сабота, јули 27, 2024

Ни треба воздух, од ветувања не се живее

„Загадувањето на воздухот ќе убие илјадници луѓе во Европа.“ Ова е заклучокот од истражувањето на Гардијан уште во 2015 година. Во него стои дека телото за надзор на животната средина на Европската Унија не успеало да дејствува врз загадувањето на воздухот. Според нив, тоа ќе доведе до прерана смрт низ државите во Европа. Податоците покажале дека во 2014 година повеќе од 400.000 луѓе предвремено починале како резултат на дишењето токсични гасови. Медицинските власти секоја година апелираат дека бројот на заболени од рак постојано расте и дека квалитетот на воздухот е сериозен причинител.

Katerina Topalova 

Знаејќи ја маката на Европа, во 2016 година, владејачката партија, вметна по некое ветување за воздухот во планот за работа. „Ќе ја комплетираме мрежата на станици за следење на квалитетот на воздухот“, ова е едно од нив запишано на 253 страна од Планот за живот за сите. Датумот за нови парламентарни избори за догодина е веќе познат, 12 април, а мрежната станица за следење на квалитетниот воздух има точен податок само за расипаните апарати кои не се во функција.

Една година подоцна, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, направи програма во која им вети на граѓаните дека ќе дишат чист воздух ако гласаат за него. 

„Обезбедуваме чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, зашто тие се клучни за здравје и за живот. За нас ништо не е поважно од здравјето на луѓето.“ Ова стои како второ ветување на Шилегов во предизборната програма. Петре дури се обврзува во програмата дека ќе тежнее Скопје да се закити со титулата „Скопје-зелена престолнина 2021“.

 На крајот на октомври во 2019 година, жителите на три македонски градови се први на удар кога е во прашање смртноста предизвикана од загаден воздух. Околу 1.000 човечки животи се губат годишно поради изложеност на загаден воздух, односно PM2.5 честички. Стапката на морталитет што се припишува на изложеноста на PM2.5 (на 100.000 жители) е највисока во градот Тетово 301, Битола 234, Скопје 208.

Поради загаден воздух, не само што има зголемена смртност, туку има и зголемен број на отсуства од настава и од работа.

Maкедонија стана една од најзагадените земји во Европа и на Балканот. Скопје постојано котира високо на листата на најтоксични светски градови. Не мора да сте признат светски експерт за да почувствувате вкус и мирис на воздухот кој го дишете. Не мириса само на чад, непознати хемикалии предизвикуваат главоболка и непријатност.

Гардијан не претскажа, оттаму со истражување уште пред четири години објавија дека загадениот амбиентален воздух ќе не убие побрзо. 

Пред некое време во МНТ ја гледав претставата „ Животот е прекрасен“, на режисерот Александар Морфов. Во неа се вели дека секој човек добива најголема желба за живот половина час пред да умре. Се плашам дека свеста и желбата за живот ќе ни пораснат и нам тогаш кога ќе биде доцна. 

Ни треба воздух, од ветувања не се живее!

Të fundit