сабота, јули 27, 2024

Корона закана за економијата

Мислењата за делувањето на Корона вирусот кај епидемиолозите е поделена. Едни бараат многу строги мерки, додека други сметаат дека тоа е сосем непотребно. За разлика од нив економистите се едногласни дека не очекува економска криза. Никој не може да прогнозира, дали ќе биде како економската криза пред 90 години (1929-1933). Според ММФ 81 земја побарале помош, иако во нормални услови само 3-4 земји бараат помош од ММФ.

Пишува: Горан Лефков

Ковид-19 во пораст. Илјадници починати. Ова е веста што ги преплавува светските медиуми во изминативе 6 месеци. Ова е веста што ќе ги „окупира“ медиумите и новинарите до крајот на 2020 година. Играњето на картата на популизмот со создавањето на паника меѓу луѓето на крај дебело ќе ја платиме. Најмногу ќе страда економијата. Непромислените драконски одлуки за ограничување на слободите на граѓаните што се носат од владите на Балканот, како во Србија, Бугарија, Албанија се од популистичка побуда. Водачите на овие земји Александар Вучиќ, Еди Рама, Бојко Борисов, го користат секој момент за да ја продаваат ефтината популистичка пропаганда на своите граѓани. Епидемиолозите тврдат дека науката ниту малку не е вклучена во овие одлуки.

Кај нас улогата на информатор за Корона вирусот ја превзема Министерот за здравство Венко Филипче. Тој за разлика од претходно споменатите лидери на Балканските земји е доктор по професија. Но, не е сецијалност во делот на епидемиологијата и вирусологијата. Филипче е неврохирург. Малку допирни точки со епидемиологијата и светот на вирусите.

Иако длабоко сум убеден дека оваа битка треба да се води посодветно, а нејзини најистурени борци треба да бидат епидемиолозите.

Проф. Д-р Вело Марковски, епидемиолог, професор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа Телевизија смета дека сите овие мерки околу Корона вирусот се непотребни.

Проблем е сега, дали ќе ја одржиме паниката или ќе размислуваме смирено со ладни глави. Во вакво информатичко општество мислам дека е невозможна мисија да размислуваме со ладни глави. Согласно препораките на Светската здравствена организација, кај нас се превземаат неколку мерки понапред. Првата препорака на СЗО беше ако има до 20 случаи, тие да се изолираат и населението да се информира. Кај нас се замина на втор степен, се затвориа школите, каде е познато дека децата се главниот преносител на респираторните инфекции. Ние отидовме скоро до последниот стадиум од тоа што го предлагаше СЗО, рече Марковски.

Досега е овој познат вирус, откриен е 1965 и толку е опасен што првично студенти на медицина, доброволно се заразувале со тој вирус да видат каква ќе биде клиничката слика. Така е утврдено дека тој е во таа група на вируси што дава настинки од кои ние 4 пати годишно се разболуваме. Помеѓу 15 и 35% од сите настинки во текот на зимата се предизвикани од корона вирус. Два пати овој вирус не изненадува, има 4 подтипа, го има и кај животните.

Вирусот има исклучително ниска контагиозност, за разлика од морбилите кои имаат 100% контагиозност, ако 15 минути седите еден до друг или поблиску на пола метар, овој вирус од 1 до 5 ќе зарази. Ковид 19 не е карантинска болест. Се знае листата на карантински болести, тоа се хеморалгични трески, колера, вариола вера каде имам есмртност до 70%. Ние немаме научни сознанија за ова болест, тоа е тоа што ја прави паниката, смета Марковски.

Сите земји одеа со ригорозни мерки освен Шведска, која воведе полиберални мерки.

Шведска избра стратегија базирана на советите на науката. Владата се обидува да ја израмни кривата на заболени. Владата сака да постави оптимални мерки навреме. Ако поставите многу репресивни мерки, луѓето ќе се уморат од нив, но ако со време се носат, можат да имаат ефект. Рестораните и баровите можат да служат само храна на масите и е забрането да се собираат луѓе и да стојат во локалите. Собирањето е дозволено до 50 луѓе. Претходно лимитот беше до 500 луѓе. Универзитетите и средните школи имаат настава он лаин, додека Основните училишта и градинките сеуште работат. Луѓето кои можат да работат од дома можат да изберат и да не одат на работа.

Се поголем број на епидемиолози не се согласуваат со сегашните рестрикции кои ги носат владите. Штетите од ваквите мерки по економијата се страшни.

