петок, јули 26, 2024

Ако не сака Мухамед кај брегот, брегот ќе дојде кај Мухамед

Наместо Макрон во Скопје-Пендаровски во Париз. Иако по решителното „НОН“ Францускиот претседател со видео порака најави дека ќе ги посети Скопје и Тирана, сепак, агендата се смени. Следната недела македонскиот колега (најверојатно) ќе го посети него. Ако се земат предвид гласините дека месеци пред одржувањето на Самитот во Брисел официјален Париз со највисокиот ешалон не примал гости од Скопје, тогаш ова е некаков напредок.

Франција беше единствената земја-членка на ЕУ која рече „не“ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија во октомври. Макрон таа одлука ја образложи со потребата од реформа на преговарачкиот процес и средување на состојбите во самата ЕУ. Европскиот совет одлучи на прашањето да му се наврати напролет следната година. Дотогаш, како што рече францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, Франција ќе работи на реформа на методологијата на преговорите, а Скопје треба да продолжи со внатрешните реформи.

Што ќе му каже Пендаровски на Макрон

Пендаровски веќе најави дека сака од прва рака во Париз да дознае што точно се бара од неговата земја. Ако се земат предвид тврдењата од официјалниот прес за медиумите од Францускиот претставник во земјава,  тогаш Скопје ќе мора да вети исполнување на внатрешни реформи до мај.

Макрон не е гласач во Македонија, што значи не е лесно да поверува на ветувања кои со години ниту едната, ниту другата страна не ги исполнува. Тогаш, колку е веројатно Пендаровски да му вети реални реформи до мај?

Реформите практично треба да се направат за месец ипол, додека власта ја има актуелната коалиција, во спротивно од 3 јануари техничкта влада ќе треба да даде резултати за она што ќе го вети Пендаровски пред нерасположениот Макрон.

Другата опција е после 12 април, партијата која ќе победи на изборите и ќе направи Влада да ги испорача резултати за да го разубеди Францускиот претседател во мај.

Сите опции се тешко изводливи ако се земе предвид волјата да се донесе правда во земјата.

Можеме ли да ветиме фер и демократски избори? Ако со години го испорачуваме ова барање, не гледам зошто сега не би можеле да го исполниме. Ама дали Париз ќе се задоволи само со тоа?

Пендаровски има тешка задача. Ветувањата пред Макрон можат да го чинат многу доколку не се реални, доколку се реални, пак, можат да ја чинат државата уште најмалку едно одлагање на почеток на преговори во мај.

Другата опција е да се засукаат ракавите и да се работи кон исполнување на заедничката цел за која сите зборуваа пред десетина дена во Вила Водно. Знам, не сме во Скандинавија, ама време е да се запрашаме до кога ќе се лажеме!

*Следниот вторник, за кога е предвидена средбата на Макрон и Пендаровски, метеоролошките прогнози предвидуваат дожд, не се очекува ветер и магла во Скопје. Истото го велат и за во Париз!

Të fundit