петок, мај 17, 2024

Нивниот имиџ и нашата иднина

Средби, состаноци, лице в лице разговори. Премиерот Заев заедно со владина делегација, го користи учеството на 74. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк за да го истрча последниот круг пред одлуката на Европската Унија. Патот до ЕУ за земјава секогаш бил долг. Тоа се покажува и сега, нашиот воз до Брисел, патува преку Њујорк.

Aвтор: Katerina Topalova

На 15 октомври ќе биде донесена одлуката дали унијата ќе ни додели датум за започнување на преговорите.

Од овде во САД, Заев и министрите изразуваат оптимизам, но знаат дека трчаат со климави нозе. Одговарајќи што ќе се случи доколку и овој пат останеме без датум за преговори, тие објаснуваат колку таквата одлука ќе биде лоша за имиџот на Европската Унија. Но нивниот имиџ е всушност нашата иднина.

Од 2005 година, со кандидатскиот статус на земјава, го чекаме фамозниот датум.

Во секоја предизборна програма, евроинтегративниот процес е приоритет, иако по доаѓањето на власт никогаш никој немал идеја како тоа да го направи.

По бројните афери и скандали кои ни се провлекуваат сите овие години, надежта ја бараме во ЕУ од која очекуваме да ни стави ред дома. Одлуката во октомври може да влијае на нивниот имиџ, но и нам да ни ја скрои иднината.

Нашите политичари сега бараат логика-ако Унијата не додели датум, тогаш ќе испрати лоша порака до сите земји, а особено до регионот, дека не ги исполнува ветувањата.

Ваквите размислувања секогаш ме тераат да се запрашам-зошто нашите политичари не ја гледаат истата логика и кога нема да ги исполнат ветувањата, особено пред изборни на гласачите кои им дале доверба? Зошто тогаш тие не се грижат за сопствениот имиџ и за нашата иднина?

Да се градеше имиџот според вистинските вредности, ќе имавме реформирано судство, објективни медиуми кои работат без притисоци, добра економија и чист воздух. Секако, одана ќе бевме и дел од Европската Унија по која толку копнееме.

Но, во овие услови, останува да се надеваме и да бараме логика во одлуките на унијата кои ќе влијаат на нејзиниот имиџ и на нашата иднина.

Të fundit