четврток, мај 30, 2024

Субвенции за разумност

Со Сербезе подготвуваме нов проект, со Ариан разменуваме идеи за подобар новинарски производ, со Игбале имав многу продуктивен разговор, со Фљутра одиме на исти настани, со Семра договараме ново кафе! Ова се група интелектуалци кои се успешни, на позиции, од кои може да се учи, да се соработува и кои не чекаат на вашите субвенции. Знаат како! Свои се! Можат!

Пишува: Катерина Топалова

Колку Албанци поднеле претставки до кумисијата за дискриминација дека им е повредено правото и не добиле работно место заради својата етничка определба? Има ли Груби податоци колку луѓе живеат со оваа болка? На неговата прес конференција ми недостасуваше таа бројка, за да се заложиме сите како општество, да ги притиснеме институциите за овие луѓе да ја добијат правдата.

Се прашувам кој бизнисмен ќе си ја сече гранката на која седи и ќе одбие едуциран, способен, вреден човек кој зборува Албански јазик и ќе придонесе за развивање на неговиот бизнис, ќе донесе пари и ќе успеат заедно?

Колку треба да не си го сакаш својот народ за да го омаловажиш, да го убедуваш дека без „државна помош“ не може да се вработи и дека само твојата партија може да му даде егзистенција, вработувајќи го каде што ќе посака?!

Албанците се едуцирани, читаат, знаат, зборуваат, разменуваат идеи, напредуваат, на челни позиции се во приватни компании, одлични сопственици, немојте да ги навредувате правејќи ги толпа! Работа имаат, имаат и пријатели, тоа што на сите нас ни недостасува во оваа земја е само разумност! Има ли субвенции за тоа?

Албанците котираат добро на пазарот на труд, имаат и знаење и минат труд. Замислете да требаше да ја чекаат вашата партија да им текне оваа генијална идеја за да можат да добијат работа!

Ова се субвенции за гласови а не за вработување Албанци. Ова се субвенции кои го понижуваат народот за кој имате полна уста убави зборови. Ова се субвенции за евтин популизам. Ова се субвенции за поделба!

Не ни треба помош од државата ако работи чесно, ако се труди сите институции да функционираат, да ги казнуваат оние кои вршат дискриминација и да се борат против тоа кој било во државата да се почувствува омаловажен!

Нам ни треба разумност! Се` друго можеме сами!

 

Të fundit