петок, јули 26, 2024

Неодговорноста е партнер на вирусот

Автор: Катерина Топалова 

Светот е пред тест-соочување со зараза која молскавично се шири. Кога вирусот косеше само во Кина, оваа вест беше сместена пред завршување на информативните блокови во медиумите. Се искачуваше во распоредот со приближувањето на нашата граница. Сега е вест број еден. Ја имаме заразата и дома!

Не е време за паника! Време е за организираност и заедништво!

Секој има своја улога во справувањето со вирусот. Од секој зависи како ќе напредува и со која брзина ќе го уништиме. Од секого зависи дали ќе биде на болнички кревет. Нема привилегирани! Ова е аларм кој покажува дека е време да се однесуваме разумно!

Ако сакате функционален систем, треба да сфатите дека ние сме системот!

Во кризни ситуации на површина испливуваат сите општествени аномалии. Немањето емпатија, немањето колективна одговорност, ниската свест, (не)подготвеноста на општеството да препознае важна од неважна вест.

Коронавирусот е уште еден потсетник за сопствено распознавање, кои сме и каде грешиме. Оваа зараза е таен нечуен глас дека пред природата сите сме еднакви. Во неволја сите сме исти и секој од секого зависи. Кога живеете во заедница, никој не смее да биде исклучен. 

Во вакви услови се потсетува на правилото за скапаното јаболко. Ако во една корпа здрави сочни јаболки имате само едно скапано, тоа нема да оздрави поради останатите, туку ќе ги разболи и здравите.

Во услови на лагодност забораваме на нашата едноставност, се лакомиме, исмејуваме, го храниме нашето его и се оддалечуваме од основните вредности. Природата секогаш наоѓа начин, најчесто суров, да не врати онаму каде што припаѓаме. Сите сме пред црвената линија. Вирусот не избира по боја на кожа, раса, возраст, моќ, пол, едноставно удира! Сите сме недопирливи додека не допре. 

Во борба со непријател се оди сложно и заедно! Особено ако тој е невидлив и им се заканува на сите! Не е време за вперување прст! Не е време за херои! Време е да ја надраснеме ситуацијата за да се спасиме!

Мораме да ја вратиме човечноста. Да бидеме солидарни и да мислиме на себеси и на заедницата. Во спротивно-сите ќе завршиме како здравите јаболка во друштво на скапаното! 

 

Të fundit