поголем, бараат казна за негрижата!

Што се смени? Единствено на кое можам да се сетам е загубата на илјадници семејства откако е збогуваа со најмилите. Нив животот засекогаш им се смени! Пандемијата се наметна како ново чудовиште за да ни покаже уште еднаш колку сме кревки, немоќни, колку сме неспособни и колку системот ни е руиниран. Отвори и нови грижи – за изгубените работни места, за продлабочената сиромаштија, за онлајн образованието кое функционира со тежок инвалидитет, на немањето стратегија за медиумска писменост и сајбер безбедност. Покажа со прст кон лошото менаџирање на туризмот, на немањето соодветен кадар на вистинските места, на испразнети села и глуви градови.

Покажа дека не сме способни да набавиме доволно боци со кислород. Дека немаме амбулантни возила за транспорт на пациенти, дека немаме свест и совест да пријавиме контакти, дека бегаме од изолација зашто не можеме да доседиме дома!

Покажа дека науката од која секоја година скратуваме во буџетот е единствената што може да не спаси и нас и светот!

Покажа дека алчноста не ја плаши никаков вирус, дека има луѓе кои заработуваат на туѓата мака, дека крадат и бараат корупција да завршат нешто иако тоа им е дел од работните обврски.

Она што не се смени е новото вето, не знам кое по ред. Последна надеж за популистичката реторика беше почнувањето на преговорите со Брисел. Откако се смени името, очајно се продаваше тезата дека е готово, ние сме ЕУ. Ама не сме! Рано е да се смени фактот дека 16 години сме во чекалницата! После се`, кој повеќе би верувал во ветувањата на властите за интеграција во Унијата. Не се смени ни начинот на кој соседите го кројат добрососедството за кое потпишавме договор. Не се сменија ниту бројните сожалувања од „големците“ низ светот дека Бугарија направила грешка! Ама што имаме ние од тоа? Веројатно уште една изгубена година која не ветува подобра иднина!

Во „Panta rei има само една вистина – се менуваме ние…заминуваме еден по еден! Панта реи, велат… Да, ама една работа во Македонија останува иста – непроменлива константа, на која забот на времето не и може ништо!

Të fundit