Општествата кои долго време поминуваат низ процесот на транзиција, ги губат вредностите. Таму има девалвација на системот, се губи осетот за нормално и не нормално, тешко се предвидуваат последиците од вакви настани и не се распознава опасност. Образованието одамна го изгубило чекорот со учениците па тие се препуштени на улицата. Физичкото воспитување е занемарено до бескрај и затоа овие импровизирани желби за спорт ќе се случуваат онаму каде што не им е место.
Катерина Топалова
Последниве десетина дена истражувам за улични организирани борби на малолетници. Се тргна од видео снимено со мобилен телефон каде што јасно се гледа како двајца малолетници си ги одмеруваат силите со боксерски ракавици среде бел ден во срцето на Скопје, во Капиштец. Случката не би била толку вознемирувачка ако на видеото не се гледаат и нивни врсници и возрасни лица како одоколу страсно навиваат.
За мене како новинар и родител-многу лошо. Одлучив на лице место да разговарам со локално население. Сите потврдуваат, но велат, тоа се случува подолг период и изгледа страшно, бидејќи мали момчиња со сета сила си задаваат удари. Некои велат пријавиле в полиција, а МВР потврди дека пред 13 дена добиле таква пријава.
И што сега?
Во понатамошното истражување сфатив дека поголемиот дел од родителите знаеле за овие борби. Знаеле и многу наставници, но никој не се почувствувал одговорен да преземе каков било чекор, освен евентуално дома да поразговара со своето дете да не се впушта во вакви организирани тепачки. Од сведоштвата, открив дека борбите имале и ценовник, што значи дека некој смислено заработува од желбата и адреналинот на малолетниците.
Забава за сиромашни!
Во општества сиромашни финансиски и духовно, веројатно не е чудо да се случува ова. Веројатно не треба ниту да фрапира податокот дека во реакциите на социјалните мрежи, голем број луѓе на ова гледаат како нормална појава и дека новинарите сакаат само да прават сензација.
Родителите знаат-јавно не сакаат да зборуваат!
Наставниците знаат-јавно не сакаат да зборуваат!
МВР знае и 12 дена нема информација кои се учесниците, кој ги организира борбите и колку често се случуваат!
МОН се оградува дека нема право на директна интервенција бидејќи борбите се случуваат надвор од училиштата!
Градоначалникот на Центар сам ги гледал снимките и не препознал ниту едно дете, па констатирал дека тепачите и гледачите не се од неговата општина.
Општествата кои долго време поминуваат низ процесот на транзиција, ги губат вредностите. Таму има девалвација на системот, се губи осетот за нормално и не нормално, тешко се предвидуваат последиците од вакви настани и не се распознава опасност. Образованието одамна го изгубило чекорот со учениците па тие се препуштени на улицата. Физичкото воспитување е занемарено до бескрај и затоа овие импровизирани желби за спорт ќе се случуваат онаму каде што не им е место.
Овие генерации не се поразлични од претходните. Едноставно немале среќа да се родат во земја со организиран систем, што знае да одговори на потребите на сите возрасти. Во земја во која постојат правила и санкција. Во земја во која борбените спортови не се табу но имаат пропишани правила, борачите се надгледувани од искусни тренери, местата за борба се безбедни, присутен е лекар и полиција. Адреналинот мора некаде да се потроши. Децата не се криви, тие само бараат начин да се ослободат од тензијата која ја чувствуваат, во недостиг на строго пропишани услови-сами ги создаваат, притоа не можејќи да претпостават во каква опасност се впуштаат.
Дај Боже ова да застане овде. Дај Боже да се свестиме кон што се движиме. Велам дај Боже оти остана само да му се молиме и да чекаме од него, зашто институциите одамна немаат ниту намера ниту моќ да ни помогнат!