Светот „се затвори“ во март, Турците во април ги имаа на хартија условите што треба да ги исполни секој хотел за да може да почне да работи. Летовите беа пуштени кон крајот на јуни, а Турција успеа во август да ги наполни капацитетите како пред пандемијата. Напорно се работи за следната сезона за која уверуваат дека кризата ќе биде минато!
Пишува: Катерина Топалова
Кон крајот на март, официјална Анкара одлучила да направи нова институција која ќе биде задолжена да му помага на туризмот преку промоција. 40-тина млади луѓе на располагање имаат околу 50 милиони евра и задача-да ги вратат туристите во нивната земја. Задачата не е воопшто лесна, но тимот ентузијасти работи напорно за да и покаже на пандемијата дека со добра организација оваа важна гранка нема да трпи.
Дел од стратегијата е покана на новинари од цел свет, кои ќе се уверат дека земјата е безбедна за летување. Меѓу сите-покана и за новинари од Македонија.
Во Турција летото трае подолго. Есента ги ужива идеалните температури за на море, до 35 степени. Го шетавме брегот Бодрум, Мармарис и Анталија. НЕМА ЧОВЕК ШТО ЌЕ ГО ВИДИТЕ БЕЗ МАСКА! На улица, во ресторан, на плажа, во продавница, во автобус…сите се со маска! Казните се движат околу 40 евра за оној кој што нема да го почитува правилото. За домашните-нема милост, за туристите-прво опомена а потоа казна. Опомена стигнува и од секој што се движи случајно во вашиот правец ако види дека маската сте ја ставиле под нос. Маски има пред секоја продавница, аптека, супермаркет, хотел… достапни се буквално за секого. Таму е и средството за дезинфекција. Со излепени пораки домаќините потсетуваат дека хигиената и дезинфекцијата е дел од правилата на оваа земја.
Разговарав со неколку менаџери, велат дека кризата била во мај, јуни и јули, но оти во август успеале туристите да си ги вратат назад и дека бројките се исти како и лани. Не се жалат ни за септември и веруваат дека условите кои постојано ги бара власта за да можат да работат-ќе ги спасат.
Во моментот, за еден хотел да работи потребно е да исполнува околу 250 услови. Тогаш добива сертификат за работа. Месечно по двајца инспектори го посетуваат секој хотел и околу седум часа проверуваат дали е се според пропишаните стандарди. Пропуст не смее да има, во спротивно следува клуч на врата!
Колку е потребна ваква дисциплина не увери еден од менаџерите, вели-во некои земји потребно е да се направи ПЦР тест по враќањето дома. До сега ниту еден турист не сме испратиле со Ковид-19! Но исто така, не регистрирале ниту еден заразен вработен.
Италија и Шпанија се нивни најголеми конкуренти. За да ги убедат туристите да ја изберат Турција, ја збогатуваат понудата. Освен масовниот луксузен туризам, Турците агресивно ја нудат историјата, историските локалитети, музеите, националните паркови, селскиот туризам. Целосно се „соблекуваат“ пред светот за да ја спасат втората по ред најважна гранка-туризмот!
Преку агресивна промоција на телевизија, на социјалните медиуми, преку фотографии и текстови, Турција е убедена дека догодина и преку маска, нивниот туризам ќе дише сигурно!