Рецесијата на светската економија е неизбежна

Светските берзи први реагираат на надворешни шокови. Тие се индикатор на економијата. Податоците кои стигнуваат за растот на светската економија веќе подолго време се негативни.

Кристалина Георгиева, извршен директор на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), деновиве излезе со податок дека дури 81 земја побарале помош од ММФ, за разлика од другите кризни моменти кога помош барале само по 3-4 држави. Според проценките на ММФ, барањата на земјите се за заеми во висина од 2.500 милијарди долари.

Таа очекува рецесијата да биде полоша од кризата во 2008 година.

На слично мислење е и м-р Матијас Ларсон, поранешен аналитичар и инвестициски советник во ИКЦ фоундерс од Шведска, кои тргуваат со хартии од вредност во целиот свет.

„Економиите се многу силни од несреќата на Леман во 2008 година. Немаше некоја поголема криза во изминативе 10 години, што не е нормално во економските циклуси. Никогаш не сме платиле целосна цена на тој кредитен меур, наместо да имаме корекција на индексите на берзите, благодарение на сите масивни стимулативни програми т.е. масивно купување на обврзници и проширување на билансите од Централните банки и негативни на нула каматни стапки, корекцијата се оневозможуваше. Дефинитивно ова е еден настан што предизвикува глобална рецесија, колку ќе биде голема прашање кое никој не може да го одговори“, вели за оваа сторија Ларсон.

Тој додава дека кризава ќе трае најрано до крајот на годинава.

Некои економисти предвидуваат дека тоа може да биде како депресија од 1930-тите. Оваа епидемија на краток рок ќе поттикне поголем протекционизам, што ќе има негативно влијание врз идниот раст. Монетарната политика ќе има тешко време да се справи со оваа криза, масивните владини програми, како што се инвестициите во инфраструктурата, итн. веројатно ќе биде лансиран ширум светот за поддршка на економиите.

На слично мислење се и македонските аналитичари. Бранимир Јовановиќ, доктор на економски науки при Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим и истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки, смета дека глобалната економија ќе има пад.

„Најновите прогнозите се дека кризата може да се пролонгира и по средината на годината. Лошо е што вирусот рапидно се шири во САД, тие веќе ја надминаа и Кина според бројот на откриени инфицирани граѓани. Доколку таму епидемијата ескалира, дефинитивно и економската криза ќе се пролонгира“, смета Јовановиќ.

Даун Џонс индексот за еден месец падна за околу 25%. Ваков пад не е забележан во историјата на овој индекс. Цената на нафтата истотака е намалена.

Магазинот Економист пред некој ден објави дека нивната нова проекција за глобалниот раст за 2020 е дека тој ќе биде -2,2%, што е слично како што беше во 2009 (-1,7%).

Македонската економија по светските патеки

Во услови на глобализацијата каде поврзаноста на економиите и пазарите во светски рамки е голема, неизбежно е кризата да ја одмине и домашната економија. Македонскиот берзански индекс МБИ-10 е во вртоглав пад. За само еден месец изгубил околу 30% од вредноста.

Најголем дел од индустриските гранки како угостителството, туризмот и транспортот почувствуваа потешкотии во функционирањето. Затоа многу е важно да се утврдат конкретни економски мерки за помош на економијата.

Лошо е што има неизвесност околу економските мерки на Владата. Првиот пакет беше објавен навреме, тој беше ОК, почна и да се реализира, но вториот пакет сè уште го нема, иако беше најавен од Владата. Заев, кој не е премиер, објави некаков предлог на економски мерки, меѓу кои имаше и кратење на платите на јавниот сектор, но и самиот потоа кажа дека тоа не се мерки на Владата, туку се мерки на СДСМ. Владата не се изјасни за неговиот предлог, па сега постои неизвесност во јавноста околу тоа дали тие мерки ќе бидат и мерки на Владата или не. И додека Владата молчи, Заев постојано дава изјави, дури и такви кои прават повеќе штета отколку корист. Во неколку наврати изјави дека во буџетот надостасувале 1-2 милијарди евра.

„Вакви изјави се недозволени во вакви моменти, можат само да направат штета, затоа што влеваат несигурност и ја намалуваат довербата. Во овие моменти мора да се смирува, да се влева сигурност и да се креира доверба“, смета Бранимир Јовановиќ.

