сабота, јули 27, 2024

По свадба тапани

Веста за смртта на единаесет годишниот Илче кој боледуваше од детска парализа, беше напуштен од родителите и оставен кај соседите за момент не` допре сите. Но дали Илче е само пракса која ни се повторува? Дали државата превзема акции откако ќе не` снема? Колку се тие реални? Колку Илче и децата кои починаа како него ни го сменија општеството? Почивај во мир Илче. Не те уби судбината, те уби негрижата на државата!

Пишува: Катерина Топалова

Приказната за момчето со церебрална парализа се дозна откако на социјалните мрежи граѓани споделуваа информации дека родителите го напуштиле и детето останало во куќа со човек што не можел да се грижи за неговата состојба. Потоа, се активираше министерот за здравство, се вклучија институции и момчето беше префрлено во мал групен дом. Се правеа фотографии и видеа, се даваа информации како детето напредува. Изостана информација дали некој ќе сноси одговорност што ова момче со години било оставено болно и гладно. Каква одговорност имаат социјалните институции? Има ли одговор од официјални власти чив е пропустот? 

Сега само бледо остана да стои информацијата дека јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт. 

Старите велат-по свадба тапани. Колку и да звучи морбидно, нам Илче ни е секојдневие. Кај нас цената на животот е поевтин од партијата, од интересот, од парите. 

Дали и колку ги допираат ваквите вести надлежните? ВООПШТО НЕ ГИ ДОПИРААТ! Се` и препишуваат на судбината. Така му било пишано, и од Бога и од државата. Што е најтрагично, ни по Илче ништо нема да се смени, оти ни досега не се сменило. Илче е само моментална емоција која од утре за сите нас ќе биде минато. Забораваме на Илче, на децата како него. Забораваме на себе! 

Илче немал среќа да се роди во земја во која функционираат инстутуциите, во која има обврски и одговорност. Илче немал среќа да почувствува како е и покрај лошата болест да напредуваш и да се трудиш да оздравиш. Илче можеше да биде се` за што мечтае секое дете, но се роди во држава во која не е приоритет животот на децата. 

За некое време ќе се произнесе и Јавниото обвинителство, ќе даде некој блед одговор, сосема неважен, колку што е сега неважно се` затоа што дозволивме како општество Илче да не порасне! 

Почивај во мир Илче. Не те уби судбината, те уби негрижата на државата!

 

Të fundit