петок, јули 26, 2024

ВЛАДАТА НЕПРОДУКТИВНА, СОБРАНИЕТО НЕФУНКСИОНАЛНО

Речиси два месеца по конституирањето Собранието се уште не работи со полн капацитет, оценува аналитичарот Џељал Незири кој причината за ова ја лоцира во тенкото владино мнозинство сочинето од многу партии. Владејачката партија пак инсистираше на брзи избори токму поради функционални институции, известува Радио Слободна Европа, пренесува КДП.

Откако предвремените парламентарни избори, кои првично требаа да се одржат на 12 април беа одложени поради пандемијата со коронавирусот, речиси цела пролет помина во изјавите на претставниците на владејачкото мнозинство дека избори треба да се одржат брзо и да се добијат функционални институции, пред се Собрание кое би носело законски измени потребни за справување со коронавирусот.

Изборите се одржаа на 15 јули, а Собранието се конституираше на четври авуст. Владата, пак, беше избрана точно пред еден месец, на 30 август, но впечатокот на политичкиот аналитичар Џељал Незири е дека е дека парламентот не работи со полн капацитет. Според него причината е во тенкото мнозинство врз кое се основа владата во која има и многу партии.

„Ако се погледнат и седниците кои досега ги има одржано владата има само усвоени информации за проекти, има заклучоци и не се содржајни во поглед на поведување на иницијативи, законски решенија, измени на закони и други слични проекти“, вели Незири.

Досега во Собранието беа одржани неколку седници, претежно за прашањата поврзани со изборите, односно верификации на мандати на нови пратеници, избор на влада итн, а само на една беше гласано за законски измени поврзани со Ковид19. Пред една седмица пратениците ги изгласаа измените на Законот за основно и средно образование со кој се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно-образовен процес во случаи кога има утврдена кризна состојба меѓу кои и епидемија, како во овој случај.

Дафина Стојаноска, заменик координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека собранието е бавно и за тоа исклучиво вината ја лоцира во владејачкото мнозинство. Причината пак за бавноста според неа е во внатрешните коалициски пазарање и калкуцации.

„Причина е можеби и незаинтересираноста и можеби конечно и неспособноста на оваа владејачка гарнитура. Нивните внатре коалициски проблеми не може да ја кочат целата држава особено во овој период на пандемија“, вели Стојаноска.

Инаку владејачката коалиција ја сочинуваат 62 пратеника, 46 на коалицијата Можеме предводена од СДСМ и 15 на ДУИ. Замениците министри беа избрани минатата недела, а сега според информациите во јавноста во тек се преговорите меѓу коалициските партнери за пополнување на пониските ешалони во власта.

Но, од владејачкото мнозинство сметаат дека Собранието не работи бавно, а најавуваат засилени активности наскоро. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески наведува дека иако собранието беше конституирано на четврти август, претседател на Собранието беше избран по две и пол недели, а изборот на работните тела се случи пред две недели. На прашањето, пак, зошто имаше вакво доцнење во овие процедури, тој одговара дека затоа што сакале одлуките да бидат донесени со консензус.

„Сега очекувам дека ќе има закони и по предлог на Владата особено поврзани и со мерките за справување со ковид кризата но најавувам дека ќе има предлог закони и од пратениците од владејачкото мнозинство“, вели Митрески.

Друго прашање што се поставува е дали е можно ново блокирање на работата на Собранието во случај да има пратеници позитивни на Ковид19 поради што и другите би требало да одат во самоизолација. За да може да функционира законодавниот дом во таков случај би требало да се одржуваат онлајн седници, но за да може да се случи тоа неопходна е и промена на собранискиот деловник.

За таква опција, пак, опозиционерите, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците се против и тврдат дека тоа е противуставно. Коодинаторот на СДСМ Митрески на прашањето дали е можна повторна блокада на работата на Собранието во случај на инфицирани пратеници вели дека може да дојде до таква ситуација.

„Настојуваме да обезбедиме консензус од опозицијата затоа што не сакаме да вршиме никаква промена во работата без обезбеден консензус. За жал може да дојде до таква ситуација сите пратеници и поради еден случај да бидат во изолација што би донело до нефункционалност на Собранието и неможност за носење на законски решенија, неможност на носење на буџетот, ребалансот итн “, вели Митрески.

Инаку до овој десетти парламентарен состав дојде по изборите кои првично беа распишани по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава не доби датум за почеток на преговорите со Европската унија лани во октомври и покрај промената на името во Северна Македонија. Но поради пандемијата со коронавирусот изборите првично закажани за на 12 април, се одржаа на 15 јули, а на нивно скоро одржување инсистираше СДСМ со објаснување дека во време на пандемија се неопходни функционални институции и парламент.

Собранието, пак, се распушти во средината на февруари, а светската пандемија со коронавирусот беше прогласена во март. Поради нефункционирањето на парламентот, кој требаше да ги носи законските измени потребни за справување со здравствената криза, претседателот Стево Пендаровски пет пати прогласуваше вонредна состојба со што и овозможи на владата да носи уредби со законска сила.

Të fundit