четврток, мај 16, 2024

Единствената опасност за јазикот сме ние

Колку од проектите на Институтот за македонски јазик финансира државата? Колку вработени брои Институтот? Колку студенти годишно се запишуваат на катедрата за македонски јазик? Колку лектори се вработени во македонските медиуми? Нема поголема опасност од негрижата за еден јазик! Јазикот како и се друго се сака со дела!

Автор: Катерина Топалова

Деновиве актуелна тема е македонскиот јазик. Впрочем тој е тема постојано, но ретко кога има време да се зборува за него. 

За мене е апсурдно впуштањето во каква било полемика околу тоа дали постои или не постои македонскиот јазик. Уште поапсурдно е што за неговото постоење дискутираат луѓе кои пишуваат „сеуште и незнам“ кои што не ја знаат разликата меѓу „сфаќа и сваќа“, политичари кои во своите дневни обраќања користат „допринос“ наместо „придонес“.

На 5. мај, на денот на македонската азбука, лидерите на најголемите политички партии и политичките чинители побрзаа да испратат пораки, обвинувања и поттикнувања за јазикот. Да кажат колку го сакаат и како ќе се борат за него. 

Истите овие луѓе ќе ме убедат во нивната „љубов“ кон јазикот и борбата која ја ветуваат само кога ќе вложат во него. Кога ќе вложат во фондот на зборови од македонскиот јазик кој го користат секојдневно, кога ќе го употребуваат правилно и на крај-кога ќе вложат финансии за тој да се развива. 

Голем дел од политичарите не ја почитуваат стандардната норма на македонскиот јазик. Во одредени земји во светот не може секој да стане народен пратеник, ако не ја познава таа норма. Кај нас со закон не се пропишани такви одредби. Ова би требало да се реши системски, во рамки на законските одредби. Политичарите би требало да водат посебна грижа за стандардниот македонски јазик, бидејќи тие се претставници на народот. Тие треба да бидат пример за грижата за примената на македонскиот јазик.

Колку од проектите на институтот за македонски јазик финансира државата? Колку вработени брои институтот? Колку студенти годишно се запишуваат на катедрата за македонски јазик? Колку лектори се вработени во македонските медиуми? Нема поголема опасност од негрижата за еден јазик! Јазикот како и се друго се сака со дела!

Јазикот е силен инструмент за зачувување и развивање на идентитетот на еден народ. Неговата промоција и ширење се неопходни за заштита на културните традиции во светот, кои ги зацврстуваат разбирањето, толеранцијата и дијалогот меѓу народите. Грижата за јазикот е света обврска за сите нас од сите генерации.

Јазикот е континуитет што секогаш ќе нѐ следи и вонвременски ќе трае додека постоиме како живи суштества. Токму затоа за секој граѓанин трајна обврска е да го негува, чува и да го сака со сите карактеристики и убавини што ги поседува.

Јазикот е основно средство за комуницирање, пренесување на мислата , разбирање меѓу луѓето. Преку јазикот најдобро се идентификуваат националностите, кои се, од каде доаѓаат. За  Македонија, македонскиот јазик е основно национално обележје по кое се препознаваме во светот.

Јазикот е материја за која не се преговара ниту пак се разговара. Се додека го зборуваме-постои. А ќе го зборуваме само доколку го учиме и негуваме, доколку во него вложуваме и го истражуваме. Се останато е евтино дневно политиканство.

Të fundit