петок, јули 26, 2024

Постојаната борба помеѓу доброто и злото

Автор: Сефер Селими Јр.

И за момент, светот замолчи. Бучните улици на светските метрополи се испразнија за да му остават простор на несигурноста и непознатото. Полиците на продавниците што со години не биле заклучени по многу време се бакнаа со клучот додека витринските светла кои се бореле за вниманието на минувачите се предадоа на темнината. Светот се лизна кон бучниот мир на молитвите и надежта.

Човештвото е искушено од големи кризи што ја дефинираат историската траекторија и ја реконструираат иднината. Опстанокот и адаптацијата се најмоќните инстинкти што им овозможија на нашиот вид да воспостави доминација над планетата Земја, ползејќи со милиони години од пештерите до високите палати што го допираат небото. Преживеавме дури и кога сите шанси беа против нас, така ќе преживееме и овој пат кога сме во војна со стар непријател – епидемија.

Но, во оваа војна каде што непријателот има невидливи војници го изложуваме нашиот карактер ставајќи во директна војна доброто со злото преку паралелни битки на разумот и глупостите, солидарноста и алчноста, интелигенцијата и шарлатанизмот – војна која никогаш не се израмни , но во ова време има друга смисла. Триумфот на едната или на другата ќе биде детерминанта за цената што ќе ја платиме ако ќе имаме победа како од Пирос или чиста победа со неизбежни загуби. И да, зборуваме за загуби на човечки животи.

Борбата помеѓу доброто и злото е божествена, континуирана и вечна војна. Тука ликовите заслабнуваат од омраза, завист и гнев и да бидат во првите редови на оваа бескрајна борба што личи на борбата на Сизиф, мора да се има непоколеблива вера, да ја негуваш лубовта честопати слепа рано и да жртвуваш од себеси.

Неопоколебливо верување дека се ќе биде добро, идеја која е често утописка но која е единствената гранка на која треба да се држиш за да не паднеш во бездната на омразата. Да се сака слепо, вклучувајќи го и непријателот и да бидеш во состојба да му простиш после победата е единствениот начин да не се борите повторно, барем за некое време. Да жртвуваш од себе борејќи се во една борба што многумина ја гледаат од позицијата на гледачот и навиваат еднаш за Давид, а потоа за Голијат, без да се прашуваат какви ќе бидат последиците за нив во случај на победа на едниот или на другиот. Сепак, оваа битка ќе продолжи и по овој предизвик, со нови и стари мотиви, стари и нови непријатели затоа што тоа е смислата на човештвото и единствената војна што не се осмелуваме да ја изгубиме.

Во ова време без време, кога сите гледаат низ страв и несигурност, алчноста виси над судбините на луѓето како чакали кога паѓа маглата. Душите поробени во својата мала себичност кои чекаат да проголтат што и да можат од трагедијата на другиот,  гаврани кои се хранат со трупови на тажна човечка судбина и стануваат еден со непријателот на врвот на битката.

Тоа се далавереџии кои пребројувањето на зделките го прават со кантарот на очајот и потребата, што, како што вели народот, ја пијат крвта со памук. Овие опортунисти се миопија кои не гледаат подалеку од нивниот сопствен интерес сè додека судбината на човечката трагедија не им тропа во нивните животи, и за иронија, испружената рака е истата рака на солидарност што ја прави разликата и денес. Солидарните луѓе се витези на борбата помеѓу доброто и злото, и во најкритичните моменти на една битка тие витези прават разлика, затоа ни требаат повеќе од нив, затоа треба и ние да бидеме такви.

Она што најмногу страда во такви ситуации е здравиот разум, уште една паралелна битка во борбата помеѓу доброто и злото. Под водство на шарлатаните нонсенсот за момент има смисла, се трансформира во разум и логика. Емоциите се отуѓуваат за да го доведат во прашање и она што отсекогаш сме знаеле и што сме виделе и слушнале. Шарлатаните во моменти на криза го имаат својот час за да ја облечат облеката на слава и да урлаат за имагинарни конспирации, за нивната апсолутна вистина и тајната што само тие ја знаат. И за момент тие се во право затоа што самоодбранбениот инстинкт е дизајниран да го идентификува непријателот, а кога непријателот е невидлив, секогаш мора да се измисли. На крајот од оваа битка, шарлатаните ќе бидат заборавени и колективниот незаборав ќе ги фрли настрана сè до следната криза, тогаш кога повторно ќе дојде нивниот момент.

Како и во минатото, и овој пат ќе триумфираме, но оваа победа ќе зависи од секој од нас. За жал, овој пат не можеме да избереме да седиме настрана и да навиваме од далеку затоа што сите сме вклучени додека она што можеме да избереме е од која страна ќе се поставиме и ова е единствениот избор што зависи од нас.

 

Të fundit