Тој додава дека мерките на државата треба да бидат насочени кон спречувањето на пропаѓање на компаниите и отпуштање на работниците.

Сите држави носат многу слични мерки, како одложување на даноци за погодените фирми, поволни кредити, покривање на дел од платите и сл. Со овие мерките се обезбедува ликвидност за погодените фирми и се спречува тие да пропаднат и да отпуштаат работници. Со тоа се спречува здравствената криза да прерасне во економска криза. Да не забораваме, суштината на оваа криза е што ние самите, за да се запре ширењето на корона вирусот, ја запираме економијата. Ние немаме економска криза, ние самите си ја запираме економијата. Но, додека економијата е запрена, треба да осигураме дека граѓаните и фирмите ќе преживеат, и затоа се потребни мерки.

Најлошото што може да се случи е да има отпуштање работници, и тука Владата не прави доволно. Мора строго да се забрани фирмите да отпуштаат работници додека трае кризава. Значи, не помошта да се услови со неотпуштање работници, туку да се забрани отпуштањето, затоа што некоја фирма може да не бара државна помош, а да отпушти работници. Тоа не смее да се дозволи.

Општ пораст на цените, односно инфлација аналитичарите не очекуваат. Точно е дека имаме покачување на цените на некои производи како лимоните и сл, но тоа е далеку од можноста да предизвика инфлација. Цената на нафтата на светските берзи е многу ниска, и тоа ќе креира притисок за цените да паѓаат, а и во изминативе неколку години инфлацијата постојано беше ниска (околу 1%), така што, нема никаков притисок за инфлација. Девизните резерви ни се околу 3 милијарди евра, што е многу добро ниво, државата има комоција да реагира на пазарот на девизи, така што, денарот апсолутно ќе остане стабилен.

Мерки за излез од кризата

На 18 март вице-премиерката Мила Царовска и министерката за финансии Нина Ангеловска објавија сет прв сет на мерки за помош на економијата.

 

Мерки на Владата за справување со рецесијата

1          Фонд од 5,7 милиони евра

2          Ослободување од придонесите во висина од 50%

3          Каматна стапка ви НБРМ од 1,75%

4          Ослободување на аконтации за данок на добивка

5          преполовување на стапката на затезната камата

 

Мерките кои ги носат владите се слични. Нивната цел е дирекно да влијаат врз задржувањето на бројот на вработени, што ќе ја одржи потрошувачката на домаќинствата стабилна и напнатоста и стравот нема да прават штета. Втора насока каде треба да се движат мерките е да се забрани пропаѓањето на компаниите.

Соседна Бугарија, најави безкаматни кредити до 750 евра за тие што ќе останат без работа, додека за тие што ќе работат во компаниите, државата ќе им покрива 60% од платата што ја имаат договорено работникот и работодавачот. Вредноста на овие мерки во Бугарија е милијарда лева (околу 500 милиони евра). Покрај ова, таа дава и кредити на компаниите во вредност од околу 4,5 милијарди лева или 2,3 милијарди евра.

Додека ја подготвувавме оваа анализа од Србија стигнаа најави за носење на мерки за спас на економијата.

Албанија сеуште нема најави за пакет за помош на економијата, додке Косово влезе во политичка криза по падот на владата на Албин Курти.

Многу европски земји најавиија мерки за излез од кризата. Така Шведска веќе ги имплементира кризните мерки:

Владата покрива 50% од платата. Доколку вработениот е отпуштен за време на кризата ќе добива 90% од платата. Ова е мерка која важи додека трае кризата. Вредноста на пакетот е 300 милијарди шведски круни (околу 30 милијарди евра). Додека придонестите на платите нема да се плаќаат во април, мај и јуни за плати до 25.000 шведски круни месечно (околу 2.500 евра).

Отворена е дополнителна кредитна линија од Шведската централна банка од 500 милијарди шведски круни (50 милијарди евра) за поддршка на заемите за корпорациите, но таа не функционира затоа што банките не ги олабавиле своите кредитни политики.

Според Ларсон ова се добри мерки, но има сектори кои не се опфатени со мерките.

„ За жал, досега оваа помош не функционираше добро за помалите бизниси, многумина ќе треба да се затворат и да поднесат барање за банкрот“, смета тој.

Пакетите во Европската Унија и Сединетите Американски Држави се мерат со илјадници милијарди евра. Само Германија најави пакет од 750 милијарди евра.

Goran Lefkov

Të fundit